Дали се згрозувате од денешните стандарди за убавина?

Сите се згрозуваме од бруталната кинеска традиција за врзување на женските стапала, како и од многу други за нас застрашувачки стандарди за убавина, но се прашувате ли што ќе мислат идните генерации за денешните стандарди кои вклучуваат силиконски усни, гради и задници?

426

Културите ширум светот отсекогаш имале различни стандарди за убавина. Маите ги деформирале черепите на своите деца за да создадат конусна форма. Јапонките знаеле да си ги оцрнат забите откако ќе се омажат. И во царска Кина ништо не се сметало за поеротично од жена која има мали стапала. И секако, денес сите се згрозуваме од овие брутални традиции.

Никој не е сосема сигурен кога и зошто Кинезите се вљубиле во големината на женското стапало, но легендата оваа практика ја припишува на карактеристичниот вкус на царот.

Според приказната, еден кинески цар бил многу воодушевен од прекрасните, ситни стапала на една од неговите дворски танчерки. Жените од високата класа, надевајќи се дека самите ќе го привлечат вниманието на императорот, почнале сами да си ги врзуваат стапалата за да бидат помали. Оттаму, практиката се проширила и во остатокот од земјата.

За жал за жените, процесот бил исклучително болен. Почетокот на церемонијата на „врзување стапала“ за девојчиња започнувала на четиригодишна возраст.

Прво, стапалата ги натопувале во мешавина од животинска крв за да се омекнат. Ноктите на нозете потоа биле отсекувани за да се спречат инфекции. После тоа, процесот вклучува кршење на прстите за да може да се прилагодат и да се поврзат во форма на цвет од лотос.

Скршените прсти потоа биле цврсто врзувани со памучни ленти, спречувајќи ги да заздрават правилно. Во следните неколку месеци или години, постапката би се повторувала на секои неколку недели со цел стапалата да бидат што помали.

Кога семејството можело да си го дозволи тоа, се ангажирал професионален подврзувач на стапала. Идејата била дека е помала веројатноста тој да биде трогнат од агонијата на девојката отколку некој член на семејството, а тоа ќе им овозможи поцврсто да ги врзат нозете.

Процесот бил и крајно опасен по здравјето на девојчињата. Ноктите на нозете често повторно раснеле и враснувале во отеченото месо од стапалата, што доведувало до ужасни инфекции. Покрај тоа, недостатокот на циркулација во стапалата често предизвикувало гангрена, но тоа всушност се сметало за добро. Гангрената би предизвикала скапување на прстите кои би паднале од стапалата, со што тие станувале уште помали.

Понекогаш намерно ставале скршени парчиња стакло на ткаенината за намерно да предизвикаат инфекција и да предизвикаат паѓање на прстите на нозете. Доколку овие инфекции се раширело во крвотокот, како што често се случувало, тогаш девојчето било во опасност да умре. Околу 10% од девојчињата кои биле подложени на врзување на стапалата починале од последиците на сепса.

Идеално за тоа како требало да изгледа стапалото било „Златното лотосово  стапало“, со димензии од околу 10 цм. Жените со толку мали стапала се сметале за исклучително пожелни за мажите. Малите, ситни чекори што ги правеле жените со врзани стапала биле многу заводливи. Дури и самите скршени, искривени стапала се сметале за еротски.

Постоело верување дека наборите на стапалата го стимулираат растот на наборите во вагината, што наводно го правело поудобен сексот со жените на кои им биле врзани стапалата. Дури и ужасниот мирис предизвикан од бактериите кои растат во наборите на стапалата се сметал за сексуално стимулирачки.

Причината зошто семејствата ги подложувале своите ќерки низ овој ужасен процес не е само затоа што мислеле дека тоа ги прави сексуално попривлечни. Жените со идеална големина на стапалото биле многу пожелни за брак. Бидејќи врзаните стапала биле знак на софистицираност и припадност на високата класа, жените без врзани нозе имале мали шанси да се омажат за некој благородник.

Така, врзувањето на стапалата било начин семејствата да ги зголемат шансите нивните ќерки добро да се омажат. Но, други историчари исто така тврдат дека врзувањето на стапалата значело дека жените ќе бидат целосно зависни од своите сопрузи и дека тоа било начин на контролирање на жените.

Без оглед на причината, кинеското врзување на стапалата веројатно траело повеќе од 1.000 години, а сега е потсетник за тоа колку општеството понекогаш може да очекува жените да страдаат за убавина.

А што мислите за денешните стандарди за убавина? Нели ви изгледаат и тие брутално?

Денес се смета дека убавината е во полните усни, бујните гради и уште побујните задници. Има и други детали, но овие се толку прифатени стандарди за убавина денес, што веќе стануваат исклучоци оние кои не интервенирале во нивниот изглед. Затоа, можеби е време да се запрашаме како тие ќе им изгледаат на некои идни генерации, дали ќе се згрозуваат како што ние се згрозуваме заради некои од стандардите за убавина кои за среќа останале во историјата?

Повеќе