Што се случува кога родителите очекуваат премногу од своите деца?

Проблемот настанува во случај кога родителите ќе постават недостижни очекувања кои детето не може да ги достигне. Оваа ситуација може да се случи или поради тоа што родителот погрешно ги проценил силите и капацитетите на сопственото дете, или пак родителот е исклучиво фокусиран на резултатот, односно постигнувањето.

243

Сите ние сме се обиделе да ги исполниме очекувањата на нашите родители барем еднаш во нашиот живот. Понекогаш сме успевале, понекогаш не. Во вториот случај, чувството кое се појавува, односно чувството на вина, можно е да остане со нас до крајот на нашиот живот и постојано да се обидуваме да го оствариме очекувањето.

Природно е родителите да се грижат за нивните деца и да ги насочат во правец што тие сметаат дека ќе ги однесе децата во исполнет и успешен живот. Имајќи ја оваа цел на ум, родителите успеваат да ја дадат насоката со тоа што поставуваат очекувања кои децата би требало да ги исполнат.

Сѐ додека овие очекувања се „реалистични“, односно, во согласност со можностите и потенцијалите на моменталната возраст на детето, децата се возбудени да ги остварат и на тој начин се чувствуваат компетенти. Исто така, го развиваат чувството дека се вредни и им се развива самодовербата.

Проблемот настанува во случај кога родителите ќе постават недостижни очекувања кои детето не може да ги достигне. Оваа ситуација може да се случи или поради тоа што родителот погрешно ги проценил силите и капацитетите на сопственото дете, или пак родителот е исклучиво фокусиран на резултатот, односно постигнувањето.

Благодарение на недостижната природа на овие очекувања, неминовно е децата да бидат неуспешни при нивно остварување. При ваков случај, децата развиваат чувство на вина, почнуваат да се сомневаат во себе и своите потенцијали и да се чувствуваат помалку вредни.

Како родителот ќе изреагира во случај кога детето нема да ја исполни целта е од огромна важност. При критика или казна, детето ќе остане со вината и чувството на помала вредност, а тоа пак ќе ја намали иницијативата и мотивацијата на детето да учествува во идни задачи. Во некои случаи, детето може и да се откаже од било каков обид да ја исполни задачата сомневајќи се во сопствениот потенцијал.

Во обратниот случај, кога родителот реагира со прифаќање, разбирање и го пофалува обидот на детето да ја исполни задачата, детето ќе биде помотивирано да се обиде повторно или пак да ги вежба и усовршува своите потенцијали и вештини.

Со цел да се намалат нереалистичните очекувања, една од препораките за родителите е да бидат свесни за моменталните можности и стекнати вештини на сопственото дете. Ова би им помогнало да осмислат цели и насоки кои би биле предизвик за детето, без да се чувствува лошо за самото себе.

Исто така, во задачите кои се потешки или посложени за детето, родителот може да го поддржи и насочи детето за нивно остварување. Ова би означувало давање насоки како целите можат да се остварат, без родителот да ги исполнува наместо детето. На овој начин би се зајакнала и врската што родителот и детето ја градат и детето, верувајќи му на родителот и потпирајќи се на него, ќе научи да си верува самото на себе.

Кристијан Павловски, психолог (супервизор на Линијата за родители)

Повеќе