Недостатокот на сон е нешто што е едноставно дел од родителството – особено кога сте родител на мало бебе. Но, понекогаш бебињата дури и кога се малку порастанати не спијат како што треба. Понекогаш се чини дека нема спас ниту решение.
Уште додека бевте бремени, сите ви велеа дека можете да се збогувате со спиењето и дека од сега па натаму ќе бидете лишени од сон. И тогаш бебето доаѓа и сфаќате дека е навистина така.
И едвај чекате малку да порасне и да почне да спие барем малку повеќе. А потоа за некои луѓе тоа не се случува дури ни тогаш. Наместо тоа, детето никогаш не почнува да спие нормално.
И се прашувате како и зошто, баш вие? Дали има надеж дека некогаш ќе спие добро?
Па, се чини дека за некои, нема надеж. Некои деца едноставно лошо спијат и тоа е запишано во нивните гени. Со други зборови, нема ништо што можете да направите во врска со нив.
Неодамна објавено истражување покажа дека она што се манифестира како несоница подоцна во животот може да биде тесно поврзано со лошиот сон на детето на рана возраст.
Ова значи дека ако некој е предиспониран за несоница, можно е дека уште од мал имал лош сон или проблеми со спиењето.
Истражувањето спроведено во Холандскиот институт за невронаука во Амстердам и објавено во Journal of Child Psychology and Psychiatry покажало дека децата кои имаат генетска предиспозиција за несоница имаат проблеми со спиењето уште од рана возраст – тие имаат тешкотии да заспијат или често се будат во текот на ноќта.
„Често мислиме дека несоницата се развива подоцна во животот, но тука покажавме дека најраните знаци на несоница во зрелоста се појавуваат во раното детство“, рекол д-р Еус ван Сомерен од институтот во Амстердам. Сепак, генетската предиспозиција е само дел од сложувалката, па на родителите може да им олесни кога ќе знаат дека со одржување на „хигиената“ на спиењето сè уште може да се направи нешто.
За време на студијата, истражувачите проучувале околу 2.500 деца во Европа, од кои половина биле девојчиња, и тие учествувале во студијата од моментот на раѓање. Доказите биле собирани кога тбиле бебиња од нивните папочни врвци, ДНК од нивната крв и подоцна, на шестгодишна возраст. Мајките ги споделиле податоците за спиењето на своите деца со истражувачите на една и пол, тригодишна и шестгодишна возраст. Тие одговарале на прашања како на пример дали нивните деца имаат проблеми со заспивањето, спијат помалку од другите деца или се будат во текот на ноќта.
Истражувачите откриле дека постои генетска предиспозиција за развој на несоница, што значи дека развојот на несоница подоцна во животот е поврзан со симптоми слични на несоница пријавени од нивните мајки, но овие симптоми не биле откриени од уредите за следење на спиењето, кои се пообјективни.
„Децата кои беа генетски предиспонирани за несоница имаа повеќе проблеми со спиењето слични на несоница, додека оние кои беа генетски предиспонирани да спијат подолго имаа подолго траење на спиењето, но исто така беа повеќе будни во текот на ноќта во адолесценцијата“, се вели во студијата.
Иако е докажано дека постои одредена генетска предиспозиција, ова само дополнително покажува колку е важно навремено да се воведе добра хигиена на спиењето – ова вклучува, меѓу другото, идеална средина за спиење, правилна исхрана, воспоставена рутина и следење на времето на будење.
Сепак, имајте на ум дека детето ќе ги наследи навиките што ги имаат родителите, затоа не очекувајте вашето дете да си легне рано, ако вие цел живот сте биле ноќна птица. Или обратно.