Како да ги препознаете раните симптоми на дијабетес кај децата

Болеста најчесто се активира кај децата кои имаат централна дебелина и кај оние со изразена генетска предиспозиција (некој од блиските роднини боледувал од дијабетес).

129

Дијабетесот кај децата е сѐ почест и кај светската популација и кај нас. За жал, тоа повеќе не е болест само за возрасни. Статистиката вели дека процентот на деца кај новодијагностицираните пациенти со дијабетес тип 2 се движи од 8 до дури 45 проценти, во зависност од климата, начинот на живот и генетската предиспозиција.

Дијабетес кај децата: Кои се симптомите и како родителите да ги препознаат?
Како и во случајот со многу други хронични болести, симптомите на дијабетес тип 2 кај децата може да бидат скриени или маскирани како знаци на други болести. Често, дијабетесот кај децата се открива при рутински тест на крвта или кога станува збор за настинка, на пример. Сепак, некои знаци кои би можеле да укажуваат на тоа дека децата може да имаат дијабетес не треба да се игнорираат. Некои од нив се вообичаени кога се во прашање децата, но има и специфични:

често мокрење во текот на ноќта
зголемен апетит и жед
слабост и замор
губење на тежина
трнење во екстремитетите (раце, стапала, потколеници)
заматен вид
раздразливост
чести промени во расположението и амплитуди
промени на кожата
висок крвен притисок (и кај момчињата и кај девојчињата)
полицистични јајници
чести инфекции (генитални, на кожата и во усната шуплина)
побавно зараснување на раните

Зошто дијабетесот се јавува кај децата?
Клучни фактори за развој на дијабетес кај децата се генетската предиспозиција во комбинација со факторите на околината, како и навиките за животниот стил.

Механизмот на болеста е ист како кај возрасните. Нема разлика, а во основа се работи за отпорност на инсулин (намалена чувствителност на инсулин). Болеста најчесто се активира кај деца и адолесценти кои имаат централна дебелина и кај оние со изразена генетска предиспозиција (некои од блиските роднини боледувал од дијабетес). Исто така, ако мајката имала гестациски дијабетес за време на бременоста, веројатноста детето да се разболи е поголема. Ризикот постои и кај бебињата кои се родени предвреме, со мала или висока родилна тежина и бебиња кои не биле доени.

Други фактори на ризик се:

нервоза и хроничен стрес
склоност кон депресивно расположение и повлекување во себе
физичка и ментална намалена активност
нарушувања на спиењето.

Како се поставува дијагнозата?
Дијагнозата на дијабетес кај децата се поставува на ист начин како кај возрасните: врз основа на проценка на клиничката слика и лабораториските анализи кои содржат:

ниво на гликоза во крвта
ниво на гликоза во урината
тест за толеранција на гликоза.

Важноста од препознавање на симптомите и можните компликации
Децата кои се дебели се меѓу оние со најголем ризик не само за развој на дијабетес, туку и за бројни компликации. Дијабетесот е фактор на ризик за други метаболички, ендокринолошки, кардиоваскуларни, респираторни и ортопедски состојби. Меѓутоа, може да дојде и до други нарушувања на здравјето и намален квалитет на живот и зголемена рана смртност.

Дебелите деца често се изопштени од друштвото, стигматизирани и понижувани, што може да предизвика психолошки последици (губење на самодовербата, депресивни мисли, нарушувања во исхраната…).

Најчестите компликации од дијабетесот кај децата се:

Висок крвен притисок
дислипидемија
метаболички синдром
проблеми со коските
заболување на црниот дроб (замастен црн дроб)
апнеја при спиење
полицистични јајници
хронично воспаление
клиничка депресија.
Колку порано се појави дијабетес, толку се поголеми шансите за компликации.

Може ли дијабетесот да се спречи кај децата: Најдобрите методи за превенција

Пред сè, важно е да се спречи дебелината кај децата. Поздравите животни навики кои вклучуваат урамнотежено мени и разновидна листа на храна, како и редовна физичка активност се основата на добрите превентивни мерки. На листата на секојдневна храна треба да се вклучат интегрални житарки, зеленчук, овошје, млечни производи, посно месо, мешунки… Важно е и децата да консумираат доволно количество течност. Потребно е колку што е можно да се намали седењето, да си легнуваат порано и да имаат доволно квалитетен сон.

Повеќе