Метеоролошката зима започна и некои области се веќе под снег. Оние на чии места нема снег сигурно ќе ги искористат викендите и претстојните празници за да одат некаде кадешто го има. Децата сакаат да се забавуваат на снег, да прават снешко или можеби, од љубопитност, да стават малку снег и во уста.
Веројатно повеќето од нас во некој момент пробале или посакале да пробаат малку снегче.
Тоа само по себе звучи безопасно, но не е. Имено, конзумирањето снег може да биде поврзано со некои здравствени ризици. На германскиот сајт oekotest.de експертите ги објаснуваат причините за ова.
Едно е јасно, не зборуваме за видно валкан или изгазен снег. Се подразбира дека никогаш не треба да ставате нечист снег во устата, но, што е со свежо паднатиот, недопрен снег? Сметаме дека таков снег е здрав, но сепак не е така.
Екологот Волфганг Штраф од германската Федерална агенција за животна средина објаснува: „Дождот и снегот не се храна и не се без бактерии: можна е контаминација од воздухот со производи од согорување, прашина или микробиолошки аеросоли“.
Но, дури и ако снегот беше целосно ослободен од загадувачи – што практично никогаш не е случај во нашите региони – постои друг проблем. Затоа што не е важно само што има во снегот, туку и што не е. Нашата вода за пиење, која најмногу се добива од подземните води, содржи минерали и електролити како што се магнезиум, калциум, калиум и натриум. Снегот, од друга страна, најдобро се споредува со дестилирана вода. И ако пиете или јадете прекумерно количество, можеби се изложувате на опасност.
Пиењето вода без електролити го зголемува осмотскиот притисок на нашите клетки. Ова се нарекува обратна осмоза и опасното нешто во врска со тоа е што се отстранува виталниот натриум од телото. Ова може да предизвика таканаречена интоксикација со вода, што резултира со сериозни проблеми со циркулацијата, а во екстремни случаи може да биде фатална.
Јадењето снег едноставно не е добра идеја и тоа треба да им го објасните и да ги научите вашите деца.