Тироидата е жлезда која се наоѓа во предниот дел на вратот. Таа произведува хормони кои го помагаат развојот и растот на мозокот кај доенчињата, а исто така игра важна улога во регулирањето на метаболизмот кај возрасните. Честопати, проблемите со тироидната жлезда кај децата се пропуштаат бидејќи симптомите лесно може да се помешаат со други состојби. Иако повеќето нарушувања на тироидната жлезда се јавуваат кај возрасни, тие можат да се развијат и кај мали деца, пишува Times of India.
Хипотироидизам и хипертироидизам се двете најчести болести на тироидната жлезда. За хипотироидизам зборуваме кога тироидната жлезда е премалку активна, што значи дека произведува премалку тироидни хормони. Состојбата која најверојатно ќе го предизвика ова нарушување е Хашимотовиот тироидитис, кој обично е генетски. Лекарите велат дека вродениот хипотироидизам е најчест проблем со тироидната жлезда кај новороденчињата, а кај детето може да се развие и стекнат хипотироидизам кој најчесто се јавува во адолесценцијата.
За разлика од хипотироидизмот, хипертироидизмот се јавува кога тироидната жлезда е прекумерно активна и произведува повеќе хормони отколку што му требаат на човекот. Истражувањата покажуваат дека едно од 10.000 деца ја развива оваа состојба, поради што е исклучително ретка.
Некои од вообичаените симптоми на хипотироидизам кај децата вклучуваат замор и недостаток на енергија, запек, сува кожа, застој во растот, чувство на студ, воспаление на мускулите, одложен пубертет и чести модринки.
Од друга страна, знаците на хипертироидизам вклучуваат проблеми со концентрацијата, чувство на топлина или забрзана работа на срцето, зголемен апетит, губење на тежината, проблеми со спиењето, тремор во рацете, мускулна слабост и дијареа.