Синхронизација на менструацијата: реалност или мит?
Грчевите, крварењето и промените во расположението воопшто не се забавни, но полесно е кога не поминуваме низ сето тоа сами, нели?
Синхронизација на менструацијата? Можеби сте слушнале или сте ја доживеале, но дали знаете за што всушност станува збор? Овој феномен, познат и како Меклинток ефект, се однесува на теоријата дека менструалните циклуси на жените кои поминуваат многу време заедно може да се усогласат и да станат послични со текот на времето.
Влијанието на социјалните интеракции врз менструалниот циклус
Според истражувањето на Марта К. Меклинток, објавено во 1971 година во списанието Nature, социјалните интеракции можат да влијаат на менструалниот циклус. Имено, во своето истражување Меклинток забележала дека постепено се усогласуваат циклусите на студентките во домовите, кои поминувале многу време заедно.
Истражувањето покажало дека интеракциите меѓу жените во голема мера влијаеле на нивните менструални циклуси и дека феромоните што ги ослободуваат жените имаат клучна улога во синхронизацијата.
Други студии во 80-тите и 90-тите го следеле ова истражување, со мешани резултати: некои тврделе дека менструалната синхронија е реална, додека други не нашле докази за тоа. Студијата од 2006 година на 186 жени не открила докази за менструална синхронизација, а статијата на Страсман сугерира дека синхронизацијата може да се случи случајно, а не како последица од делувањето на феромоните.
Синхронизација како последица од делувањето на феромоните?
Феромоните се хемиски фактори кои ги лачиме, а кои делуваат како хормони на примателите. Меклинток тврдела дека тие се причина за менструалната синхронизација, но денес тоа се смета за малку веројатно. Причината е што, во споредба со животните, ние немаме органи во носот кои ги примаат овие сигнали. Дури и ако го оставиме тоа настрана, миењето и хигиената се клучни во денешно време, па повеќето од нашите феромони се измиени. Но, кој знае, можеби порано било поинаку.
Овие студии не нашле убедливи докази за или против менструалната синхронија. Сепак, тие истакнуваат дека до синхронизација може да дојде неочекувано во текот на менструацијата.
Како е тоа можно? Одговорот е едноставен – менструацијата не може секогаш да дојде на време. Некогаш може да доцни ден или два, другпат дваесет дена или повеќе, а порано или подоцна ќе се совпадне со онаа на блиските пријателки. Тоа е едноставна математика. Можеби таа синхронизација ќе трае со месеци, можеби ќе биде пократка, којзнае. Она што го знаеме е дека е полесно кога не треба да страдате сами.
Значи, дали менструациите се синхронизираат?
И покрај најновите докази дека нема интеракција помеѓу вашите феромони и феромоните на оние околу вас, има добри шанси да бидете во синхронизација, барем за некое време – тоа е чиста математика! Може да биде утешно да знаете дека некој ваш близок поминува низ исти или барем слични работи и вие се чувствувате поблиски со таа личност. Полесно е да се справите со ситуацијата кога знаете дека не сте сами во неа.
Значи, нема причина да се напушти идејата за синхронизирани циклуси. Забавно е да видите дали сте усогласени овој месец. Но, не го сфаќајте тоа премногу сериозно, претворете го овој феномен во игра и научете сè за него. Ако повремената синхронизација прави да се чувствувате подобро и ако ја зацврсти вашата врска со блиска личност, прифатете ја. Којзнае, можеби еден ден ново истражување ќе докаже дека менструалната синхронизација навистина постои.