АДХД или немирно дете? Дефектолог ја објаснува разликата

Непослушното дете со уреден развој намерно оди против правилата што му се поставени, додека она со АДХД оди спротивно на правилата бидејќи поради тешкотиите во обработката на информациите не успева секогаш да ги одложи своите импулси.

500

Секое дете може, од време на време, да биде раздразливо, нерасположено или агресивно. Но, доколку одредени чувства или однесувања го совладуваат и попречуваат детето во развојот, социјализацијата и академските постигања, во подолг временски период, тогаш постои сомневање за развоен проблем.

Немирните деца знаат да се воздржат, пакоста не им го попречува секојдневното функционирање, успехот на училиште и социјализацијата.

Не секое импулсивно, живо или невнимателно дете има пореметување на внимание и хиперактивност (АДХД). Многу деца, особено оние на возраст од 2 до 6 години, се немирни, невнимателни или импулсивни. Како што растат и созреваат, учат самоконтрола, учат дека некои форми на однесување носат одредени последици. Тие учат дека постојат поконструктивни форми на однесување со кои можат да ги задоволат своите потреби и желби, да се изразат себеси и своите емоции.

Иако децата со АДХД се интелигентни, тие созреваат и учат побавно. Развојот на вниманието и самоконтролата е забавен и попречен.

Немирното и живо дете нема невроразвоен проблем и може да го контролира своето однесување. Свесно е дека неприфатливото однесување носи одредени последици, додека на детето со АДХД му треба повеќе време да ги разбере последиците од неговото однесување.

Непослушното дете со уреден развој намерно оди против правилата што му се поставени, додека она со АДХД оди спротивно на правилата бидејќи поради тешкотиите во обработката на информациите не успева секогаш да ги одложи своите импулси.

Воспитно запуштените деца, кога се лути, можат да изберат конструктивни начини за изразување на гневот што го чувствуваат, додека кај децата со АДХД, гневот ја презема контролата врз нивниот мозок и лесно ја губат контролата врз себе.

Палавите деца можеме да ги смириме со награди, казни, барања, што не е така лесно за децата со АДХД.

Немирното дете може да заврши задача која му е досадна или не го интересира, додека за дете кое има пореметување со дефицит на внимание тоа е голем напор.

Повеќе