Вашето дете знае да чита, да пишува и да брои пред да тргне во училиште? Еве кои 5 социјални вештини децата треба прво да ги научат
Без оглед на тоа колку рано научиле да читаат или колку им заработувале родителите, децата кои покажале добро развиени социјални вештини во предучилишна возраст имале поголеми шанси да се запишат и да завршат факултет, да се вработат и да останат во рамките на општествено прифатливото однесување, од децата кои покажале пониско ниво на социјална компетентност.
Денес, повеќе од кога било, родителите на малите деца се грижат дали нивните деца постигнале доволно, научиле сè што треба да знаат на нивната сегашна возраст. Ако имаат четири години и за разлика од некои деца на нивните пријатели, не ги препознаваат бројките, веднаш се вклучува алармот кај родителите.
Дали Ана знае да брои до 50? Дали Стефан има речник од најмалку 300 збора? Дали Марко веќе се разбира во квантна физика?
Иако раната едукација креира некои важни основи за идниот академски развој на детето, многу родители можеби ќе ги изненади информацијата дека социјалните вештини се далеку подобри „прогнозери“ за тоа што ќе стане детето како возрасен.
Без оглед на тоа колку рано научиле да читаат или колку им заработувале родителите, децата кои покажале добро развиени социјални вештини во предучилишна возраст имале поголеми шанси да се запишат и да завршат факултет, да се вработат и да останат во рамките на општествено прифатливото однесување, од децата кои покажале пониско ниво на социјална компетентност.
Овие пет социјални компетенции се најважни и токму нив треба да ги негувате кај вашите деца уште од најмала возраст:
Како да си игра со други деца
Играта е многу моќна алатка за раниот детски развој. Со играње со другите, децата учат да преговараат, да решаваат проблеми, да чекаат на ред, да споделуваат и да експериментираат. Можете да му помогнете на вашето дете да ги изгради овие вештини со вложување напор да организира игра со други деца и со тоа што ќе го однесете вашето дете во паркови каде што има што е можно повеќе негови.
Она што е важно да се нагласи е дека, иако танцот, фудбалот или некои други организирани активности имаат свои вредности, на децата им е потребна можност за неструктурирана, слободна игра со други деца кои ќе бидат надгледувани, но не и режирани од возрасните.
Како да ги решава проблемите?
Плашејќи се од тоа дека кавгата меѓу децата може да ескалира, родителите многу често интервенираат за да го решат проблемот, дури и кога тоа не е потребно. Ќе ја земе играчката за која децата се караат, ќе се обиде да понуди друга или можеби ќе ги одвои децата да си играат во различни соби. Ние сме добри во решавањето на проблемите бидејќи кога сте родител, МНОГУ вежбате. Таа вежба им треба и на нашите деца.
Затоа, следниот пат кога вашето дете ќе има ваков проблем, вклучете го во негово решавање. Замолете го да опише што се случува, разгледајте ги можните решенија заедно и пробајте едно од нив. Сè уште сте активен играч во процесот, го поддржувате детето, но наместо да правите сè сами, вие го вклучивте детето во него.
Кога го учите вашето дете да решава проблеми, вие исто така го учите дека е во ред да не успеете во нешто и да се обидете повторно, што е исто така важна вештина. Кога му дозволуваме на детето да спроведе решение што го предложило, му даваме можност да го оцени своето искуство и можеби да размисли што можело подобро да направи. Исто така, ги учиме дека грешките ни помагаат да учиме и да напредуваме.
Како да ги именуваат и да ги препознаваат чувствата
Децата кои можат да ги препознаат емоциите во својата околина, подобро наоѓаат заеднички јазик со луѓето околу нив. Оваа вештина можете да ја развиете кај вашето дете такашто ќе му го свртите вниманието на емоциите и на нивното именување. Ова можете да го направите дома, во парк („Изгледаше толку среќно кога победи, беше насмеан од уво до уво!“), но и додека му читате приказни („Што мислиш, како се чувствуваше детето кога се изгуби?“). Приказните, всушност, се полни со емоции и конфликти и се одличен терен за вежбање бидејќи самото дете не е дел од тие емоции, па многу полесно ги препознава и идентификува во мирна состојба.
Она што е исто така важно, а за кое не се зборува многу, е тоа што некои опсежни истражувања покажаа дека прекумерната изложеност на екранот е „виновникот“ зошто на детето може да му биде тешко да ги препознае туѓите емоции. Затоа погрижете се вашето дете да поминува многу време играјќи и во интеракција со другите, наместо со пикселите и светлата на екранот.
Како да помогнат кога е потребно
Помагајќи им на другите, децата учат да гледаат во светот надвор од себе и да ги препознаваат потребите на другите. Ако забележите и го пофалите вашето дете секогаш кога ќе го видите како помага некому, тоа ќе го поттикне да продолжи да го прави тоа.
Дајте му на детето едноставни можности да помогне низ дома – нека ги тргне садовите од масата, нека го стави овошјето во садот, нека му ја смени пелената на помалото братче или сестриче, нека им помогне на помладите да се облечат – и кога ќе видите дека детето покажало труд, без разлика на резултатот, не штедете пофалби.
Секогаш обрнувајте внимание на детето кога ќе забележите дека некој во вашата околина некому му дава каква било помош. Не пропуштајте да кажете „благодарам“ на касиерот во продавницата, на некој што ви ја држел вратата или ви помогнал дури и со најмал гест. Можете да примените уште еден трик. Кога си играте со омилените играчки, секогаш избирајте го херојот на вашето дете да прави добри работи во играта. На тој начин и самите ќе се чувствуваат како херои кога ќе направат нешто добро.
Како да ги контролираат импулсите
Контролата на импулсите е дел од извршната функција на мозокот контролирана од префронталниот кортекс. Овој дел од мозокот не може целосно да се развие пред крајот на пубертетот, но најбрзиот развој се случува во раното детство. Затоа на децата им требаат можности да ја вежбаат оваа вештина.
Игрите со движење кои бараат од детето да застане или да започне со одредена команда, му овозможуваат на детето да вежба брзи промени и да ги контролира движечките импулси. Игрите со улоги се исто така одлични. Кога на детето му доделувате одредена улога (или само ја избира), детето треба да размислува за улогата, да планира, да го чека редот, да ги набљудува другите кои ги презеле улогите, да ги следи правилата. На овој начин, тие исто така практикуваат гледање на светот надвор од нивната перспектива.
Кога ќе погледнете наоколу и ќе ги видите сите тие родители кои ги влечат своите деца од една активност на друга, понекогаш може да се чувствувате како да не правите доволно за академскиот развој на вашето дете. Но, искуството ни кажува дека социјалните вештини што вашето дете ги стекнува во раното детство, преку лесен, едноставен процес на игра и интеракција со другите, се всушност многу поважни за неговиот иден успех.