Да се дои со градите на ачик, под марама или само дома? Започнува светската недела на доењето

Целта на Светската здравствена организација е до 2025 година барем секое второ дете да се храни исклучиво со мајчино млеко. Сепак, доењето во јавност сѐ уште често се поврзува со невкусно покажување на дојките. Што мислите вие на оваа тема?

157

Од 1 до 7 август се одбележува Светската недела на доењето која го промовира доењето со цел да се подобри здравјето на децата и жените.

Доењето е најздравиот, најприродниот и најекономичен начин на хранење на детето, што ја развива и емотивната врска помеѓу мајката и детето.

Светската здравствена организација препорачува ексклузивно доење во првите шест месеци од животот, по што следи продолжување на доењето со соодветна дохрана до втората година од животот на детето и потоа.

Целта на Светската здравствена организација е до 2025 година барем секое второ дете да се храни исклучиво со мајчино млеко.

Доењето е најдобар начин да се обезбедат хранливи материи кои му се потребни на детето кога ќе се роди. Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и здравје на бебето, а воедно е добро и за физичкото и психичкото здравје на мајката.

Докторите пoрачуваат дека доењето е најздравата и единствена исхрана која треба да ја прима новороденчето до едногодишна возраст покрај додатоците, што понатаму доведува и до здрава адултна популација.

Светската недела на доењето секоја година се одбележува во 170 земји од светот со цел унапредување на здравјето на бебето.

Доењето во јавност, за жал, сѐ уште често се поврзува со невкусно покажување на дојките во јавност.

Но, сите мајки или жени кои имале прилика да видат мајка која дои сигурно ќе потврдат дека доењето во јавност исклучително ретко изгледа како невкусен чин.

Поголем дел од мајките кои дојат надвор од својот дом внимаваат на дискрецијата, првенствено затоа што и на нив самите не им е пријатно да бидат премногу разоткриени во текот на доењето.

Во Македонија нема закон кој забранува да се дои на јавни места.

Но, и покрај тоа многу ретко македонските мајки се решаваат тоа да го сторат во парк, кафуле, лекарска ординација или слично.

Според едно истражување на Универзитетот Свонси во Велс, кога биле анкетирани 602 мајки на деца помеѓу 6 и 12 месеци, за да се открие дали личните карактеристики се поврзани со стапката на доење, смирените, совесни и емоционално стабилни мајки се многу порасположени да се обидат да ги дојат своите бебиња.

Сепак, комбинацијата од лични карактеристики и култура довела некои мајки да се префрлат на вештачка исхрана.

Стапката на доење во САД и Велика Британија опаднала во 20 век. До 1971 година, само 24 отсто од американските мајки воопшто и се обиделе да дојат.

Кампањите за јавно здравство помогнаа за пораст на стапката на доење, но Велика Британија и понатаму заостанува зад другите индустријализирани земји.

И македонските лекари сметаат дека доењето е најдобар избор за правилен развој на детето, бидејќи мајчиното млеко има влијание и во подоцнежниот развој на детето, го намалува ризикот од заболувања од алергија, астма, дијабет, гојазност и инфекции и од рак. 
Исто така, и доилките имаат помали шанси за заболат од карцином на дојка и матка, а и економски е тоа најисплатлива храна.

Клинички студии покажале дека доените бебиња поретко се разболуваат и полесно закрепнуваат. Мајчиното млеко обезбедува емоционална сигурност и намалување на стресот преку тесната поврзаност мајка-бебе.

Доењето доведува до побрз развој на мускулите и коските на лицето, поретки се инфекции на дишните патишта, дијабет и малигни болести.

Повеќе