Детски психолог откри кои знаци зборуваат дека нешто не е во ред со вашето дете

Според психологот Сем Вас, најголемата грешка што можете да ја направите е да му кажете на вашето дете да не се однесува како што се однесува или да не го чувствува тоа што го чувствува, без разлика дали тоа е екстернализирано или интернализирано однесување.

10.889

Самата помисла дека нешто не е во ред со детето е загрижувачка. Меѓутоа, како што возрасните можат да поминуваат низ тешки моменти во животот, така можат и децата.

Во интервју за Мирор, детскиот психолог Сем Вас вели дека нема причина за паника доколку забележите дека на вашето малечко му е потребна помош. Професорот, кој е експерт за стрес и внимание кај децата, тврди дека постојат два начини на кои ќе знаете дека нешто не е во ред со вашето дете.

„Многу варира од дете до дете, но како психолози имаме тенденција да откриеме дека нешто не е во ред на два начина. Првиот е кога ќе забележиме дека се однесува хаотично. Нешто лошо му се случува внатрешно, па ги удира своети сестри, браќа или врсници, бесно е, крши и фрла. Тоа го нарекуваме екстернализирачко однесување“, вели тој.

Кога станува збор за интернализирано однесување, знацие потешко се забележуваат, па професорот Вас апелира до родителите да се потрудат да ги препознаат.

„Интернализацијата е сосема сротивна шема. Таквото дете навидум нема да покажува никакви тешкотии, но всушност ќе ги акумулира проблемите во себе. Родителите можат да го препознаат ова ако детето стане помалку комуникативно, тивко е и често се осамува. Таквото дете ќе биде потешко да го натерате да се отвори“, додава тој.

Што треба да направите ако забележите дека вашето дете покажува некои од овие знаци?
Според професорот, најголемата грешка што можете да ја направите е да му кажете на вашето дете да не се однесува како што се однесува или да не го чувствува тоа што го чувствува, без разлика дали тоа е екстернализирано или интернализирано однесување.

„Потиснувањето на емоциите не делува кај возрасните, а не делува ниту кај децата. Не можете да му кажете на некој да ги поништи своите емоции“, продолжува Вас, сугерирајќи наместо тоа да му објасните на детето какви емоции доживува.

„Тоа е нешто за кое децата не учат во училиштата, и би требало. Децата не се свесни што чувствуваат, па не можат ни да го опишат тоа. Кога ќе им ги објасните нивните чувства, тие се здобиваат со таа самосвест за емоциите со кои се справуваат. Како родител, не би го осудил детето, туку би го кажал она што мислам дека моето дете го чувствува, а потоа би му помогнал подобро да разбере и научи какви се неговите емоции“, заклучува тој.

Повеќе