Нова терапија го преполовува темпото на влошување на Алцхајмеровата болест

Нова терапија, која се прима само двапати годишно, го забавила когнитивното опаѓање кај пациентите со Алцхајмерова болест за 54 отсто во клиничко испитување, а научниците ги оценија резултатите како „возбудливи“.

8

Во големо истражување, пациентите кои примале мали дози од лекот диранерсен покажале 54 отсто помало влошување на тестовите за меморија и размислување во период од речиси две години. Резултатите укажуваат дека терапијата би можела да биде најмоќниот досега откриен третман за забавување на Алцхајмеровата болест, пишува британски Телеграф.

Ова е и првото истражување што покажало намалување на тау-протеинот, кој создава штетни наслаги поврзани со умирањето на мозочните клетки.

Терапијата делува на причината за болеста

Терапијата користи технологија за замолчување на гените, со цел да делува на причината за болеста. Таа ги блокира РНК-пораките што им даваат инструкции на мозочните клетки да произведуваат тау-протеин.

Професорот Џефри Камингс, еден од авторите на студијата, на конференцијата за клинички испитувања на Алцхајмеровата болест во Бостон изјави: Ја сменивме патологијата на Алцхајмеровата болест. Ги отстранивме тау-наслагите. Тоа е извонредно тврдење.

Професорката Рајса Сперлинг, исто така авторка на студијата и професорка по неврологија на Медицинскиот факултет на Харвард, која ги презентирала наодите од снимањата на мозокот, ги опишала резултатите како „возбудливи“.

– Овие податоци укажуваат дека не само што го забавуваме натрупувањето на тау-протеинот, туку го намалуваме и неговото насобрано количество во однос на почетното ниво – рекла таа.

Британски пациенти веќе се распрашуваат како да се вклучат во следното испитување на лекот, а се очекува регрутирањето учесници во Велика Британија да почне напролет.

Научниците веруваат дека повеќе процеси заедно придонесуваат за развојот на Алцхајмеровата болест. Амилоидот се натрупува во наслаги меѓу мозочните клетки, додека тау-протеинот создава заплеткани структури во нив. Имунолошките клетки на мозокот се обидуваат да ги отстранат овие наслаги, но долготрајното воспаление може да предизвика дополнителни оштетувања.

Истражувањето, финансирано од компанијата „Биоген“, е првото што покажало дека намалувањето на тау-протеинот може да го забави напредувањето на Алцхајмеровата болест.

Првите лекови одобрени во Велика Британија за забавување на болеста се насочени кон амилоидот.

Бидејќи во моментов се развиваат повеќе од 160 лекови, некои експерти сметаат дека најголемата надеж за запирање на болеста би можела да биде комбинација од терапии што истовремено ќе делуваат на неколку од овие процеси.

Сепак, постои загриженост дека Велика Британија заостанува, бидејќи првите лекови за кои е докажано дека го забавуваат напредувањето на болеста не се достапни преку Националната здравствена служба (НХС).

Во „Телеграф“ минатата недела, лорд Камерон го повика Енди Барнам да овозможи пациентите преку НХС да ги добијат овие нови терапии.

Диранерсен го открила фармацевтската компанија „Ionis Pharmaceuticals“, а во моментов го развива „Biogen“.

Нова надеж за пациентите

Д-р Лорен Вандевреде, истражувач во испитувањето од Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско, ги опиша резултатите како „навистина возбудливи“. Според него, тие даваат надеж дека пациентите би можеле да останат во раната фаза на Алцхајмеровата болест двојно подолго.

– Тоа значи двојно подолг период во раните фази на болеста – им рече тој на учесниците на конференцијата, но нагласи дека е потребно подолго следење за да се утврди дали придобивките ќе траат.

Меѓународното испитување од втора фаза, наречено CELIA, опфатило 416 лица со рана Алцхајмерова болест, меѓу кои пациенти со благо когнитивно нарушување и лица со лесна деменција. Биле споредувани три начини на дозирање со плацебо.

Најдобрите резултати биле забележани кај групата од 60 пациенти кои ја примале најмалата доза – 60 милиграми на секои 24 недели. Лекот им бил вбризгуван во спиналната течност во долниот дел од грбот.

Посочувајќи дека терапијата се примала само двапати годишно, професорот Камингс рече: Мислам дека не му посветуваме доволно внимание на тој податок.

Од пациентите кои ја завршиле почетната студија во траење од 76 недели, девет од десетмина одлучиле да продолжат со учеството. По 96 недели, оние што ја примале терапијата од самиот почеток биле споредени со учесниците кои првично добивале плацебо, а потоа или не примиле активен лек или добиле само една доза.

На тестот за меморија и размислување, пациентите од групата со најниска доза покажале 54 отсто помало влошување по 96 недели. На поширок тест, кој ја оценувал и способноста на пациентите да ги извршуваат секојдневните активности, разликата изнесувала 38 отсто.

Резултатите укажуваат на потенцијално поголем ефект од оној на постојните лекови за Алцхајмерова болест. Лекот леканемаб, еден од двата неодамна одобрени третмани, го забавил клиничкото влошување за 27 отсто во испитувањата, додека донанемаб постигнал 35 отсто според поинаков показател.

Сепак, резултатите не можат директно да се споредуваат бидејќи истражувањата користеле различни методи и опфатиле различни групи пациенти.

Професорката Сперлинг вели дека намалувањето на тау-протеинот било особено забележливо во областите каде што тој претходно бил значително насобран, вклучувајќи ги и деловите од мозокот важни за меморијата. Таа опиша намалување на наслагите од тау-протеин за кои се верува дека биле присутни „многу години“.

Помала доза – подобри резултати

Професорката Кет Мумери од Универзитетскиот колеџ во Лондон, една од авторките на студијата, вели дека веќе има пациенти заинтересирани за следното испитување, во кое ќе бидат вклучени и учесници од Велика Британија.

– Веќе има пациенти кои ме прашуваат дали можат да учествуваат – изјави таа.

Кога резултатите првпат биле презентирани претходно летово, било утврдено дека студијата не ја исполнила првично поставената главна цел – да покаже дека зголемувањето на дозата носи поголема корист.

Најдобриот одговор, наместо тоа, бил забележан кај пациентите кои ја примале најмалата доза. Тоа укажува дека истражувачите можеби ја пронашле оптималната количина на лекот, при која помала доза дава подобри резултати.

Експертите нагласија дека наодите мора да бидат потврдени во поголемо испитување од третата фаза. Истражувачите соопштија дека пациентите генерално добро ја поднесувале терапијата. Меѓу несаканите ефекти биле болка поврзана со лумбалната пункција, главоболка и збунетост, која почесто се јавувала кај пациентите што примале поголеми дози.

Сузан Колхас, извршна директорка за истражување и партнерства во организацијата „Alzheimer’s Research UK“, изјави дека откритието е дел од „нова ера“ во лекувањето на Алцхајмеровата болест и предупреди дека Велика Британија ризикува да заостане.

– Сега сме во период во кој гледаме многу возбудливи достигнувања, а тие се случуваат едно по друго – вели Колхас.

Таа го повика НХС да преземе мерки, посочувајќи дека првите лекови за кои е докажано дека ја забавуваат болеста сè уште не им се достапни „дури ни на мал број пациенти во рамките на Националниот здравствен систем во Велика Британија“.

Повеќе