Вакцина пртив „зомби“ клетките: Научниците бараат начин да го забават стареењето

Експерименталниот третман ги насочува одбранбените клетки кон оштетените клетки кои престануваат да се делат, но остануваат во организмот и можат да предизвикуваат воспаление

60

Научниците веќе неколку години истражуваат еден необичен пристап кон стареењето – вакцина која би можела селективно да ги отстранува таканаречените „зомби“ клетки. Станува збор за сенесцентни клетки, односно клетки кои престанале да се делат и да функционираат нормално, но не умираат. Со текот на годините тие можат да се натрупаат во различни ткива и да испуштаат материи кои предизвикуваат воспаление и можат да им наштетат на соседните здрави клетки.

За да биде појасно, овие клетки не се „мртви“, туку се нешто како клетки што заглавиле во состојба на стареење. Кога сме млади, организмот полесно ги препознава и отстранува, но со стареењето нивниот број може да се зголемува. Тие се поврзуваат со процеси како хронично воспаление и со повеќе болести поврзани со стареењето. Сепак, важно е да се нагласи дека сенесцентните клетки не се секогаш штетни – во одредени ситуации имаат и корисна улога, на пример при заздравување на ткивата.

Токму затоа тимот предводен од професорот Тору Минамино од Универзитетот Јунтендо во Токио барал начин да се пронајдат одредени сенесцентни клетки и да се насочи имунолошкиот систем кон нив. Истражувачите идентификувале протеин наречен GPNMB, кој во поголема мера се појавува на површината на одредени сенесцентни клетки. Врз основа на тоа развиле пептидна вакцина која треба да му помогне на организмот да создаде антитела против тие клетки.

Принципот е релативно едноставен: вакцината го поттикнува организмот да создаде антитела кои се врзуваат за клетките што го носат целниот протеин. Откако антителата ќе ги „обележат“, имунолошките клетки можат полесно да ги препознаат и отстранат. Кај експерименталните животни ваквиот пристап довел до намалување на бројот на одредени сенесцентни клетки, а истражувачите забележале и подобрувања кај промени поврзани со стареењето, особено во крвните садови.

Ова отвора можност еден ден ваквите терапии да се користат за болести поврзани со стареењето, како намалена еластичност на артериите и нарушувања на метаболизмот, но тука треба да се биде внимателен. Истражувањето на Минамино е спроведено пред сè на глувци, а не на луѓе, што значи дека резултатите не можат автоматски да се пренесат кај човекот. Дополнително, научниците мора да утврдат дали ваквото отстранување на клетки е безбедно на долг рок.

Истражувањето во оваа област продолжува и денес. Во 2025 година, на пример, друг научен тим објави резултати од експериментална пептидна вакцина насочена кон протеинот CD38. Кај стари глувци вакцината довела до намалување на одредени сенесцентни клетки, подобра регулација на шеќерот во крвта и подобрување на некои физички и метаболички показатели. Овие резултати се интересни, но и оваа вакцина засега е експериментална.

Повеќе