Пријателски места за аутизам
Станува збор за концепт создаден за да одговори на потребите на лицата од спектарот на аутизам. Едно од таквите места е и етноресторанот „Кај Виктор“, кој е всушност само дел од еден цел проект кој го осмислил Коста Тимов за да можат да функционираат заедно со неговиот 19-годишен син Виктор кој има аутизам
Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) по повод завршувањето на проектот „Пријателски места за аутизмот“ во среда (11 мај) ќе организира промоција на проектот во Музејот на македонската борба.
Пријателски места за аутизам е концепт создаден за да одговори на потребите на лицата од спектарот на аутизам. Тој нуди образовен аспект преку онлајн модули, критериуми и упатства за продавниците и институциите да аплицираат за сертификат, како и начин да се создадат повеќе инклузивни младински центри.
Проектот е финансиран од Еразмус плус програмата на ЕУ и истиот МНЗА го спроведува заедно со асоцијацијата „Призми“ од Малта, две други институции од Малта, Аутизам Европа од Брисел и здружението Learning Designers од Шпанија.
Главните цели на овој проект се:
- прилагодливи околини да бидат подостапни за лицата со аутизам,
- обезбедување обука и создавање свест во заедницата,
- зачувување на социјалниот аспект за млади лица со аутизам.
Во рамките на проектот шест млади лица од Македонија во текот на јануари 2022 година престојувале на тренинг обуки во Малта. Во текот на март на Филозофскиот факултет во Скопје се одржале 4 младински хабови за лица со аутизам и уште 4 слични такви во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп. Од Македонија дваесетина институции се стекнале со сертификат кој на свечен начин ќе им биде доделен на настанот.
Едно од пријателските места за аутизам е и етноресторанот „Кај Виктор“, кој е всушност само дел од еден цел проект кој го осмислил Коста Тимов за да можат да функционираат заедно со неговиот 19-годишен син Виктор кој има аутизам.