Купете им на децата 1 еколошка, наместо 10 отровни играчки

Според веб-страницата Ecobirdy, кујната – играчка содржи 5,6 кг пластика, што е еквивалентно на 400 празни пластични шишиња. Освен тоа, пластиката од која се изработуваат многу од овие играчки содржи состојки кои се штетни за и здравјето на децата, а не само за планетата. Затоа, бирајте играчки кои се изработени од еколошки материјали, како овие на Марина Луетиќ, Македонка која живее во Загреб

577

Кога велиме пластика, малкумина помислуваат на играчки. Честопати несвесни за тоа колку пластика е потребна за да се направи само една играчка, родителите ја купуваат одново и одново иако нивниот рок на траење е краток. Многу луѓе се свесни за негативните ефекти што ги остава пластиката, но само малкумина се прашуваат каква пластика се користи за изработка на детските играчки.

Пластиката често има непријатен мирис и лошо влијае на здравјето, а покрај овие карактеристики, под знак прашалник е и квалитетот, а често се случува овие играчки брзо да се расипуваат, што значи дека сте во двојна загуба – сте платиле играчка која е неупотреблива.

Во извештајот на Системот за брза размена на информации за небезбедни производи во земјите на ЕУ (RAPEX) за 2017 година, играчките се на прво место по бројот на небезбедни производи.

Добар дел од пластичните играчки кои се наоѓаат на пазарот се направени од пластика со сомнително потекло, односно пластика која не спаѓа во оние одобрени за детска употреба.
Некои видови пластика кои се наоѓаат во играчките содржат различни адитиви за кои е откриено дека се токсични. Токму поради оваа причина треба внимателно да се избере, особено кога станува збор за масовно произведени евтини играчки.

Според списанието Green Child, многу штетни материјали може да се најдат во пластичните играчки кои содржат ПВЦ, како што се:

Фталати – супстанции кои производителите намерно ги ставаат во пластиката за да ја направат пофлексибилна и помека. Тие можат да доведат до ендокрини нарушувања, да ја нарушат хормоналната рамнотежа на телото и да го стимулираат растот на ракот.
Кадмиум – пластичен стабилизатор. Исто така е канцероген, влијае на нормалниот раст на мозокот и може да предизвика оштетување на бубрезите.
Олово – се користи за да се направат поиздржливи пластичните играчки. Влијае на нервниот систем и е поврзан со губење на слухот, АДХД и намален коефициент на интелигенција.

Колку пластика е потребна за една играчка?

Пластичните играчки се речиси целосно направени од цврста пластика, а индустријата за играчки спаѓа во групата која најинтензивно користи пластика во производите.
Како што знаеме, пластичната амбалажа создава многу отпад, но кога купуваме шише со вода, масата на пластиката е само околу 2% од нејзината вкупна тежина. На пример, како што е наведено на веб-страницата Ecobirdy, кујната – играчка содржи 5,6 кг пластика, што е еквивалентно на 400 празни пластични шишиња. Пластичен велосипед содржи пластика колку 150 пластични шишиња.

Главните причини за масовната употреба на пластиката се тоа што е многу лесна, флексибилна, шарена, но и многу економична бидејќи подразбира брзо производство.

Која е алтернативата?


Постојат брендови кои нудат играчки направени од природни материјали, на пример, играчки од дрво или пак плетени играчки.

За разлика од пластиката, дрвените играчки се подолготрајни, речиси неуништливи, а побезбедни се и од здравствен аспект, бидејќи се работи за природен материјал.

Денес повеќето луѓе се стремат кон природата па се посветува поголемо внимание и на играчките што се купуваат. Интересот за плетени играчки е исто така голем, а дека тие можат да бидат и многу привлечни за децата, сведочат и оние кои ги изработува Марина Луетиќ, наша сонародничка која живее во Загреб, Хрватска и во слободно време плете играчки.

Планот е кога ќе се пензионира, да се посвети на ова целосно, бидејќи вели дека е работа од нејзините соништа. Сепак, проблематично е тоа што останува проблемот на цената. Играчките кои се рачно изработени, без оглед дали се од дрво или плетени, се многу поскапи од пластичните. Но оние кои се грижат за здравјето на своите деца и генерално, за природата, се повеќе внимание обрнуваат и на ова. И конечно, подобро е да им купиме на децата една безбедна играчка, отколку 10 отровни кои и онака бргу завршуваат во кантата за ѓубре.

Повеќе