Каква боја на очи ќе има вашето бебе? Еве од што зависи низ какви очи детето ќе го гледа светот

Прочитајте за тоа како бојата на очите на бебето се менува по раѓањето и од што зависи какви очи ќе има.

141

Идните родители често размислуваат за тоа како ќе изгледа нивното бебе, каква боја на очи ќе има. Многу луѓе знаат дека бојата на очите на бебињата се менува, но не се сигурни кога таа добива „постојана“ боја.

Во остатокот од текстот дознајте сѐ за бојата на очите кај бебињата, почнувајќи од тоа зошто повеќето бебиња се раѓаат со сини очи.

Зошто повеќето бебиња на почетокот имаат сини очи?

Повеќето новороденчиња имаат сини очи. Всушност, бебињата претежно имаат сиви очи, но од сите бои на очите на возрасните, сината е најблиску до бојата со која се раѓаат повеќето бебиња, па затоа сме склони да кажеме дека повеќето бебиња се раѓаат со сини очи.

Причината поради која новороденчињата имаат променлива боја на очите е група на клетки наречени меланоцити, кои произведуваат меланин, но не се целосно развиени.

Количината на меланин во ирисот на окото ја одредува и бојата на очите и поради тоа веќе во првите денови, недели и месеци бојата на очите на бебето се менува од почетна сива до нивната постојана боја на очите.

Како да знаете каква боја на очите ќе има бебето?

Во повеќето случаи, бојата на очите станува потрајна на возраст од околу девет месеци.

Сепак, тоа е просек и не е правило, бидејќи некои промени во бојата на очите може да се појават и до шестата година од животот.

Меѓутоа, ако вашето бебе има сини очи за време на неговиот прв роденден, големи се шансите дека ќе има или сини или зелени очи кога ќе порасне.

Исто така, ако бебето има темни очи на возраст од околу осум месеци, најверојатно ќе има темни очи и кога ќе порасне.

Дали очите на бебето ќе останат сиви?

Многу ретко се случува бебето да добие иста боја на очите како онаа што ја има во првите неколку месеци од животот, пишува bellybelly.com.au. Дури и ако тоа ќе има сиви очи кога ќе порасне, во одреден момент ќе има забележителна промена на бојата кога меланоцитите ќе почнат да влијаат врз неа.

Сивата боја на очите е најретката меѓу возрасните – помалку од еден процент од луѓето ја имаат.

Во која боја ќе се промени почетната нијанса?

Многу е тешко да се каже бидејќи бојата на очите 100 отсто зависи од генетиката.

Генерално, најзастапени се темно кафените очи, потоа сините, па очите со боја на лешник и зелените очи.

Има помалку од еден процент шанси некој да има друга боја на очи од наведените.
Ако и двајцата родители имаат кафени очи, најверојатно, сивите очи на бебето ќе ја променат бојата во кафена. Постои, секако, шанса во тој случај бојата да се промени во зелена или боја на лешник, но шансите се многу помали.

Како да знаете дали бебето ќе има сини очи?

Нема многу што можете да направите за да дознаете, освен да бидете трпеливи и да чекате и да видите. Секако, ако едно бебе со сини очи има двајца родители со сини очи, шансите да се задржи таа боја на очите се поголеми отколку кај родителите со темни очи.

Ако едногодишно дете има сини очи, бојата може да се промени од посветла во потемна сина бидејќи се произведува повеќе меланин, но самата боја најверојатно ќе остане трајна.

Исто така, бојата на кожата на бебето може донекаде да покаже каква ќе биде нејзината постојана боја на очите. Темната боја на очите е почеста кај луѓето со потемен тен, додека сините, зелените и костенливите очи може почесто да се забележат кај оние со посветла кожа, а причината за тоа е што меланинот влијае и на бојата на кожата и на бојата на очите.

Може ли бебето да има сини очи ако родителите ги немаат?

Да, бебето може да има сини очи дури и ако родителите ги немаат, затоа што предците од линијата на мајката и таткото имаат влијание врз генетиката на детето. Значи, ако се случи на двете страни да има од овие гени кои влијаат на тоа детето да има сини очи, тоа може да се случи.

Ако синооките гени постојат само на едната страна, на мајката или на таткото, сѐ уште има шанси детето да има сини очи, но тие се многу помали бидејќи кафеавата боја е доминантна и често преовладува.

Во некои ретки случаи, се случува детето да има црвени или виолетови очи, кај лицата кои немаат меланин во телото, а оваа состојба се нарекува албинизам и се јавува кај помалку од еден процент од луѓето.

Повеќе