Калимеро и нема правда: Таткото ѝ рекол да ја среди собата, таа се спакувала да си оди

Еден татко по име Џонатан Вилијамс ја споделил на ТикТок урнебесната реакција на своето девојче откако ја замолил да ја исчисти нејзината соба: го спакувала куферот и тргнала да си оди. Дали вие или вашите деца сте направиле нешто слично, во стилот на Калимеро и „нема правда“?

315

Кога бев дете беше актуелен цртаниот филм за Калимеро, оној што вика дека нема правда. Кога првпат решив да си одам од дома откако се налутив поради нешто, а веќе и не памтам зошто. Којзнае, можеби и мене ми рекле да си ја средам собата, а бидејќи ја делев со сестра ми, сигурно сме се скарале и со неа околу тоа кој растурил повеќе и кој треба да ја средува. Но важно е дека добив од мајка ми такво врзулче на стап какво што имаше Калимеро и ме испрати до врата. Се сеќавам дека мојот помал брат ме гледаше онака љубопитно, демек, навистина ли ќе си оди, охооо, супер, една сестра помалку! Јас не стасав ни до улицата, само до тротоарот и веќе почнав да тагувам по дома. Уште тогаш требаше да им биде јасно дека кај и да одам подоцна во животот, јас ќе се враќам дома.

Оваа приказна е слична, со тоа што сега родителите имаат на располагање мобилни телефони со кои можат да ги снимаат ексцесите на своите деца и да ги споделуваат со другите.

Така и овој татко по име Џонатан Вилијамс ја споделил на ТикТок урнебесната реакција на своето девојче откако ја замолил да ја исчисти нејзината соба: таа го спакувала куферот и тргнала да си оди.

Џонатан го снимал видеото од тремот на својата куќа. На видеото, неговата ќерка се гледа како се оддалечува по патот, влечејќи куфер на тркала. Малото девојче има одлучен израз на лицето, сакајќи јасно да му исчита лекција на својот татко.

Сепак, Џонатан очигледно не е загрижен додека неговата ќерка маршира по улицата. „Кога ќе ти стане жешко не се враќај“, вика тој по своето девојче. Таа скришум погледнува кон нејзиниот татко и застанува за момент. „Што не е во ред? Дали ти е веќе жешко?“ вика Џонатан по неа. „Ги спакува куферите, па сега оди некаде“, се шегува тој.
Видеото за ТикТок бегалката стана вирално.
На корисниците им се допадна урнебесното видео, а некои од нив ги споделија своите приказни за бегањето од дома во своето детство.

„Го направив ова, се преселив во игротеката на мојот сосед. Земав фотографија од семејството како спомен“, напишал еден од нив.
„Мојот син ја спакува маската на Бетмен, тупаницата на Хулк и пакетче чипс кога тргна да си оди“, рекол друг.

„Мојот брат го направи тоа кога имав околу пет години и му спакував торба. Речиси бев во солзи кога се збогував”, додал трет.

Некои следбеници сметаат дека е тажно и дека Џонатан не требало да ја исмева својата ќерка.
„Да ѝ кажеш на својата ќерка „Не се враќај“ е злобно и непромислено. Сега таа ќе ја доведе во прашање неговата љубов кон неа! вели едно лице.

Ќерката на Џонатан не стигнала многу далеку. Пред куќата на сосетката поминал камион, па таа се потргнала кон работ. Се замислила за момент, а потоа се свртела и се вратила дома.

Повеќе