Детските производи за нега на кожа можат да содржат скриена опасност

Ново истражување покажало дека дури и производите за нега на кожа и коса наменети за деца може да содржат хемикалии кои потенцијално го загрозуваат нивното здравје и развој.

16

Како што сè повеќе луѓе стануваат свесни за штетните хемикалии што се кријат во секојдневните производи, од козметиката до водата за пиење, постои сè поголем притисок за намалување на изложеноста на овие супстанции. Ново истражување покажало дека дури и производите за нега на кожа и коса наменети за деца може да содржат хемикалии кои потенцијално го загрозуваат нивното здравје и развој.

Научниците од Универзитетот „Џорџ Мејсон“ собрале здравствени податоци од 630 деца на возраст од 4 до 8 години, од десет различни области во САД, со цел да се проценат нивоата на изложеност на децата на фталати и замени за фталати, хемикалии кои можат да ја нарушат хормонската функција, од козметичките производи.

Родителите доставиле демографски информации и список на производи (кремови, сапуни, шампони, масла и кремови за сончање) што ги нанеле на кожата на своите деца во претходните 24 часа. Потоа од децата биле земени примероци од урина. Резултатите покажале дека децата што користеле повеќе производи имале повисоки концентрации на фталати во урината. Највисоки нивоа на фталати и нивни замени се забележани кај деца од афроамериканско потекло.

Ова е прва студија што укажува дека различните производи за нега на кожата можат различно да влијаат врз изложеноста на децата на фталати и нивните замени што ги нарушуваат хормоните, истакнал водечкиот автор Мајкл Блум од Универзитетот „Џорџ Мејсон“.

Што се фталати?

Фталатите и нивните замени се хемикалии кои го нарушуваат ендокриниот систем. Некои фталати, како што е DEHP (ди-етилхексил-фталат), се користат за да се направи пластиката во играчките или пакувањата да бидат пофлексибилни. Други, како DEP (диетил фталат), се користат како мириси во течни препарати за кожа, шампони и регенератори.

Блум забележал дека нивоата на поединечни фталати во урината кај децата варираат во зависност од тоа кои комбинации на производи се користат. На пример, децата што користеле лосиони и масла имале повеќе мирисни фталати (DEP), додека децата што користеле шампони, регенератори и други производи имале повеќе фталати поврзани со пластичната амбалажа (DEHP). Ова значи дека децата не се изложени само на хемикалии што се наоѓаат во самите производи, туку и на оние што доаѓаат од пакувањето.

Не е практично да се разгледува секој производ поединечно бидејќи во реалноста луѓето често користат повеќе производи одеднаш, изјавил Блум.

Дали родителите треба да бидат загрижени?

Иако оваа студија не истражувала директни здравствени последици, претходните истражувања ги поврзале фталатите со невроразвојни нарушувања како што се АДХД, хормонални нарушувања и неплодност, особено кај мажите, и метаболички заболувања. Поради ова, Блум препорачува претпазливост и им советува на родителите да избегнуваат производи што содржат фталати секогаш кога е можно, бидејќи децата се особено ранливи на потенцијални негативни ефекти врз развојот.

Важно е да се нагласи дека фталатите не доаѓаат исклучиво од козметиката – тие може да се најдат и во пластични садови за храна и пијалаци.

Треба да дејствуваме превентивно. Не можеме да чекаме 20 години за да видиме дали има сериозни последици. Треба веднаш да утврдиме дали има негативни здравствени ефекти и како можеме да ги ублажиме. Ако развојот е веќе нарушен, тешко е да се поправи подоцна, заклучува Блум.

Повеќе