Бебето и мајката не смеат да се одвојуваат: Разделбата по породувањето претставува токсичен стрес

Нилс Бергман, доктор со долгогодишно искуство во акушерство и истражувач во истата област, вели дека не смееме да одиме против природата бидејќи тоа долгорочно им штети и на бебето и на мајката. Но, додека ниту едно животно не спие посебно, луѓето ги одвојуваат своите потомци од себе. Ова не е природно и тоа го чувствуваат и мајката и бебето.

67

Нилс Бергман, шведски лекар со африканскa адреса, почесен виш предавач на Универзитетот во Кејп Таун, работел како виш медицински надзорник во Mowbray Maternity Hospital и надгледувал околу 18.000 раѓања годишно.

Неговото предавање од работилницата „Наоѓање на вистините за породувањето“ го пренела Кети Дауб, основач на непрофитната организација BirthWorks International, која се занимава со едукација на медицинскиот персонал за акушерство и дули.

Таа е физиотерапевтка која 30 години работи со деца со посебни потреби. Предавањето на Бергман било споделено на блогот од Џенифер Маргулис, наградувана новинарка која станала позната по своето откривање на вистините зад медицинските практики и состојбата во здравството.

Д-р Бергман вели дека не смееме да работиме против природата бидејќи тоа долгорочно им штети и на бебето и на мајката. Според него, постојат само две вистини:

  1. Бебињата и мајките не треба да се одвојуваат по раѓањето
  2. Мајката никогаш не смее да биде сама по породувањето.

Според Бергман, овие вистини се апсолутни и кон нив секогаш треба да се стремиме. Одвојување не смее да има и тоа е наука, вели тој. Секако, тој се согласува дека има здравствени ситуации и компликации поради кои мајката и бебето се раздвојуваат заради заедничка корист, но во повеќето случаи мора да бидат заедно.

Нема докази или основа за разделување на мајката и детето по раѓањето, посочува д-р Бергман.

Важно е да се сфати како функционира бебето, вели тој. Околината на бебето е мајката. Бебето е 100 проценти зависно од мајката. Дури и едногодишно дете е 99 отсто зависно од својата мајка. Бебето зависи од мајката за сензорна и социјална стимулација.

Одвојувањето на предвремено родените бебиња и нивното чување во инкубатори има долгорочни негативни ефекти врз нивниот мозок. Тие се целосно лишени од мајчиното влијание, глас, допир и удобност кои го хранат физичкиот, психолошкиот и невролошкиот развој на бебето. Разделбата на мајката и бебето во сите случаи претставува токсичен стрес.

Спротивно на ова е кенгур-нега, носење на бебето, кога мајката и бебето се блиску еден до друг. Ова е моментот кога се произведува окситоцинот, хормонот на среќата и љубовта.

Нашата биологија е да не се одвојуваме од мајката. Ниту едно животно не спие во посебно креветче. Само луѓето ги одвојуваат своите потомци од себе. Ова не е природно и тоа го чувствуваат и мајката и бебето. Близината на мајката влијае на апсолутно секој елемент на бебето, вклучително и на отчукувањата на срцето, апетитот, ослободувањето на хормоните и интензитетот на активности, истакнува Бергман.

Како бебето го доживува одвојувањето од својата мајка?
Одвојувањето од мајката новороденчето го доживува како опасно по живот и тоа предизвикува дисрегулација на физиологијата на телото, работата на срцето, температурата, режимот на спиење, секрецијата на кортизол и слабеење на имунитетот. Одвојувањето предизвикува и стрес и доведува до производство на хормонот на стрес кортизол. Д-р Бергман исто така смета дека предвремено родените бебиња треба постојано да бидат со своите мајки.

Контактот кожа на кожа е докажан во многу години истражување и мора да започне со раѓањето и да продолжи потоа. Неговите искуства покажале и дека бебињата кои се одвоени од мајките спијат многу полошо и имаат потешкотии да воспостават циклус на спиење.

Зошто мајките не смеат да останат сами?
Мајките не треба да се оставаат сами бидејќи тогаш се чувствуваат безбедно и можат целосно да се посветат на бебето, што е исклучително важно. Во првите недели по породувањето, важно е на мајките да им се обезбеди поддршка, удобност, помош и сигурност. Истражувањата покажале дека присуството на дула при раѓањето го зголемува окситоцинот и го намалува феталниот дистрес.

Акушерката исто така го намалува кортизолот, а таткото влијае на зголемување на допаминот (хормонот на задоволство). Сето ова ѝ овозможува на мајката да се чувствува безбедно и опуштено.

Ако во куќата се присутни други зрели, возрасни луѓе по породувањето, мајката може целосно да се посвети на детето. Како резултат на тоа, детето ќе биде помирно, ќе јаде, ќе спие и ќе се развива подобро, а мајката ќе биде помалку под стрес.

Д-р Бергман вели дека се се сведува на ова: Фетусот прашува „Дали сум сигурен?“.

Ако се чувствува безбедно, неговото тело ќе произведе окситоцин. Ако се чувствува небезбедно, ќе произведе вазопресин, хормон на стрес, а потоа и кортизол. Колку долго треба да им се дозволи на бебето и мајката да имаат контакт кожа со кожа? Се додека бебето не покаже дека му е доста, заклучил Бергман.

Повеќе