Најдобри чаеви против менструални болки

Умерените грчеви се нормален дел од менструацијата, но поради непријатното чувство жените денес сѐ повеќе се вртат кон природните билки за да го најдат најдобриот чај за менструални болки. Ви откриваме кои чаеви се најдобар сојузник против менструалните болки.

985

Менструалните грчеви погодуваат многу жени пред и за време на менструацијата. Тие обично започнуваат по овулацијата, кога јајниците ослободуваат јајце клетка што патува низ фалопиевата цевка.

За некои жени, грчевите можат да бидат доволно силни за да го попречат нормалниот живот. Болката, позната и како примарна дисменореа, варира од досадна и постојана до силна и екстремна и може да го зафати долниот дел на стомакот и долниот дел на грбот. Секундарната дисменореја е болка која е резултат на медицински проблем, како што е ендометриоза, миом на матката или воспалителна болест на карлицата.

Менструалните грчеви обично се однесуваат на здодевна, пулсирачка, грчевита болка во долниот дел на стомакот, веднаш над карличната коска. Други симптоми може да вклучуваат главоболка, болки во долниот дел на грбот и бутовите, гадење и повраќање, потење, несвестица и вртоглавица, запек, дијареа и надуеност.

Наместо да користат апчиња, жените денес сѐ повеќе се вртат кон чаевите за природно да ги ублажат грчевите. Истражувањата ја поддржуваат употребата на одредени чаеви за менструални грчеви и поврзаноста со надуеност и непријатност за време на менструацијата.

Менструалните чаеви помагаат да се ублажат грчевите или болките, а бидејќи се сметаат за безбедни за консумирање, вреди да се пробаат.

Чаеви против менструални болки – 5 најдобри

Добро е познато дека дисменорејата е тесно поврзана со емоционалните фактори како што се стресот и анксиозноста. Затоа се неопходни билни чаеви кои поттикнуваат физичка релаксација и ментална благосостојба. Со избирање на вистинските билки, можно е да се намали нивото на непријатност и да се ублажат класичните менструални болки.

Следниве пет билки се познати по своите смирувачки својства и можат да помогнат за да се ублажат менструалните болки.

Чај од невен

Секогаш поврзан со женското тело, невенот е познат по своите смирувачки и антиинфламаторни придобивки. Цветот од невен е исклучително ефикасен за ублажување на болната менструација, но и за регулирање на неправилен и нередовен менструален циклус.

Познато е дека неколку капки есенцијално масло намачкани на стомакот можат да помогнат во смирување на грчевите, но исто така е точно дека од суви цветови од невен може да се направи билен чај со одлични смирувачки својства.

Чајот од невен за менструација делува така што помага во регулирање на менструалното крварење, ја ублажува болката, ја зајакнува матката и го поддржува лимфниот систем со ослободување на вишокот токсини. Невенот е заслужен и за ублажување на главоболките и мачнините, типични симптоми на предменструалната фаза.

Чај од столисник
Ако се прашувате кој чај е добар за менструални болки, не можеме да не го спомнеме и чајот од столисник како една од многуте билки кои можат да ја подобрат благосостојбата на женското тело и да ги потиснат менструалните болки.

Столисникот има антиинфламаторно, антимикробно, антигабично дејство, а некои студии го докажуваат и неговото антитуморно дејство. Се препорачува за менструални болки (ги ублажува грчевите на матката), а ги ублажува и симптомите на ПМС и ја намалува нервозата. Особено е познат по своите антиспазмодични својства, т.е. по неговата способност да ја ублажи мускулната тензија во матката и да поттикне релаксација. Поради тоа, билниот чај од столисник се препорачува како лек за интензивна болка во карлицата.

Чај од ѓумбир

Чајот од ѓумбир се подготвува од коренот кој уште од дамнешни времиња се користи за убавина на женското тело и како лек за разни болести, меѓу кои и менструални грчеви, па денес е подеднакво познат како чај за менструални проблеми.

Истражувањата покажаа дека препаратите од ѓумбир можат да помогнат да се намали надуеноста и да се ублажат менструалните болки. Со оглед на тоа дека е одличен лек против мачнини, се препорачува и кога болната менструација и мачнините одат рака под рака.
Една студија во која учествувале повеќе од 600 жени покажала дека консумирањето 750-2.000 мг ѓумбир во прав во текот на првите 3-4 дена од менструацијата помогнало да се намали менструалната болка. Друга студија на 168 студентки покажала дека земањето 200 мг ѓумбир на секои шест часа е исто толку ефикасно како лековите против болки.

Зелен чај
Зелениот чај, како дел од традиционалната кинеска медицина, се користи илјадници години за лекување на разни болести. Полн е со антиоксидантни соединенија и има одредени антиинфламаторни ефекти кои можат да помогнат да се намали надуеноста.

Содржи и соединение Л-теанин, за кое студиите покажуваат дека може да ви помогне да се чувствувате помирни и поопуштени, па затоа се препорачува како здрав чај за менструални болки.

Една студија во која учествувале 1.183 жени, исто така, забележува дека пиењето зелен чај е поврзано со намалена менструална болка во споредба со пиењето други видови чај.

Увин чај
Ува урси или мечкино грозје е уште една стара билка позната како пријател на жените. Таа е составен дел на увиниот чај кој се користи за лекување на воспаленија на јајниците и уринарниот систем. Бидејќи помага при надуеност, се препорачува и како чај за менструални грчеви.

Увиниот чај се користи како средство за стимулирање на мокрењето. Бидејќи е богат со антиоксиданти, му помага на телото да ги елиминира токсините од урината со секое мокрење и поттикнува елиминација на нездравите материи од цревата. Обезбедува хидратација и помага во лекувањето на воспаление на јајниците.

Може да помогне при слабеење поради состојката арбутин, активно соединение на ова растение, кое е промовирано како додаток за слабеење.

Основна подготовка на чај
Чајот е ветувачка алтернатива на лековите без рецепт. Потребно е малку трпение за да го пронајдете растението на кое вашето тело најдобро реагира.

Во случај на нередовна менструација, чајот треба да се консумира седум дена пред почетокот, во текот на неговото траење и до крајот на циклусот.

Приготвување:
Во еден литар врела вода ставете две супени лажици (10 г) од избраниот чај.
Покријте 20 минути, повремено мешајќи.
Процедете го во термос и пијте го топло.
Пијте 1-2 шолји чај три пати на ден за најдобри резултати.

Природните лекови делуваат побавно, но можат да бидат подеднакво ефикасни како и лековите против болки и многу поздрави, без никакви последици за желудникот и нашиот организам.

Задолжително контактирајте со вашиот лекар ако симптомите на менструалните грчеви се тешки или прогресивно се влошуваат, ако крвните грутки се големи, а болката е присутна дури и откако ќе менструацијата ќе заврши.

Повеќе