Инфлуенсерката Рози има 130.000 следбеници и секогаш изгледа совршено: Арно ама – не е човек!
Таа пее, танцува, модел е, но ништо од тоа не е реално, таа е виртуелна инфлуенсерка. Во Јужна Кореја, главниот град на пластичната хирургија, постои загриженост дека виртуелните инфлуенсери би можеле дополнително да ги поттикнат нереалните стандарди за убавина.
Прекрасната Рози на Инстаграм ја следат повеќе од 130.000 луѓе со кои споделува фотографии од нејзините авантури, а нејзината шминка е секогаш беспрекорна, нејзината облека изгледа како од модните писти, но ништо од тоа не е реално.
Рози е јужнокорејска виртуелна инфлуенсерка, дигитално изведена личност која е толку реална што луѓето често мислат дека е вистинска жена, иако не е.
„Дали си вистинска личност? Или си робот?“, често ѝ ги поставуваат овие прашања во коментарите на Инстаграм. Компанијата Sidus Studio X со седиште во Сеул, ја создала Рози. Тие за Си-Ен-Ен рекле: „Таа е способна да направи сè што луѓето не можат да го направат, во облик најсличен на човекот“.
Откако беше лансирана оваа виртуелна инфлуенсерка, таа склопила договори со брендови и спонзорства, одела на пистата на виртуелни модни ревии, па дури и објавила два синглови.
Индустријата за виртуелни луѓе цвета, а со тоа и новата економија каде славните личности никогаш не стареат, не предизвикуваат скандали и се дигитално беспрекорни, а сето тоа предизвикува тревога кај луѓето во земјата кои се опседнати со недостижните стандарди за убавина.
Функционирање на виртуелни инфлуенсери
Технологијата CGI (компјутерски генерирани слики) зад Рози е сеприсутна во денешната забавна индустрија, каде што уметниците ја користат за да создадат реални нечовечки ликови во филмовите, компјутерските игри и музичките видеа, но дури од неодамна се користи и за создавање виртуелни инфлуенсери.
Кога создава слика на Рози, Sidus Studio X користи технологија и ја создава од глава до пети, што е идеално за совршени фотографии на Инстаграм, но понекогаш само ја поставува нејзината глава врз телото на вистински модел.
Виртуелните инфлуенсери создаваат следбеници преку социјалните мрежи, каде што објавуваат снимки од нивните „животи“ и комуницираат со своите фанови. На профилот на Рози се гледа како таа патува во Сингапур и ужива во чаша вино на покрив, а обожавателите постојано ја фалат нејзината облека.
Интеракцијата со „вештачка личност“ постарите генерации ќе ја сметаат за чудна, но експертите велат дека виртуелните инфлуенсери навистина им се допаднале на помладите Корејци, кои поминуваат голем дел од својот живот на интернет.
23-годишната Ли На-кјонг од Инчеон, почнала да ја следи Рози пред две години мислејќи дека е вистинска личност. И Рози ја заследила неа, понекогаш коментирајќи ги нејзините објави, а нивното виртуелно пријателство процветало и трае дури и откако Ли ја дознала вистината.
„Комунициравме како пријатели и се чувствував пријатно со неа. Не размислувам за неа како за плод на вештачка интелигенција, туку како за вистинска пријателка. Ја сакам нејзината содржина. Таа е толку убава”, објаснила Ли.
Профитабилен бизнис
Социјалните медиуми им овозможуваат на виртуелните инфлуенсери да соберат голем број следбеници, а оттаму доаѓаат и парите. Рози има многу спонзорирани објави на својот Инстаграм каде што рекламира производи за нега на кожа и модни производи.
„Многу големи компании во Кореја сакаат да ја користат Рози како модел. Оваа година очекуваме лесно да заработиме повеќе од две милијарди корејски вони (околу 1,52 милиони американски долари) само од Рози“, рекол извршниот директор на Sidus Studio X, Баик Сеунг-јуп.
Како што Рози станувала сѐ попопуларна, компанијата добивала сѐ повеќе спонзорства од луксузни брендови како Шанел и Хермес. Нејзините реклами се појавуваат на телевизија и во „офлајн простори“ на билборди и автобуски постојки. Моделите се многу барани бидејќи им помагаат на брендовите да допрат до многу помлади потрошувачи. Покрај модата и убавината, меѓу клиентите на Рози се и компаниите за животно осигурување и банки, кои вообичаено се сметаат за старомодни, но нивниот имиџ се сменил по соработката со Рози.
Полесни се за одржување и не стареат
Извршниот директор исто така изјавил дека во споредба со некои нивни колеги од реалниот живот, ваквите виртуелни инфлуенсери полесно се одржуваат. Потребни се неколку часа, понекогаш и неколку дена, за да се создаде слика од нивните ѕвезди, а од два дена до неколку недели за видео реклама. Ова претставува многу помалку време и работа отколку што е потребно за работа со вистински луѓе каде што се трошат недели и месеци во потрага по локација, подготовка на осветлување, коса, шминка, стајлинг, постпродукција.
Виртуелните инфлуенсери никогаш не стареат, никогаш не се заморуваат од тоа и не повикуваат на контроверзи. Јужнокорејскиот малопродажен бренд Lotte Home Shopping создал своја виртуелна инфлуенсерка, Луси. И годинава очекуваат од неа голем профит. Лоте ангажира вистински луѓе за телевизиски реклами на своите производи, кои, според нив, „чинат многу и ќе се променат кога ќе остарат“.
Така дошле до Луси, која засекогаш ќе има 29 години. „Луси не е ограничена со време или простор. Таа може да се појави насекаде. Нема морални проблеми“, велат од компанијата Lotte Home Shopping.
Нереален стандард за убавина
Заедно со Рози, меѓу најпознатите виртуелни инфлуенсери во светот се и Лил Микел, создадена од ко-основачите на американски технолошки стартап, кој има повеќе од три милиони следбеници на Инстаграм и работи со брендови како Келвин Клајн и Прада и Лу оф Магалу, а кој е создадена од бразилска малопродажна компанија и има речиси шест милиони следбеници на Инстаграм.
Професорка на Универзитетот Инха рекла дека виртуелните инфлуенсери во другите земји имаат тенденција да одразуваат различно етничко потекло и идеали за убавина, додека во Кореја тие секогаш се „убави и ги одразуваат вредностите на земјата“. Во Јужна Кореја, главниот град на пластичната хирургија, постои загриженост дека виртуелните инфлуенсери би можеле дополнително да ги поттикнат нереалните стандарди за убавина.
Во последниве години, помладите Корејци почнаа да се спротивставуваат на овие идеали, но сè уште постои заедничко верување меѓу нив дека ова е убаво. За жените, тоа е обично минијатурна фигура со големи очи, мало лице и бледа, чиста кожа, а овие карактеристики ги споделуваат повеќето виртуелни инфлуенсери во земјата: Рози има полни усни, долги нозе, рамен стомак, а Луси има совршена кожа, сјајна коса и нежна линија на вилицата.
Постои голема загриженост дека инфлуенсерите како Рози и Луси би можеле да ги направат уште понеостварливи веќе бараните корејски стандарди за убавина и да ја зголемат побарувачката за пластична хирургија или козметички производи кај жените кои сакаат да ги имитираат. „Вистинските жени сакаат да станат како нив, а мажите сакаат да излегуваат со такви жени“, вели Ли Еун Хи, професорка на универзитетот.
Извршниот директор на Sidus Studio X изјавил дека Рози не е она што секој би го нарекол убава и дека компанијата намерно се обидела да ја направи да изгледа уникатно и да се оддалечи од традиционалните корејски норми.