За насилството против жените и децата, за насилниците и за мир во куќа

Насилството врз жените има повеќе лица, а најтешко да се препознае е она, психичкото. Повеќе за ова, за храбрите жени кои јавно зборуваат на оваа тема, но и за тоа како семејното насилство влијае врз децата, па и причините поради кои се станува насилник, прочитајте подолу во текстот

139

Од 1999 година, 25 ноември се одбележува како Меѓународен ден против насилството врз жените, а во тек е и глобалната акција на Обединетите Нации – 16 дена активизам против родово базирано насилство. Кај нас и ширум светот, секојдневно се соочуваат со некакво насилство, а тоа може да биде физичко, психичко или сексуално и најчесто се случува во семејната средина, но жените често се изложени на некаков вид насилство и на работното место и на улица.

Токму по повод овие денови кои се посветени на подигање на свеста за безбедноста на жените, „Мајка и дете“ зборуваше со Љупка Мачкова и Ирена Димоска, две млади жени кои јавно проговорија за насилството кое го вршеле врз нив нивните поранешни сопрузи. Нивните приказни можете да ги прочитате ТУКА.
Тие, меѓудругото, зборуваат за тоа дека од своите сопрузи трпеле и психичко и физичко, па дури и сексуално насилство.

Видови на насилство
Кога зборуваме за насилство, најчесто мислиме на физичко насилство, но покрај него често е присутно и сексуалното и психичкото насилство, а секој вид на насилство остава одредени последици.

Физичкото насилство опфаќа различни форми на физичко малтретирање, како што се удирање, клоци, шамари, влечење за коса, давење, но и потешки форми на физичко насилство и нанесување повреди со предмети или оружје.

Сексуалното насилство вклучува секаков вид на силување или обид за силување, како и сексуално вознемирување. Вакво насилство може да се случи во семејството, односно дома, на работа, на училиште, во транспортот, како и на улица. Сексуалното насилство вклучува и сексуална експлоатација.

Психичкото насилство понекогаш е најтешко да се препознае бидејќи ретко се зборува за него. Причината за тоа може да биде недоволната информираност, чувството на срам и одредени општествени убедувања. Психичкото насилство понекогаш може да има страшни последици, а многу луѓе лесно го занемаруваат. Психичкото насилство опфаќа различни закани и заплашувања, навреди, омаловажување, како и ограничување на слободата на говорот.

Најчести сторители на насилство врз жените се нивните сегашни и поранешни партнери. Но, тоа не е секогаш случај, често сторителите можат да бидат и други членови на семејството, како што се родителите на жената, браќата, сестрите, семејството на партнерот, колегите од работа, претпоставените и секако, непознати лица.

Како можете да помогнете?
Нашите две соговорнички, Љупка и Ирена, самите жртви на насилство во семејството, одлучиле да им помогнат на оние со слична судбина такашто ќе почнат јавно да зборуваат на оваа тема.

Најлесен начин да му помогнете на некој што е жртва на насилство е да не ја свртите главата и да разговарате на оваа тема, да се борите за правата на жените и да им бидете поддршка.

Дури и ако не познавате ниту една жена која моментално е во таква ситуација или некогаш била во таква ситуација, немојте да молчите и бидете гласот на оние кои не можат да зборуваат, зборувајте на оваа тема, ширете ја свеста и можеби ќе спасите нечиј живот.

Како влијае семејното насилство врз децата?

Покрај жените, семејното насилство влијае и врз децата, дури и кога тие не се директно засегнати. Кавгите меѓу родителите, избувнувањето на агресија и насилство се рефлектираат врз емоционалниот и психичкиот развој на децата, оставајќи трајни негативни последици.

Имено, научниците откриле дека голем процент на деца кои биле жртви или сведоци на семејно насилство несвесно го копираат моделот на однесување на нивните родители и за возврат стануваат агресори. Психолозите се цврсто убедени дека злоупотребата на децата има клучна улога во развојот и демонстрирањето на агресивно однесување. Според научниците, постои и генетска предиспозиција која не е целосно разбрана.

Како да препознаете агресивно однесување?

Растројството со манифестации на агресивно однесување се карактеризира со губење на самоконтрола и склоност кон непотребно насилство кон луѓето околу нив, нанесувајќи не само материјални туку и тешки телесни и психички штети. Често, по излив на агресија, оние кои страдаат од ова растројство доживуваат силно чувство на вина, жалење и непријатност за својата постапка. Експертите ја дефинираат агресијата како импулсивна, неоснована која обично трае помеѓу 10 и 20 минути. Во овие периоди, агресорите се неконтролирани и понекогаш можат да предизвикаат сериозни телесни повреди, па дури и смрт кај другите. Испадите на агресија се епизодни, а може да се повторуваат и на дневна основа.

Критериуми за дијагностицирање на нарушување со агресија

Бројни повремени инциденти во кои поединците не успеваат да ги контролираат своите импулси. Степенот на агресија не е пропорционален на инцидентот кој предизвикува агресивно однесување. Агресивноста не е резултат на друго психолошко пореметување или влијание на наркотични супстанции.

Луѓето со агресивно нарушување често имаат нерамнотежа на серотонин и тестостерон во мозокот. Ова нарушување се јавува најчесто кај младите луѓе.

Третманот вклучува психотерапија, која му помага на пациентот да научи да го контролира своето однесување и емоции. Во потешки случаи, потребно е користење на лекови кои се пропишани и прифатени под медицински надзор.

Повеќе