Еден едноставен трик – како да го решите проблемот кога детето настојува да му купите нешто во продавница

Овој трик не само што помага да се спречат изливите на бес и конфликтот со децата, туку и да се научат на вештината на одложување на задоволувањето, што е еден од клучевите за идниот успех.

152

Уште една фигура на суперјунак (покрај сите што веќе ги има дома), уште една, седма кадифена мачка, уште еден автомобил на далечински управувач… затоа што претпоставувам дека четири не се доволни?

Може ли, може ли, може ли?

Така изгледа кога се децата мали. Најпрво почнува со барање да им се купи нешто што мораат веднаш да го имаат. Потоа, кога ќе видат дека навистина нема да им купите, сè ескалира со излив на гнев. Се разбира, тоа не се случува секој ден, но родителите на мали деца знаат како изгледа ова кога ќе се случи.

И покрај разговор пред одење во продавница за тоа што ќе купите и што евентуално може да се стави на списокот со желби за следниот пат, ова сепак може да се случи.

Е тогаш доаѓа на ред овој едноставен „трик“ што го предлага една мајка.

Овој трик не само што помага да се спречат изливите на бес и конфликтот со децата, туку и да се научат на вештината на одложување на задоволувањето, што е еден од клучевите за идниот успех. Поважно од успехот во училиште и од коефициентот на интелигенција. Дополнително, децата кои се способни да ги контролираат импулсите на здрав начин ја носат оваа многу важна способност и во зрелоста.

Три важни чекори во ситуации кога децата инсистираат да им купите нешто
Значи, еве што треба да направите ако вашето дете побара да му купите нешто токму сега:

  1. Сослушајте ја желбата и покажете дека ја разбирате (околу 30 секунди од времето). Само една, едноставна реченица како „Да, таа нова фигура на Супермен е навистина кул“. Ако го заборавите овој чекор, веројатно ќе ја расипете целата работа. И мене многу ми се допаѓа овој керамички сет за шеќер и кафе, но имам и еден стар што е сосема во ред! Потполно те разбирам.
  2. Поставете го следново прашање: „Дали сакаш да ја ставиме таа фигура на списокот со желби?“ (уште 30 секунди). Ова ќе го префрли фокусот од желбата на детето да има нешто СЕГА и ВЕДНАШ на тоа да провери дали таа фигура е една од работите што навистина ги сака на списокот со подароци за следната прилика.
  3. Почитувајте го одговорот. (околу една минута). Ако каже да, го земате телефонот, ги отворате белешките и ја додавате таа играчка на списокот со желби ТАМУ. Не подоцна, не кога ќе завршите со шопингот. Колку и да ви звучи сето тоа смешно, децата ги заслужуваат овие две минути од нашето време.

И тоа е тоа.

Не само што ќе ги решите плачењето и изливите на бес, туку ќе имате и список за родендени или други прилики кога некој ќе ве праша што да им купат на вашите деца.

Друго важно правило за родителите
Можеби ова не треба да се нагласува, но кога вашето дете бара нешто, ако веќе не сте се договориле, не го купувајте веднаш кога ќе побара.

Секако, сите сакаме да ја гледаме насмевката на лицата на нашите деца и радоста кога им ја исполнуваме желбата иако тоа не го очекувале, но ако го правите понекогаш, а понекогаш не, ги збунувате и го уништувате целиот концепт. Тие постојано ќе прашуваат бидејќи никогаш не знаат дали можеби сте расположени да им ја исполните желбата денес. Нека не зависи од состојбата на вашата тековна сметка или од вашето расположение. Тие не можат да ја направат разликата и да ја разберат, па ќе продолжат да прашуваат секој пат, верувајќи дека можеби ќе попуштите.

Ако навистина сакате да го изненадите детето, направете го тоа за ден-два, нека помине тој момент.

И тоа не е сѐ…
Секој месец или два ја разгледуваме листата на желби. Потоа ги гледаме оние мали желби, играчките со кои би си играле два дена, покрај навистина важните, како нов велосипед или патување со мама и тато. И тоа е совршена можност да зборуваме за фактот дека ако редовно трошиме пари на мали и не толку важни работи, нема да ни остане ништо за големите и навистина важните, како некои големи цели и патувања.

Во повеќето случаи, децата потоа се предомислуваат и самите ги симнуваат тие импулсивни желби од списокот. Што е одлично, затоа што не мораше строго и налутено да ги уверувате колку се разгалени што побарале уште една кукла.

И на крајот, наместо да им ја наполните собата со куп слични играчки кои ќе завршат во некое ќоше, вие сте ги натерале да научат да го одложуваат задоволувањето, да ги контролираат нивните импулси и да одат кон повисока цел.

Повеќе