Инклузија на децата со попреченост во образовниот систем

Децата со попреченост се соочуваат со повеќе форми на дискриминација кои водат кон нивно исклучување од општеството и образованието. Токму образованието е еден од најефективните начини за прекинување на кругот на дискриминација

691

Инклузивното образование се темели на пристапот заснован на човековите права кој е дефиниран со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации и со Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации.

Во Концепцијата за инклузивно образование е дадено следното објаснување: „Инклузивното образование е процес со кој се излегува во пресрет и се одговара на различните потреби на децата, младите и возрасните преку зголемување на учеството во учењето, во училиштето и во заедницата.

Тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, приоди, организација и стратегии за да се овозможи квалитетно образование за сите.  Инклузивното образование подразбира дека сите деца се вклучени и се прифатени, со особено внимание на децата што може да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Тие, без оглед на нивните потенцијали или слабости во некои области, се вклучуваат во редовните одделенија и им се обезбедуваат соодветни услови за учење, напредување и учество во животот на училиштето. “

Инклузивното образование е широк концепт што ги опфаќа сите групи деца. И основна цел на инклузијата е поттикнување развој на сите деца.

Во овој текст ќе стане збор конкретно за децата со попреченост.

Попреченоста не е невообичаена и е дел од човековата разновидност. Се проценува дека 15% од светската популација има попреченост, процент кој се очекува да расте, поради лошата здравствена заштита и исхрана во почетокот на животот, сé постарото население и насилните граѓански конфликти, е наведено во стручна брошура од УНИЦЕФ.

Попреченоста не ги засега само поединците, туку и нивните семејства и старатели. Децата со попреченост се соочуваат со повеќе форми на дискриминација кои водат кон нивно исклучување од општеството и образованието. Токму образованието е еден од најефективните начини за прекинување на кругот на дискриминација со која често се соочуваат децата со попреченост и нивните семејства.

Во самото училиште е потребно е да се градат капацитети за развој на инклузивна клима и обезбедување систематска поддршка на севкупниот воспитно-образовен кадар, со цел да се постигне вреднување на различностите, промовирање еднаквост и недискриминација и креирање услови и можности за учење и напредување на секој ученик.

При запишувањето на детето со попреченост во прво одделение родителот/старателот потребно е да достави мислење/функционален профил од стручно тело за функционална проценка. Стручните тела за функционална проценка имаат должност да ги утврдат способностите на детето и даваат мислење дали треба да се направи посебен образовен план за детето со попреченост во редовното училиште и доколку е потребно му се доделува образовен асистент. Образовните асистенти се од различни профили, како социјален работник, психолог, педагог, одделенски наставник.

Во ресурсните центри, поранешни училишта за деца со попреченост, постои оддел каде се обучуваат образовните асистенти и понатаму ги координираат и распределуваат во редовните училишта.  Образовниот асистент се грижи за детето само во текот на наставата и му помага на детето за време на наставата да ги совлада и научи наставните содржините. Исто така му помага на детето со попреченост да се адаптира во училишната средина, но и врсничката средина да го прифати детето со попреченост, да поттикне емпатија кај нив со еден хуман пристап кој што ќе го негуваат и понатаму во животот. На тој начин уште од мали нозе децата се поттикнуваат и се менува свеста за еден однос со прифаќање и инклузија на лицата со попреченост.

Вредностите и ставовите на инклузивниот наставник се од суштинско значење за инклузивното образование. Добро обучените, поддржани, во соработка со Училишниот инклузивен тим и мотивирани наставници влијаат врз пристапот, учеството и успехот на сите деца, а особено на децата со посебни образовни потреби на кои им треба дополнителен поттик и поддршка за да дојдат и да останат на училиште, а потребно е и да развиваат колаборативна училишна култура.

Инклузијата е социјален модел кој попреченоста  не ја третира само како проблем на индивидуата, туку како проблем на општеството. Општеството е тоа кое мора да се менува за да може да одговори на специфичните потреби на секој поединец. За инклузија на децата со попреченост во образовниот систем потребен е индивидуален пристап, соработка помеѓу стручните лица, родителите/старателите, институциите.

Погоре  дадов краток осврт на стручните лица кои се вклучени во крајниот дел од постапката на инклузивното образование, веќе во делот на реализација на инклузијата. Разработена е и имплементирана цела „Концепција за инклузивно образование“, но потребно е социјално образование на средината во која живееме, потребна е социјална инклузија на лицата со попреченост. Потребна е едукација и на учениците и на нивните родители. Потребно е секој од нас да ги почитува правата и способностите на секој поединец, со попреченост или без, црн, бел, жолт, православен, евреин, будист или муслиман, со физичка попреченост, попреченост во развојот, ретка болест или здрав човек, да се избегнува етикетирање, стигматизација и дискриминација.

Да се развиваат пријателства, да ги прифатиме разликите, па зар не е секој индивидуа за себе, различна од другите, па зар секој не носи свој специфичен отпечаток на прстите, карактеристичен само за него. Потребно е да ја цениме различноста и да си даваме поддршка едни на други, да се едуцираме за да ја подигнеме свеста за тоа што значи да си дете со попреченост на прагот на своето образование, на прагот од својот живот, неприфатено, отфрлено од средината. Децата со попреченост не бараат посебен однос кон нив. Детето со попреченост ги има истите потреби и истите желби како и секое друго дете и ја бараат истата љубов како секој еден од нас.

Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на линијата за родители

Повеќе