Кога животот боли! Дали имаме право да избереме милосрдна и достоинствена смрт?
Застапниците на еутаназијата велат дека секој човек има право на избор – вклучувајќи го и изборот кога и како ќе го заврши својот живот, особено кога тој живот се претвора во постојана болка. Една од моите три другарки кои починаа од рак беше особено гласна во врска со ова, дотаму што се обидуваше да најде начин да направи еутаназија во некоја од земјите кадешто е таа дозволена. Сега Словенија е на пат кон легализација на асистираната смрт
Дебатата околу еутаназијата – или како што често се нарекува, „милосрдната смрт“ – со децении ја дели јавноста, медицинските кругови, филозофите и религиозните заедници. Дали овозможувањето на човек да го заврши својот живот на достоинствен начин е чин на хуманост? Или пак станува збор за нарушување на светоста на животот?
Една од моите три другарки кои починаа од рак, во текот на својата неколкугодишна борба со ракот, период во кој направи многу нешта за да си ја подобри здравствената состојба, нешта кои вклучуваа голем број операции, хемотерапии, но и алтернативни лекови, последниот период од животот кога се соочуваше со огромни болки и страдања, често знаеше да каже: Сакам да одам на еутаназија, ова не се издржува веќе! Тука се похумани со животните отколку со луѓето. Зошто да не им се помогне на оние како мене кои веќе немаме надеж, кои живееме во огромни болки, како што им се помага на домашните миленици, кога ги успиваат?
Се разбира, најчесто ѝ велевме дека не е така, дека не треба да се предава и дека кога болките ќе стивнат, а мора да стивнат, сигурно нема да размислува така! Но немавме право. Си замина онака како што никој од нас не сака да замине. Со поддршка од семејството, исцрпена, очајна од болки и од немоќ да одлучува за себе и за својот живот.
Гледајќи ја како се мачи, сосема ми беше разбирлива нејзината желба да стави крај, без да мора притоа да се беси, да се труе или да се фрла од балкон, иако често изгледаше дека би можела да го направи токму тоа.
Но потоа, откако ќе се оддалечев од неа, оставајќи ја со нејзината болка, не бев веќе сигурна дека еутаназијата е добар избор. Па си ги повторував сите оние флоскули кои знаев да ѝ ги кажувам и нејзе. Се случуваат чуда, животот е скапоцен и еден, ќе издржиш, ќе победиш, ќе помине…
Си велев, секогаш има надеж, додека е човек жив, треба да се надева, итн.
Искрено, ниту денес не сум на чисто околу ова прашање.
Во суштина, еутаназијата претставува чин со кој лице во тешка, неизлечива и болна состојба, со или без помош од медицинско лице, го прекинува својот живот. Често се поврзува со неиздржливи физички страдања, напреднати фази на тешки болести, токму како ракот, АЛС или деменција, кога животот станува синоним за агонија.
Да, во меѓувреме ја гледав и мајка ми која имаше деменција и чиј живот веќе немаше никакво достоинство, ниту смисла. Сепак, имаше и добри денови и токму тие добри денови ми велеа дека човек никогаш не може да знае кога е вистинскиот момент за крај.
Аргументи „за“: достоинство, избор, прекин на страдањето
Застапниците на еутаназијата велат дека секој човек има право на избор – вклучувајќи го и изборот кога и како ќе го заврши својот живот, особено кога тој живот се претвора во постојана болка.
За многумина, тоа е прашање на достоинство: да се замине со мир, без да се биде сведок на сопственото телесно и психичко распаѓање, без да се стане товар за блиските.
Во некои европски земји како Швајцарија, Холандија, Белгија, а сега можеби и Словенија, асистираната смрт е легализирана под строго регулирани услови. Таму, човекот има можност – откако ќе помине низ сериозни медицински и психолошки проценки – да избере како ќе го затвори својот животен круг.
Аргументи „против“: етички, верски и правни дилеми
Од друга страна, постојат бројни етички, религиски и правни аргументи. За многумина, животот е е нешто свето и не треба да се прекинува – независно од состојбата во која се наоѓа човекот. Медицината ја смета еутаназијата за нарушување на основната лекарска заклетва – да се лечи, а не да се одзема живот.
Религиските заедници, особено христијанството, ја гледаат еутаназијата како вмешување во „Божјата волја“, верувајќи дека само Бог има право да даде и да одземе живот. Дополнително, постојат стравувања дека легализирањето може да доведе до злоупотреби, особено кај постари лица, луѓе со хендикепи или оние во тешка социјална положба.
Дали подобрувањето на палијативната грижа е разумно решение?
Некои експерти сметаат дека фокусот треба да се стави на унапредување на палијативната грижа – систем што обезбедува максимално олеснување на болките и поддршка на пациентот и семејството на крајот од животот. Во држави како нашата, каде што палијативната грижа е сѐ уште во развојна фаза, прашањето за еутаназијата добива дополнителна тежина.
Дали еутаназијата е хумано решение?
Одговорот не е едноставен. За некого тоа е чин на љубов и милост – дозвола да се избега од неподносливите болки, а за друг, тоа е предвремено ставање крај на животот кој е вреден сам по себе и неетички чекор во медицината.
Впрочем, прашањето за еутаназијата не е воопшто лесно прашање. Тоа е прашање на вредности, совест, контекст и лична приказна. И можеби токму затоа, единствениот вистински пристап е оној што ќе им овозможи на луѓето – под строги и јасни правила – да одлучуваат за сопствениот крај, но со максимална грижа за човечкото достоинство.
Словенија на пат кон легализација на еутаназијата
Сега, една од поранешни југословенски држави, Словенија, се наоѓа на прагот на историска одлука: по успешниот референдум во јуни 2024 година, каде што 55% од граѓаните се изјаснија за легализација на асистираната смрт (еутаназија), парламентот доби јасен сигнал дека треба ова прашање да го стави во законска рамка .
Во јануари 2025 година, коалициските пратеници поднесоа предлог-закон за асистирана смрт, кој предвидува дека само лицата со неиздржлива и неизлечива болка, кои самите ќе ја администрираат смртоносната супстанца, ќе имаат право на оваа постапка.
Законот вклучува строги критериуми и барања за проценка од страна на повеќе медицински експерти, вклучувајќи психијатри и специјализирана комисија.
Поделени мислења во јавноста и стручната фела
Иако референдумот покажа поддршка за асистираната смрт, јавноста и стручната заедница остануваат поделени.
Медицинските здруженија, вклучувајќи ја и Лекарската комора на Словенија, изразија силна загриженост, наведувајќи дека асистираната смрт не е во согласност со медицинската етика и дека лекарите не треба да бидат вклучени во процеси кои водат до смрт.
И претставници на различни религиозни заедници во Словенија, вклучувајќи ја и Католичката црква, Исламската и Еврејската заедница, потпишаа заедничка изјава во која се спротивставуваат на воведувањето на асистираната смрт во законската регулатива. Според нив, секој терминално болен пациент треба да добие најдобра можна палијативна грижа, а не опција за асистирана смрт
Предлог-законот сега е во парламентарна процедура и се очекува интензивна дебата во наредните месеци. Доколку биде усвоен, Словенија ќе стане една од ретките земји во Европа која дозволува асистирана смрт под строги услови.
Во Македонија, досега не е поднесен официјален предлог за легализација на еутаназијата. Темата повремено се појавува во јавните дебати, особено во контекст на правата на пациентите и палијативната грижа, но не постои конкретна иницијатива или законски предлог во оваа насока.