Зошто бебето ги става нозете во уста? Тоа е важен дел од развојот, а еве што учат така

Бебињата учат за светот околу нив преку различни сетила – вид, допир, слух, односно гледаат, допираат, слушаат, но многу често ја користат и устата за да ја испитаат текстурата, температурата и обликот на предметите. Меѓу работите што лесно можат да ги дофатат се и сопствените стапала.

35


Многу родители се изненадени кога ќе забележат дека нивното бебе често ги става стапалата или други предмети во уста. Иако може да изгледа необично, тоа е вообичаено однесување што се јавува во првите месеци од животот и е важен дел од развојот на детето.

Бебињата учат за светот околу нив преку различни сетила – вид, допир, слух, односно гледаат, допираат, слушаат, но многу често ја користат и устата за да ја испитаат текстурата, температурата и обликот на предметите. Меѓу работите што лесно можат да ги дофатат се и сопствените стапала.

Оваа активност не е само знак на љубопитност, туку и начин детето да развие координација и мобилност. Подигнувањето на нозете кон устата помага во зајакнување на мускулите и подобрување на моторните вештини, што е корисно за подоцнежните фази како што се превртување, лазење и одење.
Исто така, во периодот кога почнуваат да им никнуваат заби, непцата стануваат чувствителни и болни, а ставањето на нозете во уста може да обезбеди моментално олеснување. Покрај тоа, ова однесување може да има и смирувачки ефект – им дава на бебињата чувство на сигурност и удобност, особено кога се уморни или нервозни.

Бебињата природно ги истражуваат своите тела и околината, па затоа ова однесување се смета за сосема нормално. Меѓутоа, ако забележите дека вашето бебе значително заостанува во моторниот развој, дека често се потпира исклучиво на овој вид стимулација или ако ова однесување продолжи и по очекуваната возраст, тогаш препорачливо е да се консултирате со педијатар.

Ставањето на нозете во уста е само еден начин на кој бебињата учат за себе и за светот околу нив – природно, безопасно и привремено однесување кое со време ќе исчезне како што детето расте.

Повеќе