Што мисли моето дете за себе?

Негативното мислење што за себе го стекнуваме во најраното детство силно ќе влијае на нашата самодоверба низ целиот живот. Проверете каков родител сте му на своето дете и прашајте се: Што мисли моето дете за себе како резултат на тоа што сум му ЈАС родител?

250

За да откриете каков родител сте, постои едно, едноставно прашање кое треба да си го поставите себеси. Што ве прави лош родител?

Во ред, малкумина се оние кои се родители и кои го читаат овој текст, а нивните родители да не викале на нив. И можеби сме можеле да испаднеме подобри родители, но не сме ниту пак целосно изгубени случаи.
Но, не секое врескање е исто. Бројни истражувања покажале дека континуираните вербални навреди го имаат истиот негативен ефект како редовниот ќотек. Но, она што мал број истражувања го разјаснуваат е тоа што се, всушност, вербалните навреди, а што врескањето на децата. Самото врескање е мошне малку штетно, доколку не е проследено со навреди на сметка на детето. Кога вербалната дисциплина ја погодува сржта на детското суштество, кога влијае на неговиот став за самото него, тука настанува проблемот.

Како да престанете да им викате на децата?

Еве и пример. Ако вашето дете, на пример, го истури сокот во вашиот скут, а вие гласно викнете: „Уф, бе!“, вие не сте го нападнале детето, неговиот карактер и него лично. Мали се шансите детето тоа да го направило намерно. Но, ако викнете на детето: „Идиот еден! Во што гледаш?! Не можам да верувам што направи!“, тоа е веќе проблем.  

Втората реакција е директниот напад на детето и во неговиот ум можете да формирате негативен став за него и за неговите способности, дури и ако нималку не сте го покачиле тонот додека сте зборувале. Можеби најкритичниот дел е кога велите: „На што мислеше? Не можам да поверувам што направи?“ Таквите зборови патуваат директно во срцето и мозокот на детето и формираат негов став за себе. А тој став обично е: „Јас сум глупав. Јас сум неспретен. Јас сум лош.“

И не е битно колку вие сте прекрасни кон своето дете во сите други ситуации, колку внимание му посветувате, нема со тоа да ги избришете негативните ефекти на вербалните навреди. Детето на кое му се зборува дека е лошо и немирно, ќе го задржи таквото мислење за себе и тогаш кога го галите и фалите. 

Друг пример: Ако на детето кое се обидува само да си стави сок секој пат му велите: „Остави, пушти ме мене, ќе го истуриш сокот“, детето лесно за себе ќе почне да мисли дека е неспособно, што понатаму ќе влијае на неговото однесување така што лесно ќе се откажува од тоа – сам да направи некои работи или ќе очекува од другите да донесат важни одлуки.

Можеби вие на детето му посветувате внимание и го ставате во центарот на својот свет и можеби тоа не е свесно дека е важно, но тоа не ја менува работата да се чувствува неспособно, бидејќи не му е дозволено работите да ги извршува само. Негативното мислење што за себе го стекнуваме во најраното детство силно ќе влијае на нашата самодоверба низ целиот живот.

Секако дека речиси секој родител одвреме навреме ја губи контролата и почнува да вреска на детето. Трудете се со сите сили тоа да го избегнете. Но, ако брзате на закажаниот лекарски преглед, ако детето не сака да се облече, а штотуку сте ја истуриле и полната шолја со кафе, тешко дека ќе останете смирени и ќе се обидете низ игра и шега да го наведете детето да ве послуша. И тоа е разбирливо.

Повременото викање не ве прави лош родител. Она што го карактеризира лошиот родител е константното врескање и навредување на детето, кое длабоко во неговата душа всадува негативни верувања за себе. Тоа што го кревате тонот, е значително помалку штетно од зборовите што ги изговарате.

А, за оние кои велат: „Ако не си строг родител, децата ќе станат млитави“ постои едноставен одговор: „Животот ќе се погрижи за тоа да им зададе доволно препреки и проблеми. Родителите треба да бидат тука како потпора, тешките моменти да ги ублажат, а не да ги создадат.“

За да откриете каков родител сте, постои едно, едноставно прашање кое треба да го поставите себеси: „Што мисли моето дете за себе, како резултат на тоа што сум му ЈАС родител?“

Повеќе