Децата се сè понесреќни. Еве што можат да направат родителите за да им помогнат

Во учебната 2019/2020 г. приближно едно од осум деца на возраст од 10 до 15 години биле незадоволни од училиштето, според податоците анализирани од The ​​Children’s Society, а шест проценти биле незадоволни од нивниот живот во целина.

141

Од почетокот на пандемијата, сè повеќе деца се незадоволни од училиштето и нивните животи воопшто, покажуваат истражувањата. Во учебната 2019/2020 г. приближно едно од осум деца на возраст од 10 до 15 години биле незадоволни од училиштето, според податоците анализирани од The ​​Children’s Society, а шест проценти биле незадоволни од нивниот живот во целина.

За психологот Сузи Ридинг, ваквиот пад на благосостојбата е „нормален одговор на пандемија – време кога сè беше неизвесно и нашите деца беа изложени на стрес“.

„И децата преживуваат низа емоции. Родителите исто така се под притисок и всушност ни треба колективно обновување. Многу родители сметаат дека не можат да им бидат терапевти на нивните деца – а и не би требало да бидат. Но, тие можат да им помогнат така што ќе седнат и ќе зборуваат со нив за нивните чувства и ќе им дозволат да ги изразат“, вели таа.

Значи, кои чекори можеме да ги преземеме за да им помогнеме на децата да бидат посреќни?

Дајте им приоритет на одморот, спиењето и релаксацијата

Сите знаеме дека одморот е важен по напорниот ден, но можеби не ги поттикнуваме децата да се одморат квалитетно. Треба да се фокусираме на добар сон и строго определено време за спиење.

„Одморот и спиењето се добри за возрасните и за децата. Наместо да бараме повеќе сон, што е тешко да се постигне, можеме да дадеме приоритет на практики за релаксација, длабоко дишење, поттикнување свесност. Работи како гледање во облаците и нивно броење или мирно лежење со нозете потпрени на ѕид можат да помогнат. Учењето на децата за важноста на овие работи и нивно вклучување во нивната рутина може да ја подобри нивната севкупна благосостојба“, истакнува Ридинг.

Поттикнете отворен дијалог за училиштето и одвојте време за тоа

Тешко е да ги натерате децата да зборуваат за училиштето, но ако слушнете дека таму не се задоволни, Ридинг предлага да ја истражите достапната поддршка и да одржувате отворени линии на комуникација со наставниците на вашите деца. Според искуството на психологот, работите кои ги загрижуваат децата често излегуваат на виделина пред спиење, па добро е ваквите моменти да се користат за разговор со децата.

Моќта на околината

Ридинг сугерира да излегувате со вашите деца, но и да ги поттикнете да се грижат за кожата и на други мали ритуали на благосостојба. Научете ги децата како да се грижат за себе, поттикнете ги да вежбаат и да се хранат добро.

Дајте им простор да се откажат

Животот е неверојатно забрзан и луѓето се чувствуваат уморни затоа што веќе немаат време за ист број задачи како порано. Дури и децата го чувствуваат тоа.

„Прашајте ги децата што навистина сакаат да прават и оставете ги да ги прават работите поинаку ако сакаат“, советува Ридинг.

Бидете навистина присутни

На децата не им треба секогаш многу време со родителите, но им е важно вие навистина и целосно да бидете присутни. Затоа, во времето што го поминувате со вашите деца, оставете ги телефоните настрана и фокусирајте се на вашето дете и на она што го правите заедно. Ќе ви се допадне и вам.

Повеќе