Ако го направиш ова, ќе го добиеш она! Поткупувањето на децата со награди носи долгорочна штета

Прочитајте зошто наградите и стимулациите не делуваат на мотивацијата на децата долгорочно и што да правите наместо тоа

1.018

Давањето награди или стимулации за детето може да биде многу примамливо во време на очај. Тоа е затоа што наградите честопати можат да ви помогнат да го добиете она што го сакате… на краток рок.

Дали наградите помагаат да се мотивираат децата на долг рок? Не. Всушност, наградите ѝ нанесуваат долгорочна штета на мотивацијата. Зошто?

Наградите ја поткопуваат внатрешната мотивација
Децата се раѓаат со внатрешна мотивација. Никој не му нуди на бебето награда или „мито“ за да го натера да научи да лази. Никој не му нуди на тригодишно дете поттик да се интересира зошто небото е сино или како растат растенијата. Никој не треба да го прави ова бидејќи луѓето се раѓаат љубопитни и желни да работат за да ги развијат своите тела и умови.

Луѓето се природно суштински мотивирани, а обезбедувањето награди всушност може да ја „одземе“ таа прекрасна природна мотивација на начин што го тера детето да сака да направи нешто за вас наместо за себе.

На пример, да речеме дека Марко природно ужива во собирање на лисја. Тоа е одлична можност за детето да помине време надвор, да ги користи своите мускули и да направи некоја корисна задача што го прави да се чувствува добро. Но, можеби еден ден ќе го замолите да ви помогне да ги соберете листовите и тој ќе ви каже „не“ затоа што е зафатен со играње со лего коцки. Навистина ви треба помошта од вашето дете и му нудите награда – можеби малку бонбони или дополнително време пред екранот ако ви помогне. Задачата е завршена, а Марко е среќен бидејќи доби дополнителни 30 минути да ја одигра својата игра. Сите се среќни, нели?
Но, што следниот пат? Вашето дете можеби нема да сака да собира лисја поради тоа што ужива во тоа. Сега ќе очекува и награда бидејќи сега има надворешна мотивација.

Ова не е само мала непријатност, сега треба да имате куп слатки на залиха или да си ги собирате лисјата сами – и ова е фундаментална промена во тоа како детето гледа на работата. Внатрешно мотивираните деца се трудат и работат напорно затоа што уживаат во предизвиците, сакаат да учат нови работи и уживаат во чувството на задоволство што доаѓа од придонесот во заедницата.
Надворешно мотивираните деца прават работи за да добијат пофалба или награда од другите луѓе. Овој начин на размислување може да го следи детето во зрелоста, па затоа е важно да се поддржи природната внатрешна мотивација на детето додека е мало. Експертката и авторка на бројни бестселери, Гретчен Рубин, нагласува дека наградите и за децата и за возрасните функционираат на краток рок.

Наградите ја намалуваат вредноста на активноста
Да му кажете на детето дека ќе му дадете нешто ако заврши некоја задача, значи дека задачата е некако непријатна или сама по себе безвредна. На пример, реченица како: „Ако цел месец си ја правиш домашната задача, можеш да избереш која било играчка во продавницата“, имплицира дека домашната задача сама по себе не е вредна, односно дека не вреди да се прави поинаку.

Наградите го игнорираат основниот проблем
Нудењето награда за пожелно однесување ја игнорира основната причина зошто детето нешто одбива. На пример, родителот може да помисли „Моето дете одбива да чита, јас ќе му дадам награда за секоја книга што ќе ја прочита“.
Овој тип на систем не успева: родителот дури и не прашува зошто детето не сака да чита. Можеби детето нема книги што го интересираат и би сакало книга за диносаурусите. Можеби досега прочитаните книги биле премногу или премалку предизвик за детето. Можеби детето повеќе би уживало во читањето доколку вие седите до него и вие ја читате вашата книга, или повеќе би уживало кога вие би му читале книга.

Ако вашето дете одбие да направи нешто, тогаш има причина зошто, а понудата на награда може да ве спречи да ја откриете таа причина.

Наградите не функционираат, но што да се прави наместо тоа?

Поврзете се
Децата секогаш ќе бидат поподготвени да го прават она што ќе им кажете да го прават ако се чувствуваат поврзани со вас. Истото важи и за возрасните. Создадете време за поврзување и игра. Ако вашето дете одбива да се подготви да излезе од дома секое утро, обидете се да го разбудите 15 минути порано за да имате време да се гушкате или да прочитате сликовница. Секогаш обидувајте се да се поврзете пред да побарате нешто.

Прашајте „зошто“?
Во зависност од возраста и темпераментот на детето, можеби ќе можете директно да го прашате детето зошто одбива да направи нешто или можеби ќе треба да го проучите детето и да се обидете сами да ја дешифрирате причината.
Одбивањето на детето може да биде директно поврзано со задачата. На пример, неговите чевли се премногу комплицирани и поради тоа се чувствува фрустрирано. Или може да се работи за нешто друго, на пример, детето се чувствува премногу уморно за да ја исчисти собата навечер и би било многу поудобно да го направи тоа во сабота наутро.

Понудете помош

Без разлика дали на детето му е потребна помош или не, покажувањето солидарност и понудата за помош може да ја поттикне подготвеноста на детето да учествува. Доволно е често да се нуди помош и да се биде присутен. Можеби можете да кажете: „Таа домашна задача звучи незгодно. Ќе бидам во кујната додека ја правиш, па слободно побарај ме за помош ако ти треба“. Или со мало дете кое одбива да ги собере играчките: „Леле, има толку многу играчки на подот, што изгледа како работа за две лица. Јас ќе ги ставам куклите на место, од каде ќе почнеш ти?“

Многумина од нас пораснаа со награди и стимулации за добро однесување и може да биде сосема природно да ги користиме со нашите деца. Сепак, вреди да се пробаат и други алатки, особено ако помагаат да се заштити внатрешното чувство на мотивација на вашето дете. Нудењето награди води само до тоа децата да бараат повеќе награди, додека поврзувањето и размислувањето за однесувањето може да доведат до долгорочни резултати.

Повеќе