Како дозволивме? Случајот од Ѓорче Петров како огледало на општеството

По шокантниот настан во скопското училиште, време е да престанеме да го нарекуваме насилството „нормален дел од растењето“. А и ова што се случи, дефинитивно не е обична детска кавга. Што е следно, некој локален Коста Кецмановиќ?

146

Случајот од скопската населба Ѓорче Петров, во кој девојче било понижувано и присилувано да јаде измет од куче од страна на свои врсници, не е само уште една вознемирувачка вест. Овој случај е аларм, потресен пример до каде може да оди суровоста кога насилството меѓу децата се игнорира, се потценува или – уште полошо – се оправдува како „нормална фаза“.

Ученичката од шесто одделение била брутално малтретирана од три повозрасни девојчиња. Според информациите, девојчето било донесено насила, па следувало монструозно насилство, кое го надминува она што се нарекува обична детска расправија. Девојчето било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и присилувано да јаде измет од куче. Дел од бруталниот чин бил снимен со мобилен телефон.

Информациите што излегоа во јавноста укажуваат на сериозен инцидент на врсничко насилство кој покажува комплетно отсуство на емпатија меѓу децата. Ваквите случаи најчесто не се изолирани – тие се случуваат во средини каде што насилството тлее подолго време, но не се решава никако.

Прашањето е, колку вакви случаи веќе има – само што не стигнале до „насловните страници“?

Ако системот продолжи да реагира со: опомени наместо мерки, со молк наместо одговорност и со

формалности наместо заштита, тогаш насилството само ќе расте.

Секое дете има право на безгрижно детство. И покрај вкоренетото мислење дека врсничкото насилство е „дел од растењето“, вистината е поинаква: ниедно дете не треба да доживее насилство – ни во училиште, ни на интернет, ни дома. Врсничкото насилство е сериозен општествен проблем кој остава длабоки последици врз психичкото и физичкото здравје, образованието и иднината на детето.

Насилството во училиштата не се сведува само на физички напади. Тоа има многу облици: навреди, исмејување, ширење гласини, исклучување од друштво, понижување – па дури и дигитално малтретирање преку пораки и социјални мрежи.

Најчесто на удар се децата што се перципираат како „различни“ – по изглед, однесување, потекло или социјален статус. И насилниците не се секогаш „лоши деца“. Често и тие се соочуваат со сопствени проблеми – во семејството, во средината или во себе. Некогаш насилството им е начин да прикријат несигурност или да стекнат статус. Ама тоа не значи дека треба да мислат дека е се дозволено. Затоа тука се училиштата, стручните лица, родителите, …

Проблемот е што насилството често останува невидливо. Децата-жртви молчат – од страв, срам или чувство дека никој нема да им помогне. Затоа возрасните мора да ги препознаат сигналите: нагли промени во однесувањето, избегнување на училиштето, необјаснети повреди, изолација, тајновитост.

Превенцијата почнува со едукација. Децата треба да знаат што е насилство и дека имаат право да кажат „не“. Ама и насилниците мора да се научат на емпатија, но и да се научат дека нема да им се прогледува низ прсти.

Експертите се согласни дека родителската посветеност е неопходна, но не и доволна, туку мора да постои системска заштита, поостри санкции, подобра координација меѓу училиштата, семејствата и полицијата, и национална стратегија за превенција. Граѓаните на социјалните мрежи отидоа чекор подалеку, барајќи сериозно разгледување на забрана за социјални мрежи кај малолетниците поради нивното растечко негативно влијание.

Случајот од Ѓорче Петров не смее да заврши како уште една заборавена вест.

Немојте после да се чудиме… Што следува после ова, некој локален Коста Кецмановиќ, на кој ќе му текне наместо да ги малтретира или да биде малтретиран од врсниците, да употреби пиштол?

Доста беше со релативизирање. Ова што се случи не е „детска фаза“, туку сериозно насилство и мора да следат конкретни последици – дисциплински мерки, вклучување на социјални служби и јасна одговорност за сите што затаиле. Но, само казна не е решение ако по неа сè остане исто. Без системска работа со децата што вршат насилство – задолжителни програми, надзор и вклучување на родителите – казната ќе биде само пауза, а не вистинска промена. Граници мора да има, и тие мора да се спроведуваат. Инаку, не е прашање дали ќе има следен случај, туку кога ќе има.

Повеќе