Жена и мајка, земјоделка и бизнисменка, вистинска ербап жена: Живка е една од првите земјоделки која добила имот на свое име

Иако свекорот сметал дека е срамота да ѝ препише имот неа, покрај двајца живи и здрави синови, денес се гордее со својата снаа Живка Ѓурчиновска која е вистински лидер и пример за останатите жени во селото Тумчевиште, но и воопшто, за руралните жени кај нас

1.510

Живка Ѓурчиновска од малото село Тумчевиште кое се наоѓа на 7 километри од Гостивар, а на 2 километри од автопат, е една од првите жени земјоделки која добила имот на свое име. Иако свекорот прво велел дека е срамота да препишува имот на жена, покрај двајца живи и здрави синови, таа успеала да го убеди, па денес тој е горд на својата снаа која во меѓувреме стана вистински лидер жените во своето село, но и пошироко, меѓу руралните жени во државата.

А дека е вистинска ербап жена ќе сфатите ако поминете со неа барем еден час. Ја запознавме додека се возевме заедно кон село Пишица, Пробиштип каде што се случуваше доделувањето на сертификати од Меѓународната академија за претприемачки од рурални средини, Dream Builder.

Изгледа како модерна фармерка, облечена во пантолони и кратка кожна јакна, со средена руса коса и широка насмевка, а нејзината професија, земјоделието, ја издаваат само нејзините раце.

Со своите речиси 50 години, лесно може да помине и како модел. Ама не е модел, туку вредна земјоделка, енергична жена која вредно работи и ужива во секој слободен момент што ќе го добие радувајќи им се на средбите со другите жени-претприемнички и на настаните кои се организираат деновиве по повод Денот на руралните жени, како мало девојче кое тргнало на екскурзија.

Патем, од Скопје до Пишица успеа да го прераскаже својот живот, неуморно одговарајќи на прашањата, но и да прераскаже како изгледа еден нејзин ден на селскиот имот. Искрено, се изморивме само слушајќи што сѐ прави оваа жена во текот на денот.

Иако не пораснала на село, туку во приградска средина и, како што вели, од возење велосипед се префрлила на работа во нива, а подоцна и на возење трактор, што исто така не било дотогаш вообичаено во селата, брзо се вклопила во селскиот живот.

„Кога дојдов во селото бев уште млада и не знаев ништо за земјоделие, свекрвата кога дојдов ми рече, овде сме, ние сме тие сме, па ти како сакаш и јас секако си прифатив сѐ и се научив сѐ, а од возење велосипед брзо се префрлив на возење трактор иако свекорот ми велеше дека е срамота жена да вози трактор. Ама јас бев упорна и меѓу првите жени во селото возев трактор, одев сама да ги продавам производите што ги произведувавме со свекрвата и правев сѐ што подразбира селскиот живот, па и повеќе од тоа. Денес имаме 110 декари наше земјиште, плус уште 100 под наем и разбработено домаќинство што сме го наследиле од старите. Работиме сите заедно со семејството на деверот, а кога е неопходно ангажираме и аргати за одделни работи кои не можеме да ги постигнеме сами“, раскажува Живка чие селско стопанство е речиси самоодржливо, произведуваат за себе и за најблиските сѐ освен струја и вода.

Така, додека сите сме исплашени од постојаните покачувања на цените во маркетите и на пазарите, тие си имаат сѐ, од брашното што го добиваат од својата пченица, зеленчук, ореви, лешници, овошје до млеко и млечни производи кои ги прават само за сопствени потреби од кравите што ги чуваат на својата фарма, вкупно 16 грла.

Еден ден на село

Работниот ден на нашата соговорничка почнува секое утро во 6 часот кога таа станува и го пие првото утринско кафе сама. Така се подготвува за во „канцеларија“ како што на шега ја нарекува шталата со крави.

„Имаме фарма со крави, 5 молзни, а другото јуници (млади женски телиња за приплод) и бикови, вкупно 16 грла. Кога ќе стасам во шталата прво ја чистам,  вадам арско ѓубре, потоа постилам со слама, па им давам храна (зоб и мешавина од пченка, пченица, јачмен, трици). Потоа ги молзам машински, па се враќам во дворот да ги измијам бурињата и кантите и да го спремам за испорака млекото кое секое утро доаѓаат да го земат од млекарниците. Станува збор за 60, 80, до 100 литри млеко, во зависност од денот и од периодот, дали се кравите стелни или не. После тоа се враќам дома и го пијам второто кафе со сопругот. Потоа правам појадок за сите. Во село нема да се купи бурек или ѓеврек, па затоа појадокот секогаш мора посебно да се спрема, најчесто е нешто месено, дали баничка, комат, гибаница, мекици, за да можат да се најадат сите. Појадокот мора да е готов во 9, а потоа во зависност од сезоната, одиме на работа. На пролет е сеидбата на пченка, грав, компир, итн, во лето е жетвата на житото, па косење, односно обезбедување на храна за стоката, а тоа подразбира да се покосат ливадите, да се собере луцерката, да се балира и да се донесе дома. Тоа претежно го работиме сами, јас, свекорот, свекрвата, децата, а сопругот си има свој бизнис. Кога треба, ако треба, викаме аргати иако две години наназад е многу тешко да се најдат и покрај дневниците кои се 1500 денари, плус два оброка и превоз. А ние иако сме две фамилии, понекогаш не можеме да стасаме се. Жетвата е еден месец, а потребни се за работа барем 10 души, два комбајни, два трактори, за сите машини по еден шофер плус еден, толку е“, објаснува Живка.

На есен тие ги собираат плодовите од работата, ја складираат храната, а прават и зимници. Живка секоја година прави зимница за нејзиното семејство, но и за семејствата на своите браќа и сестри, а во зима, иако е период кога во земјоделието нема работа, тие, со оглед на фармата со крави, немаат време за одмор.

„За наши потреби свекрва ми прави урда, павлака, односно цедено млеко, сирење па сета зимница, дури и пиперките полнети со урда или павлака се наше производство. А јас спремам зимница за сите. Имам тројца браќа и три сестри и понекогаш сестрата од Скопје и братот и снаата кои живеат во Брвеница, ама градски живот, доаѓаат да си направат сами, а јас им давам од моите производи и им помагам, а понекогаш им правам сѐ самата, исто како и за братот и сестрата што живеат во Германија, а поретко и за братот кој живее во Русија и поретко доаѓа тука. За среќа, кога се прави ајвар, ние во селото си работиме по принципот „повикај пријател“. Јас си имам 2-3 другарки што никогаш нема да ме остават во калта, па ако треба денес едната ќе испечеме сама 100 кг пипер ако јас имам друга работа на нива, а вечерта се собираме сите и со лаф-муабет, го лупиме пиперот, а другиот ден една од нас го пржи, полни во тегли и стерилизира. Сите сме сложни, па и работата е така многу полесна“, вели Живка додавајќи дека сега, голем број од преработките на жените можат да се најдат на нивната онлајн платформа за продажба „Наша тезга“.

За градскиот живот на село

Живка вели дека тоа што некој живее во село не значи веднаш и дека е земјоделец. Односно, многу од жителите денес иако во село, живеат градски, а наместо пипер и патлиџан во дворовите имаат бекатон и трева.

„Сега сите сакаме да имаме убави и средени дворови, па речиси никој не сади ако нема ниви. А и малкумина се кои имаат толку обработлива површина како нас. Сепак, нашето село не се иселува сѐ уште, па дури и младите остануваат.

Така и моите деца, со исклучок на ќерката која работи и живее во Скопје, двајцата синови, се тука, во селото“, вели Живка.  

Додека порано мажите почесто работеле во фабриките, а жените биле столб на куќата, иако без права на сопствен имот, денес еве работите полека се менуваат па Живка е пример како да се дојде до остварување на овие права, таа е жена-лидер која ја следат и другите жените и како што вели и самата, „ако можам јас, зошто да не можат и другите“.

Од пред 7-8 години, откако нејзиниот свекор кој целиот живот е земјоделец, исполнил право на земјоделска пензија, а имотот ѝ го препишал на Живка, таа почнала да си плаќа стаж.

„Почнав да си плаќам стаж на мои 42 години, откако добив имот на мое име, па до 57 ќе мора да работам за да направам минимум 15 години стаж колку што е потребно за да се здобијам со право на пензија, а за потоа ќе видиме, здравје“, се смее Живка која, како и другите жени на село, никогаш немала право на породилно отсуство или на боледување иако родила и одгледала три деца.

„Навистина не беше лесно да се издржи тој период кога ги раѓав и ги чував децата, посебно ако живеете во заедница со поголем број на членови, но и ако имате огромна обработлива површина која што треба да се сработи, како и стока која исто така си има свои секојдневни потреби. Поддршката од останатите членови во семејството за мене беше многу важна во одгледувањето на децата, но во селото немаше градинка ниту тогаш, ниту денес, а и навистина ми е жал што и денес немаме поддршка ниту како регистрирани индивидуални земјоделки да земаме породилно отсуство или пак боледување поради повреда кои се чести во земјоделската работа. Тука дополнително би сакала да споменам дека премногу голем е трудот кој што го вложила секоја од нас за да дојде до нивото на регистрирана индивидуална земјоделка со оглед на тоа што сѐ уште живееме во традиционална средина каде што мажите се тие што го поседуваат имотот, тие се оние што ја водат работата, итн, за на крај, кога ќе го изодите целиот тој пат да немате можност да ги користите сите бенефити и права кои ви следуваат како на осигуреници. Ова многу влијае и на мотивацијата кај жените да се регистрираат како индивидуални земјоделки, па затоа што поскоро ова прашање мора да се реши за да може да ги задржиме уште оној мал број на мајки и жени што ни останаа по селата“, завршува Живкица.

Таа не застанува, па сега, овен секојдневните земјоделски работи, се усовршува и за водење на бизнис. Со завршувањето на Академијата за жени-претприемнички од рурални средини вели дека научила многу.

„Ние досега си правевме есап како да произведеме и да дојдеме до финален производ, а сега со академијата се вратив назад и научив како треба прво да пресметам сѐ, стапка по стапка и да направам бизнис план. Во иднина ќе можам да го правам тоа самата за секоја нова идеја за бизнис како што е и онаа со продажба на лешници која ја почнавме пред неколку години“, завршува неуморната Живка која има насмевка за сите и лаф-муабет со сите, па очигледно е и најпопуларната жена во оваа мала заедница на вредни рурални жени.

Повеќе