Најголемата грешка е децата да се тепаат: Познат психолог го откри најдобриот метод на казнување

Родителите често мислат дека детето прави одредени работи намерно или од инает. Вистина е дека во 99 отсто од случаите, децата прават одредени работи ненамерно, односно без лоша намера. Ако го казните детето без објаснување, во 90 проценти од случаите нема да извлечат од тоа никаков заклучок, вели рускиот психолог Михаил Лабовски

2.779

Познатиот руски психолог Михаил Лабовски пред неколку месеци објави нова книга посветена на воспитувањето, која набрзо стана голем хит, а со добра причина – нуди конкретни насоки за воспитување деца кои ќе пораснат во ментално здрави, независни и среќни возрасни личности.

Лабовски има преку 30 години практично искуство, а магазинот Форбс го вброи меѓу најпознатите психолози на денешницата. Во книгата I Love and Understand: How to Raise Happy Kids (Without Going Crazy with Anxiety), тој ги анализира специфичните предизвици што воспитувањето на детето им ги поставува на родителите: што да се прави во првата година од животот на бебето, како да се одгледува детето до тригодишна возраст, како да се пристапи кон раниот детски развој, како да се подготви детето за училиште и зошто е проблем само една петка во училишниот дневник.

Во едно поглавје, тој се осврнал на казнувањето на децата со ќотек. Според него, некои родители имаат позитивен став кон физичкото казнување бидејќи тие самите биле подложени на овој метод на воспитување во детството и не разбираат колку е „страшна“ оваа техника.

„Јас добивав ќотек и ништо не ми се случи“

„Не треба секогаш да ги следите родителите или да го земете сопственото детство за пример. Родител кој тепа дете е психички неурамнотежен, тоа е личност која има проблем со бесот и агресијата. Родителот треба да си го реши проблемот, а не да го пренесува на детето“, вели Лабовски.

Потоа објаснува што се случува во главата на детето ако родителите го тепаат: „Тој разбира дека светот функционира така што посилниот може да го повреди послабиот. Детето мисли дека родителите не го сакаат. Тоа е лошо. Во што ќе се претвори тоа дете тогаш? Како ќе комуницира со другите луѓе, со животните? Како ќе ги воспитува своите деца?”

Психологот ги советува родителите секогаш да разговараат со своите деца, детално да објаснат каде и кога грешат. Притоа, критиките не треба да се фокусираат на квалитетите на детето, туку на неговиот чин.

„Ти направи нешто лошо, а мене не ми се допаѓа тоа однесување“ или „Навистина ми пречи што се однесуваш така“, се примери на реченици на кои родителите можат да се фокусираат.

Нема потреба да викате

Исто така, Лабовски советува да разговарате со детето со нормален тон и да не му викате, па дури и да направило нешто лошо – тонот да биде нежен, но цврст. Казната не мора да биде придружена со викање, гневни гестови и луто лице. Тој нагласи и кои казни се прифатливи според него.

„Мислам дека е сосема прифатливо да му се ускратат на детето играчки, гаџети или други материјални работи или одење на забавен настан. Она што е погрешно е да му се оневозможи престој на свеж воздух или да се стави во домашен притвор“, посочи тој.

Во казната мора да учествуваат и двајцата родители

Психологот нагласува дека е потребна солидарност во семејството, односно мајката и таткото да немаат несогласувања и подеднакво да ги казнуваат сите деца. Во спротивно, едното дете ќе сфати дека може сѐ, а другото ништо, што ќе доведе до манипулација.

„Родителите често мислат дека детето прави одредени работи намерно или од инает. Вистина е дека во 99 отсто од случаите, децата прават одредени работи ненамерно, односно без лоша намера. Ако го казните детето без објаснување, во 90 проценти од случаите нема да извлечат од тоа никаков заклучок“, заклучи тој.

Повеќе