„Гласната тишина“ – панел дискусија за семејното насилство во семејства со лице со аутистичен спектар

На 3.септември во Битола ќе се одржи панел-дискусија под наслов „Гласната тишина“, посветена на семејното насилство во семејства во кои живее лице со аутистичен спектар.
Настанот има за цел да отвори разговор за тема за која сè уште недоволно се зборува

65

Здружението на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни „Рилука“ – Битола на 3 септември, со почеток во 18 часот, во кино „Манаки“, организира панел-дискусија под наслов „Гласната тишина“, посветена на семејното насилство во семејства во кои живее лице со аутистичен спектар.
Настанот има за цел да отвори професионален и јавен разговор за тема за која сè уште недоволно се зборува – како хроничниот стрес, исцрпеноста, комплексните потреби на лицето со аутистичен спектар, емоционалниот и финансискиот товар и недостатокот од навремена поддршка можат да влијаат врз семејната динамика и да го зголемат ризикот од семејна криза.
Аутизмот не е причина за насилство, ниту насилството може да се оправда. Но, разбирањето на контекстот во кој настанува семејната криза е важно за нејзина навремена превенција и интервенција.
Вечерта ќе започне со проекција на краткометражен филм, реализиран за потребите на „Рилука“, кој ја обработува семејната динамика во дом каде живее лице со аутистичен спектар, последиците од насилството и влијанието врз сите членови на семејството.
По филмската проекција ќе следува панел-дискусија со претставници од повеќе професионални области, со цел темата да биде разгледана од различни аспекти.
На панелот ќе учествуваат: Драгана Кирковска – дефектолог/специјален едукатор и рехабилитатор, директор на ОУРЦ; Елеонора Серафимовска – психолог и претседател на Комората на психолози; Маргарита Николовска – психотерапевт и потпретседател на Комората на психолози; Наташа Бекирова – психолог од Женски центар за поддршка; Бети Бошкова – виш инспектор за семејно насилство и малолетничка деликвенција; Зана Богоевски – виш инспектор за семејно насилство и малолетничка деликвенција; Марина Ѓорговска – психолог од Центарот за социјална работа; Марија Димовска – педијатар; Мартина Ристеска-Златевска – адвокат.
Дискусијата ќе ја модерира Ирена Н. Ристановска, претседател на „Рилука“.
Фокусот ќе биде ставен на раното препознавање на ризикот, препознавањето на невидливите форми на насилство, психолошката и социјалната поддршка на семејството, заштитата на детето и лицето со аутистичен спектар, како и на потребата од координирана реакција меѓу институциите и стручните служби.
Особено значајно е што на една маса ќе се сретнат професионалци од областа на психологијата, специјалната едукација, социјалната заштита, здравството, полицијата и правото. Токму ваквиот мултидисциплинарен пристап е неопходен кога станува збор за сложени семејни ситуации.
„Гласната тишина“ не е настан кој има за цел само да зборува за насилството откако ќе се случи. Целта е да се постави прашањето што можеме да направиме порано – пред кризата да стане насилство, пред семејството да остане само и пред детето да ги почувствува последиците.
Затоа што насилството не секогаш остава видливи траги. Понекогаш се крие во стравот, молкот, променетото однесување, постојаната напнатост и чувството дека никој не ве слуша.
Аутизмот сам по себе носи многу предизвици. Ниту едно семејство не треба да остане само со тој товар. Поддршката треба да започне навреме.
По завршувањето на панел-дискусијата ќе следува неформално дружење и коктел за присутните.

Повеќе