Контактот кожа на кожа ги зголемува шансите за преживување на предвремено родените бебиња

На бебињата родени предвреме или со екстремно ниска родилна тежина треба да им се дава таканаречената кенгурска нега или методот кожа на кожа со нивната мајка наместо да се стават во инкубатор веднаш по раѓањето за да се зголемат нивните шанси за преживување, објави Светската здравствена организација.

290

Новите упатства на СЗО за грижата за кенгур-негата претставуваат значително отстапување од сегашните протоколи за недоносени бебиња, како и од претходните совети на здравствената агенција на ОН. Упатствата се особено важни во случај на раѓања кои се вршат во делови од светот со слаб пристап до технологија и немаат сигурен пристап до електрична енергија, се вели во соопштението на СЗО.

„Овие упатства укажуваат дека најдобриот исход за недоносените бебиња не може секогаш да зависи од најнапредните решенија“, вели генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тие се однесуваат на сите новороденчиња родени пред 37-та недела од бременоста или доенчиња со тежина помала од 2,5 килограми, со исклучок на бебињата на кои им е потребна поддршка за дишење, механичка вентилација или се во состојба на шок.

Предвремено родените бебиња немаат доволно телесни масти, па затоа имаат проблеми со регулација на температурата

Методот кожа на кожа или таканаречената кенгур-нега се состои од завиткување на предвремено родените или екстремно мали новороденчиња во специјална марама што ја носи негувателката, обично мајката, наместо да се одвојуваат од родителите веднаш по раѓањето заради давање нега. Предвремено родените бебиња често немаат доволно телесни масти, што може да предизвика проблеми со регулацијата на температурата или со дишењето.

Според претходните медицински препораки, бебињата веднаш по раѓањето се ставале во инкубатор за да се стабилизира нивната состојба, што, потсетува СЗО, обично траело меѓу три и седум дена. Но, најновото истражување сугерира дека примената на кенгур грижата и охрабрувањето за доење веднаш по раѓањето, наместо откако бебето ќе се стабилизира по напуштањето на инкубаторот, може да спаси до 150.000 животи годишно.

СЗО смета дека, со оглед на резултатите од истражувањето, треба да се преиспита начинот на згрижување предвремено родени бебиња и да им се помогне на членовите на семејството да бидат со новороденчето. Агенцијата на ОН потсетува дека методот кожа на кожа што е можно поскоро по породувањето е веќе златен стандард за здрави бебиња родени во термин.

Во светот секоја година предвреме се раѓаат 15 милиони новороденчиња

Во светот секое десетто бебе или околу 15 милиони новороденчиња се раѓаат предвреме, а 20 милиони од нив имаат мала родилна тежина. Водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години се предвремено родени бебиња или предвремено родени бебиња со исклучително мала родилна тежина и неразвиени органи.

Контактот кожа на кожа помеѓу мајката и новороденчето, или методот на кенгур-нега, за првпат бил користен во Богота во 1983 година кај предвремено родени бебиња.

Неонатолозите Едгар Реј и Хектор Мартинез прибегнале кон овој метод бидејќи имале ограничени ресурси, проблеми со снабдувањето со електрична енергија и несигурна опрема. Бидејќи методот се покажал како многу ефикасен, почнал да се практикува во бројни медицински установи.

Лекарите откриле дека овој моќен контакт кожа со кожа не само што им овозможува на мајките порано да ја напуштат болницата, туку и ја намалува стапката на смртност кај новороденчињата од 70 на 30 отсто. Денес, овој пристап го препорачуваат и лекарите во поразвиените земји.

Повеќе