Имате чувство дека наеднаш остаревте? Постојат две пресвртни точки во животот кога луѓето нагло се менуваат
Нучниците откриле дека повеќе од 80 проценти од молекулите во човечкото тело нагло се менуваат во одредени периоди од животот на една личност – најчесто во средината на 40-тите и раните 60-ти.
Ако се чувствувате како да сте се разбудиле едно утро изгледајќи постаро, веројатно не грешите.
Имено, новото истражување на научниците од Универзитетот Стенфорд покажало дека постојат
две пресвртни точки во животот на луѓето во кои повеќето луѓе – одеднаш стареат.
И не, тоа не е само субјективно чувство, туку нашето тело драматично старее на молекуларно ниво.
Научниците кои проучувале различни молекули и микробиоми во човечкото тело откриле дека нивниот број не се менува постепено, туку нагло и во точно одредено време.
Како што изјавиле во нивната студија, објавена во списанието Nature Aging, овие брзи промени се случуваат (во просек) на возраст од 44 до 60 години.
„Ние не се менуваме само постепено со текот на времето. Има некои навистина драматични промени“, вели д-р Мајкл Снајдер, професор по генетика и постар автор на студијата.
„Средината на 40-тите се покажа како време на драматични промени, како и раните 60-ти. И ова е точно без разлика на која класа на молекули ќе гледате“.
Како што истакнуваат научниците, овие промени влијаат на нашето здравје – пред се на циркулаторниот, но и на имунолошкиот систем.
За време на нивното истражување, научниците користеле податоци од 108 субјекти за подобро да ја разберат биологијата на стареењето.
Испитаниците давале примероци од крв и други биолошки примероци на секои неколку месеци во текот на неколку години, а научниците следеле цела низа параметри во овие примероци – од РНК, протеини и метаболити, до промени во микробиомите.
Тие собрале околу 250 милијарди различни податоци, кои потоа ги анализирале.
Откриле дека повеќе од 80 проценти од молекулите во човечкото тело брзо се менуваат во одредени периоди од животот на една личност – најчесто во средината на 40-тите и раните 60-ти.
Тоа што толку многу драматични промени се случуваат во раните 60-ти можеби не е изненадувачки, објаснил Снајдер, бидејќи се знае дека многу ризици од болести поврзани со возраста и други феномени поврзани со возраста се зголемуваат во тој период од животот.
Но, промената што се случува во средината на 40-тите ги изненадила научниците.
Отпрвин мислеле дека промената се случува само кај жените поради влегувањето во перименопауза и менопауза, но кога ги погледнале податоците на машките субјекти откриле дека и тие на таа возраст влегуваат во период на промени.
Ова сугерира дека додека менопаузата или перименопаузата може да придонесат за промените забележани кај жените во средината на 40-тите години, но веројатно постојат други, позначајни фактори кои влијаат на овие промени и кај мажите и кај жените.
Идентификувањето и проучувањето на овие фактори треба да биде приоритет за идните истражувања, посочуваат научниците.
Меѓу другото, кај луѓето на возраст од 40 години, забележани се значителни промени во бројот на молекули поврзани со алкохолот, кофеинот и метаболизмот на липидите, кардиоваскуларните заболувања и кожата и мускулите.
Од друга страна, кај луѓето во нивните 60-ти, промените најмногу се поврзани со метаболизмот на јаглехидратите и кофеинот, имунолошкиот систем, бубрежните заболувања, васкуларните заболувања и кожата и мускулите.
Можно е некои од тие промени да се поврзани со животниот стил или факторите на однесување кои се групирани во тие возрасни групи, наместо да бидат поттикнати од биолошки фактори, рекол Снајдер.
На пример, дисфункција во метаболизмот на алкохолот може да се должи на зголемување на потрошувачката на алкохол во средината на 40-тите години на луѓето, што често е стресен период од животот.
Без разлика на нивните причинители, истакнуваат научниците, постоењето на овие групи укажува на потребата луѓето да внимаваат на своето здравје, особено во 40-тите и 60-тите години.
Тие советуваат луѓето во 40-тите и 60-тите да вежбаат повеќе, со цел да го заштитат срцето и да ја одржат мускулната маса, но и да го намалат консумирањето алкохол, бидејќи со возраста метаболизмот се потешко го раствора.