Јована, Лука и Јаков, готвачи за своја душа: Децата не спијат од возбуда кога треба да готват во кујната на Амигос

Секој вторник, кујната на скопскиот ресторан „Амигос“ е место на среќата за учениците од ДСУ за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“ – Скопје. Таму доаѓаат благодарение на својот наставник, шеф Александар Пановски Пуцко, но пред сè, благодарение на сопствениците на ресторанот кој широкоградо им ја даваат оваа можност

354

Со денови откако ќе им соопштат дека се на ред да одат на практична настава во ресторанот „Амигос – Железничка“, учениците од ДСУ за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“, ниту можат да спијат, ниту, што се вели, можат да јадат и да пијат.

„Во рамки на практичната настава надвор од училиштето, секој вторник, од октомври минатата година (2024), по тројца ученици доаѓаат во ресторанот Амигос-Железничка кадешто со помош на шефот прават пици, омлет и палачинки. Децата не спијат од возбуда од оној момент кога ќе им кажеме дека се на ред да дојдат тука“, вели наставникот Александар Пановски-Пуцко, професионалец и во двете професии – во кулинарството и во образованието.

„Ја имам таа привилегија во исто време да ги извршувам двете работи што најмногу ме исполнуваат – да готвам и да работам со една прекрасна категорија дечиња, кои му се радуваат на животот како никој друг и за кои е само малку потребно за денот да им биде посебен, како од приказните“, вели нашиот соговорник.

Овој проект го спроведува со сесрдна поддршка од неговата колешка Христина Смилковска, која работи како дефектолог во училиштето веќе 10 години, а му помага на Александар, овие часови по практична настава да поминат во најдобар ред.

Проектот ќе трае до крај на учебната година со тоа што тие се надеваат дека ќе продолжи и следната година, но и дека ќе има интерес и од други ресторани кои ќе им ги отворат вратите од своите кујни.

Се надеваме дека и други ресторани ќе ни ги отворат вратите

„Претходно сум соработувал со други ресторани, во кои кога ќе дојдевме, само ќе ни ја покажеа кујната и ќе не испратеа со некој пригоден и културен изговор, а ние се враќавме во училиштето разочарани. Или ќе дојдевме еднаш и потоа ќе најдеа некој културен начин за да ни ја прекинат соработката. Тоа не е воопшто пријатно ниту за мене, ниту за учениците и за нивните родители. Но, во „Амигос“ не е така. Децата се пресреќни кога доаѓаат тука и пред да дојдат и потоа, кога бараат од мене да им ги покажувам фотографиите што сме ги направиле“, вели Александар.

Тој и Христина ни раскажаа и нешто повеќе за тројцата ученици кои готвеа во „Амигос“ оној вторник кога беше таму и „Арт кујна“.

Јована е вистинска вредница, Јаков е уметник, а Лука вистински убавец

„Нашите ученици се ученици со интелектуална попреченост, но сите се различни и секое си има своја приказна. Јована има 22 години и е со полесна интелектуална попреченост, многу е вредна, исполнителна и одговорна и таа е подготвена за вистински работен ангажман во некој ресторан како помошник на готвачите, што е и нејзина најголема желба“, ни раскажа Христина додавајќи и дека Јована е кај нив веќе долго време и бидејќи е од Куманово, сместена е во интернатскиот дел од училиштето.

„Јована многу често им помага во кујната на готвачките кои подготвуваат храна за учениците и е работоспособна, па се надеваме дека некој од рестораните ќе ѝ даде шанса за работа“, се надоврзува и Александар.

Лука и Јаков се со високофункционален аутизам, а со огромно вложување и труд на нивните родители дома и на персоналот од училиштето за време на нивниот престој таму, се со стекнати хигиенски и работни навики.

„Јаков има посебна уметничка дарба, знае да црта многу убаво и како што можете да забележите, иако сите тројца прекрасно ги дизајнираат порциите со храна, тој им дава и некоја посебна уметничка нишка. Јаков има и една друга пасија, а тоа е риболовот на кој оди со татко му и е одличен во филирањето на риби. Тоа го сака многу, но и многу добро знае да го прави. А да не ви кажувам за тоа колку се добри неговите слики на водениот свет. Има и смисла за хумор и е многу позитивен и секогаш заштитнички настроен кон девојчињата. Лука пак ѝ помага на неговата мајка во разнесувањето на мраз по скопските ресторани и тој, како што и сами забележавте, е многу педантен“, раскажува Александар како да зборува за свои деца.

Лука, кој е и најмлад во ова трио, додека течеше нашиот разговор, веќе ја раскрена брзо масата, ја соблече униформата и му ја даде на наставникот.

„Освен Јаков кој е тука по вторпат, Лука и Јована доаѓаат првпат, а ние ги подготвуваме неколку денови претходно за да знаат како да се однесуваат и што ќе треба да прават, зашто се специфични и во спротивно може да се вознемират поради нешто. На пример, еднаш имавме еден случај кога се вознемири детето поради звукот на правосмукалката и сега правиме претходно повеќе подготовки. Обично сакаме да одат сами со нас, зашто ако е родителот тука, тие ќе ѕиркаат цело време и ќе проверуваат дали ги чека или ќе сакаат да му покажат што направиле и слично“, објаснуваат нашите соговорници.

Велат и дека иако сите тие деца се различни и според степенот на попреченост различно се вклучуваат во процесите на работа, заедничко им е тоа дека она што го сакаат, го сакаат со сето свое срце, а тоа најдобро се забележува по нивната искрена насмевка и радост.

Важно е луѓето да видат дека овие деца имаат работни навики, способности и вештини

Инаку, до идејата за оваа соработка со Амигос дошле после една претходна соработка кога со организацијата „Еквалити“, организирале заеднички настан-модна ревија, на која учествувале некои од учениците од ова училиште, а заедно со ученици од „Лазар Танев“ и со „Амигос“, биле задолжени и околу подготовката на храната.

„Седнавме со газдата и со менаџерот на Амигос и со мојот пријател Гере од „Еквалити“ и оттука излезе оваа идеја“, раскажува Александар, а неговата колешка Христина додава дека пораката што сакаат да ја испратат оттука е и апел до другите ресторани, да ги отворат вратите за овие деца, прво за практична настава, а понатаму, ако им одговара, и за да ги вработат.

„Важно е луѓето да видат дека овие деца имаат работни навики, способности и вештини и дека можат да работат“, порача таа.

Повеќе