За претсмртното чистење во Шведска: Необичен ритуал пред заминување од овој свет
Швеѓаните пред смртта прават DOSTADNING, необичен ритуал пред заминувањето од овој свет, од кој на многумина ќе им се крене косата на главата. Иако, мора да признаеме, звучи практично. Еве за што станува збор…
Во својот елегантен стан во центарот на Стокхолм, 84-годишната Лена Сундгрен има многу книги наредени на полици. Со длабока воздишка, таа преместува куп градинарски книги настрана, признавајќи дека е „вистинско олеснување да се ослободите од нив“.
„Претсмртното чистење, кое го правам неколку пати неделно, ме смирува“, додава таа. Претсмртоносно чистење, или „dostadning“ на шведски, е име за праксата на расчистување на личните работи пред смртта.
Овој малку необичен концепт привлече големо внимание пред четири години по бестселерот на авторката Маргарета Магнусон „Нежната уметност на шведското претсмртно чистење: Како да се ослободите себеси и вашето семејство од животниот неред“. „Мислам дека треба да се погрижиме за работите за никој друг да не мора да се справува со „ѓубрето“ што го оставаме зад себе“, пластично опишала таа за АФП.
Пребирањето низ работите што сте ги чувале цел живот „ве враќа во моментите што сакате да ги паметите, но ако не ги сакате тие предмети, треба да ги фрлите“, вели таа.
Претсмртното чистење е различно од пристапот за чистење на домот на јапонската инфлуенсерка Мери Кондо, која стекна светска слава поради советите за организација на домот, па дури има серија посветена на чистење на куќата на Нетфликс. Мери вели дека треба да ги чуваме само работите што не прават среќни. Целта на шведскиот начин на уредување на просторот е да се поштеди семејството од товарот на фрлање на личните работи на саканата личност по неговата смрт.
Можеби е непријатна тема, но еден од најчестите разговори по нечија смрт е што да се прави со работите на покојникот.
Никој нема да живее вечно
Ќерката на Маргарет Магнусон, Џејн ѝ е благодарна на нејзината мајка за нејзините напори. „Мислам дека повеќето луѓе кои имаат постари родители и многу секојдневни обврски сакаат што е можно помалку нивни работи кога еднаш ќе ги нема“, вели Џејн.
„Благодарна сум ѝ на мајка ми за одличната работа што ја работи и среќна сум што нејзината филозофија се применува насекаде низ светот“.
Книгата на Маргарет Магунсон, која денес има 87 години, стигна на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и е преведена на десетина јазици. Иако Магунсон го измислила терминот „достаднинг“, Швеѓаните и претходно имале обичај да се ослободуваат од бројни предмети пред смртта.
„Пред 40 години, мојата сосетка во подоцнежните години ми кажа дека ќе фрли многу работи пред да умре“, се потсетува 84-годишната поранешна актерка Кристина Адолфсон, која сега самата се занимава со тоа. Овој феномен го објаснува прагматичниот шведски пристап кон умирањето, вели Магунсон, додавајќи дека повеќето луѓе ја избегнуваат оваа тема.
„Сите се плашат од смртта. Швеѓаните не се исклучок, но ние разговараме за тоа“.
Таа вели дека и самата до сега го исчистила станот ослободувајќи се од многу предмети, но има задржано неколку фигури на животни и мали тролови кои ја радуваат и ѝ ја красат дневната соба.