Како да му кажете на детето дека е зачнато со потпомогнато оплодување?

Нема разлика помеѓу вака зачнатите деца и другите деца. Всушност, има една разлика: сите таканаречени ИВФ деца- се сакани деца! Експертите им советуваат на родителите да не го кријат тоа ниту од околината ниту од сопственото дете.

337

ИВФ е скратеница од „in vitro fertilization“, она што го нарекуваме ин витро оплодување или потпомогнато оплодување. Денес во светот има повеќе од осум милиони луѓе зачнати на овој начин. Оние кои од околината кријат дека нивното дете е зачнато со мала помош од медицината веројатно ќе го кријат тоа и од самото дете. Но, лажењето не е добро, особено ако не се работи за т.н „бели лаги“, она што обично го нарекуваме ситници кои е подобро да не се знаат бидејќи нивното откривање и онака не би влијаело на личноста.

Првата личност родена „од епрувета“ е родена во 1978 година.
Ако кажеме дека на вака зачнатите деца не се гледало поинаку, ќе се лажеме. Затоа што на таквите деца и денес често се гледа поинаку и покрај тоа што се тие одамна околу нас.

Ако само фрлите око на пребарувачот Google, ќе добиете слика за тоа што прашуваат луѓето за децата зачнати преку потпомогнато оплодување или ИВФ.

Луѓето прашуваат:

Како да му кажете на вашето дете дека е производ на ИВФ?

Дали ИВФ бебињата се помалку интелигентни?

Како и родителите на Луиза, кои не сакаа да ѝ го откријат нејзиниот идентитет во јавноста, многумина го кријат фактот дека направиле ИВФ процедура токму поради можното етикетирање на околината.

Нема разлика помеѓу децата зачнати преку потпомогнато оплодување и другите деца. Всушност, има една разлика, сите таканаречени ИВФ деца – се сакани деца.

Една моја познаничка и нејзиниот сопруг ги кријат посетите на клиниката за ИВФ од татко му затоа што претходно го слушнале како коментира за дете од соседството како „специјално“ само затоа што е добиено преку потпомогнато оплодување. Имаат чувство дека детето речиси го смета за ретардирано.

Но, за среќа, 40 години по првата процедура на ИВФ, работите малку се променија, а на родителите им се советува да не го кријат тоа ниту од околината ниту од сопственото дете.

Кога после повеќекратни ИВФ процедури конечно забременив со мојата Мина, ја купив книгата „Штркот на кој му требаше помош“. Сите околу мене знаеја низ што поминуваме и знаев дека нема да кријам од моето дете како дојде на светот.

Мина има три години и секако сѐ уште не сме разговарале за тоа, но ќе разговараме. Засега знае дека пред раѓањето бебето спие во стомакот на мајка му и таму расте и дека настанува од многу љубов.

Кога и како да му кажете на детето дека е зачнато преку ИВФ? И зошто е тоа важно?

Колку што истражував и се консултирав, не постои универзално правило за тоа кога треба да разговарате со вашето дете за околностите во кои е зачнато. Сепак, истражувањата покажуваат дека е подобро да се открие вистината за ИВФ додека детето е уште мало бидејќи подоцнежните откритија доведуваат до анксиозност, стрес и депресија.
Кога детето добива информации доволно рано и е опкружено со љубовта на своите родители, тие природно ги прифаќаат тие информации како дел од развојот на својот идентитет.
Подоцнежното обелоденување може да предизвика детето да има недоверба кон своите родители затоа што тоа го криеле од него со години, а и да му ја пренесе пораката дека тоа е нешто срамно штом треба да се сокрие.
Вашите деца ја сакаат вистината! Луѓето не сакаат да бидат лажени. Меѓу нив се и вашите деца.
Истражувањето објавено во Journal of Reproductive and Infant Psychology покажа дека децата зачнати со помош на потпомогнато оплодување САКААТ ДА ЗНААТ како дошле на свет.
Особено е страшно кога детето ја дознава вистината од некој друг. Не сакате на некој да му се испушти пред вашето дете дека е „дете од епрувета“ без претходно да разговарате со детето за тоа.
Одлучувањето КОГА да му кажете на вашето дете дека сте зачнале преку ИВФ е исто толку важно како и КАКО да му го кажете тоа на вашето дете.

Некои чекаат нивните деца да ги прашаат како се прават бебињата, зошто немаат брат или сестра или зошто мама родила толку доцна.

Некои ја користат приликата кога децата се распрашуваат за нечии туѓи родители или кога ќе слушнат дека некое дете е посвоено.
Најважно е приказната да не се менува и да ја раскажете што поедноставно.

Експертите советуваат да започнете да разговарате со вашето дете за тоа околу четиригодишна возраст. За почеток, доволно е да се каже нешто како „На мама и тато им беше потребна помош од еден пријател, доктор Иван“.
Како што поминува времето, кога детето ќе започне да оди во училиште, повторете ја приказната со малку повеќе детали. Задолжително споменете дека детето пораснало во стомакот на мајката и се родило исто како и сите други деца. Секогаш вклучете во приказната информации за тоа како вашето дете било посакувано, како мама и тато многу го посакувале бебето, за детето да добие дополнително чувство на сигурност и самодоверба.

Со текот на годините, детето може само да почне да поставува дополнителни прашања, а на вас е секогаш да бидете искрени и никогаш да не ја менувате приказната.

Запомнете, на децата нема да им пречи како се зачнати сѐ додека со вас, родителите чувствуваат силна поврзаност и љубов.

Текстот е од ТУКА.

Повеќе