Сите полудеа по овој хормон, а експертите предупредуваат: „Високите дози можат да бидат опасни“

Дебатата за тестостеронот повторно се разгоре откако експертскиот панел на FDA во САД предложи проширување на пристапот до хормонот. Некои панелисти дури го нарекоа тестостеронот „основа на превентивното здравје“, покренувајќи прашања за тоа дали хормонот оди кон некаков статус на „чудотворен лек“.

91

Во моментов, хормонот тестостерон им се препишува на луѓе кои имаат медицински потврдени ниски нивоа на хормонот, на пример поради оштетување на тестисите. Но, сè поголем број студии сугерираат дека од терапијата би можеле да имаат корист и мажите и жените со низок тестостерон без јасна медицинска причина.

Стручната фела е поделена по ова прашање. Некои тврдат дека повеќето мажи можат да ги зголемат нивоата на тестостерон преку промени во животниот стил и губење на тежината. Други веруваат дека мажите со низок тестостерон и симптоми како што се замор, ниско либидо и раздразливост може да имаат корист од терапијата. Други, вклучително и некои членови на панелот на FDA, одат чекор понатаму и се залагаат за тестирање на сите мажи и лекување на оние со ниски нивоа дури и ако немаат симптоми, пишува Nature.

Иако тестостеронот често се промовира како „лајфстајл лек“, високите дози носат сериозни ризици, од неплодност и срцеви проблеми до психолошки промени и зголемена смртност. Поради неговиот потенцијал за злоупотреба, тестостеронот е класифициран како контролирана супстанција во Соединетите Американски Држави.

Стравови дека предизвикува рак

Стравовите дека тестостеронот предизвикува рак на простата датираат од 1940-тите, но подоцнежните истражувања покажаа дека овие заклучоци се претерани. Големата студија TRAVERSE, во која беа вклучени повеќе од 5.000 мажи, покажа дека терапијата со тестостерон не го зголеми ризикот од срцев удар кај мажи со ниски нивоа на хормонот. FDA последователно го отстрани предупредувањето за кардиоваскуларни ризици, но само за стандардни, физиолошки дози.

Најдобриот доказ за придобивките од тестостеронот се однесува на сексуалната функција: зголемено либидо и благо зголемување на сексуалната активност. Нема убедливи докази дека ја подобрува енергијата, расположението или когнитивните способности. Може да помогне при анемија и да ја зголеми густината на коските, но резултатите не се секогаш конзистентни.

Несакани ефекти кај жените
Кај жените, терапијата е оправдана главно во случаи на намалена сексуална желба по менопаузата. Ниските дози се генерално безбедни, додека високите дози можат да предизвикаат промени во гласот, влакнетост, опаѓање на косата и други несакани ефекти.

Регулаторните пристапи се разликуваат во зависност од земјата. ФДА моментално дозволува тестостерон само за класичен хипогонадизам, но размислува за проширување на индикациите. Во Европа, Австралија и Велика Британија, хормонот е одобрен и за мажи со низок тестостерон и симптоми, дури и без позната причина.

Иако нискиот тестостерон е поврзан со поголем ризик од мозочен удар, деменција и други болести, експертите предупредуваат дека сè уште нема докази дека третманот со тестостерон ги спречува овие болести. Затоа, рутинско тестирање на сите мажи не се препорачува во овој момент.

Повеќе