Дали некогаш сте сретнале поупорно суштество од дете кое навистина сака нешто? Јас не сум. И милион пати си помислив „зошто не си толку упорен кога бараш изгубена играчка или решаваш проблем, како кога се обидуваш да ме убедиш да ти дадам уште една бонбона?“ Нема попосветено и порешително суштество на земјата од петгодишно дете кое решило да слушне „Да“ наместо „Не“.
За родителите тоа значи бескрајно убедување и изнесување аргументи на често најнесоодветните места (во продавница, на игралиште, на гости…). Децата како да чувствуваат дека тогаш сме особено ранливи и дека тие имаат најголеми шанси да ја постигнат својата цел.
Затоа е важно да се прекинат преговорите пред да излезат од контрола. Во спротивно, може да се случи детето да прашува повторно и повторно и повторно. За секој случај, ако можеби сте се предомислиле. Тоа не значи дека треба само да го погледнете за да му стане сè јасно, бидејќи тогаш тоа само значи дека сте го исплашиле. А сигурно не го сакате тоа. Па, како тогаш, да се стави крај на ова постојано додевање откако еднаш сте рекле НЕ?
Зошто децата толку упорно не молат?
За да престанете да го поставувате истото прашање постојано, прво мора да го разберете проблемот. Пред сè, треба да знаете дека ова упорно молење кај децата е научен модел на однесување. Не го измислиле, го собрале некаде патем. И ако еднаш, во момент на слабост, сте се согласиле да исполните барање за кое на почетокот не сте сакале да слушнете (и тоа сте го проследиле со реченицата „Не ми се верува колку си напорен, еве ти!“), детето сфатило дека досаѓањето успева!
Како да го поправите тоа?
Како што може да го научи секое однесување, исто така детето може и со малку труд, да се одучи. Решението, во една од нејзините книги, го носи Лин Лот, коавтор на бројни книги за позитивна дисциплина. И тоа е решение кое дава резултати и кај двегодишните деца и кај тинејџерите.
И бара од вас да кажете четири едноставни зборови: „Ти праша, јас одговорив“!
Концептот е навистина едноставен. Но, не и примената на самиот почеток. Подоцна оди многу полесно.
Така, кога седумгодишната Надја ќе побара сладолед после ручекот, а вие ќе речете дека не може затоа што веќе изела еден, има големи шанси да следи едно „ама сакам“, па друго, па трето… Само да ти разјасни дека таа навистина, навистина го сака тој сладолед.
Наместо безброј пати да повторувате дека не може да добие сладолед и секој пат да објаснувате зошто, доволно е да го направите тоа еднаш, а следниот пат едноставно кажете: „Ти праша, јас одговорив“.
Еве како почнува.
Прв чекор
Прашајте го детето: „Дали некогаш си слушнал за „Ти праша, јас одговорив“? Детето веројатно ќе каже не.
Втор чекор
Прашајте го: „Дали ме праша да ти дадам уште еден сладолед пред малку?“ (Детето ќе каже „да“)
Трет чекор
Прашајте: „Дали ти одговорив?“ (Детето веројатно ќе каже нешто како: „Ти кажа, но мамо, јас навистина…“)
Четвртиот чекор
Прашајте: „Дали изгледам како мајка/наставничка/воспитувачка која ќе се предомисли само затоа што ме прашуваш истото одново и одново и одново…? (Добри се шансите Надја едноставно да си замине, можеби лута и незадоволна и да почне да прави нешто друго)
Чекор број пет
Ако дојде и повторно праша, едноставно кажете „Ти праша, јас одговорив.“ (И ништо друго!).
Откако ќе го воспоставите овој систем, ќе биде доволно еднаш да кажете НЕ и да објасните зошто рековте не.
Доследноста е клучот! Откако ќе одлучите да го користите методот „Ти праша, јас одговорив“, држете се до него. Ако детето продолжи да прашува откако сте ги кажале овие четири збора, едноставно тргнете се. Штом детето ќе сфати дека нема повеќе дискусија после тие зборови, брзо ќе научи дека молењето нема цел и е само губење енергија.
Иако ќе ви треба трпение, во одреден момент детето ќе разбере и ќе ги видите резултатите од доследноста.
Родителите мора да бидат тим
Важно е во овој систем да се вклучи партнерот, дадилката, секој кој е вклучен во секојдневниот живот на детето. Во тој случај резултатите ќе дојдат побрзо и секако ќе бидат подобри.
Методот функционира и за деца со аутизам
Говорно-јазичниот патолог Стејси Пули вели дека оваа техника функционира и кај децата со пречки во развојот, особено кај оние со аутизам. Таа вели дека би можело да биде корисно да се воведе табла и креда и да се запише прашањето, доколку детето го поставило повеќе пати. Или да се нацрта.
Потоа, кога детето повторно ќе праша, покажете ја таблата за да го потсетите дека веќе го поставило тоа прашање и дека веќе сте му го дале одговорот. Користете што е можно помалку зборови и останете доследни за полесно да разберат и во исто време да научат да ги почитуваат и слушаат вашите одговори.