Кога ќе се спојат уметност, креативност, љубов и поглед на езеро: Од микробилки до макро уживање

Нашата нова пријателка Сања Бачевски која е актуелна со своите микробилки, од неодамна станува актуелна и со производството на јадливи цвеќиња. И кога овие нејзини мали „пријателчиња“ ќе се спојат со умешноста и креативноста на нејзиниот сопруг Славко кој, како што вели Сања, знае да направи сѐ од дрво, тогаш добивате одлична комбинација во која можат да уживаат сите оние кои патот некогаш ќе ги нанесе во населбата Варош, во Охрид.   

1.994

Ако не сте расположени или само имате лош ден па устата ви е како рамна линија или дури онака, со краевите свиткани надолу, како на тажните смајлиња (глуп израз ама ете така ги викаме), кога ќе се соочите со нејзината широка насмевка, некако ве орасположува, си велите, ете, имало среќни луѓе во државата.

Нејзиното име е Сања Бачевски, а бидејќи обично ја среќаваме на настани на кои се изложува храна, околу неа секогаш има одлична декорација која веројатно придонесува и за насмевката. Имено, Сања е секогаш во друштво на нејзините микробилки, ама и на дрвените изработки на нејзиниот сопруг Славко, дали е тоа некој украс, дрвен сувенир, штица за сервирање или еколошки играчки, сеедно, сѐ е едноставно прекрасно и ве предизвикува да посакате да го запознаете овој симпатичен француски пар.

Да, тие се баш онака, одличен пример за убав и усогласен пар и покрај стереотипите дека мажот морало да биде повисок од жената, а не обратно.

„Иако доаѓаме од различни средини, заедничко ни е тоа што и моето и семејството на Славко се семејства со традиција, семејства кои ја почитуваат храната во секоја смисла, а наша задача е да продолжиме со традицијата, но да ја зачиниме и со нешто наше“, вели Сања.

Новогодишна прослава во Охрид ѝ го сменила животот

Сања е родена во Лесковац, студирала во Нови Сад и таму планирала да остане да живее, ама бидејќи работите речиси никогаш не одат како што ги планираме, наместо таму, таа е денес натурализирана охриѓанка.

Сѐ тргнало од една Нова година која дошла да ја прослави со своето друштво во Охрид. Тогаш се случила судбоносната средба со охриѓанецот Славко Бачевски.

„После некое време одлучив да дојдам да живеам и јас во Охрид. Живеевме тука година ипол, а потоа се преселивме во моето родно село близу Лесковац. Таму останавме 6 години. Се занимававме со хортикултура, бидејќи мојот татко таму има расадник на украсни билки речиси 30 години. Плус, јас работев како дизајнер на дворови, а Славко се занимаваше главно со топијарство (уметничко обликување на дрвја и жбунови). Работев и во општина како надзор на одржувањето на зеленилото, значи и тогаш сѐ беше во врска со хортикултура“, се смее Сања која е и дипломиран инженер по хортикултура. 

Таа е порасната на село, со домашна храна која ја произведувале самите, од брашно, зеленчук, овошје, до месо и производи од месо.

„Кога јас растев, се знаеше на кои намирници им е сезоната, тогаш и се консумираа. Освен тоа, мојот татко не користи никакви пестициди во производството, па дури ни во производството на украсни билки. Тој има некоја своја девиза дека сака да му остави на своето потомство плодна и чиста земја. Растењето во такво семејство ме формираше така што имам голема почит кон храната, што се обидувам да им ја пренесам и на своите деца“, објаснува Сања.

Бидејќи до својата шеста година, сѐ додека не се вратиле назад во Охрид, нивниот поголем син живеел на село, научил многу работи за билките, инсектите, животните, за садењето и, воопшто, за природата. На две години веќе знаел да сади билки, а на 3-4 години ги знаел дури и нивните латински имиња.

„Помладиот син кој има 4 години, иако порасна во град, покрај брат му научи доста работи за природата. И двајцата со мене сеат микробилки, ги полеваат…Во Охрид  живееме во стариот дел од градот, Варош и тука направивме каскадна градина, па на една каскада ни се зачинските билки (магдонос, мајчина душица, нане, маточина, власец, босилек, оригано, жалфија, лаванда, рузмарин), на друга каскада се доматите (охридски домат, 3 видови шери домати, жолти, црвени и црни)….Потоа, имаме стара сорта пиперки, 2 вида на кељ. Иако е просторот мал го користиме максимално и секоја година градината ни е сѐ подобро осмислена. Имам две колешки од факултет, пријателки, едната од Нови Сад, а другата од Бања Лука, кои собираат стари сорти семиња од целиот свет, па ми ги испраќаат и јас испробувам како би успеале овде“, раскажува Сања која ширум нашата држава веќе ја препознаваат и ја идентификуваат со брендот Sanja’s microgreens.

Туризам, микробилки и јадливи цвеќиња, дрвени сувенири и еоколошки играчки

Нашата нова пријателка која е актуелна со своите микробилки, од неодамна станува актуелна и со производството на јадливи цвеќиња. И кога овие нејзини мали „пријателчиња“ ќе се спојат со умешноста и креативноста на нејзиниот сопруг Славко кој, како што вели Сања, знае да направи сѐ од дрво, тогаш добивате одлична комбинација во која можат да уживаат сите оние кои некогаш ќе ги нанесе патот во нивната градина во охридски Варош.   

Имено, Сања и нејзиниот сопруг Славко во својот двор пречекуваат туристи, а последниве две години организираат и тим билдинзи за фирми кои се заинтересирани да пробаат и да научат нешто за производството и изработката на некои од нивните производи. Исто така, отворени се и за работилници со деца од училишна возраст и, како што велат, генерално, за секаква соработка со сите добронамерни луѓе.

Сања почнала со производство на микробилки при крајот на 2019, непосредно пред почетокот на пандемијата на корона.

„Не ми беше тешко да научам да ги произведувам бидејќи имам претходно искуство во производството на билки. Најтешко ми беше да најдам добавувачи за семе, супстрати…бидејќи не сум од Македонија и немам контакти врзани за земјоделие. Во процесот на производство не користам никакви хемиски препарати, а моментално произведувам 10 различни видови микробилки, меѓу кои, 3 видови ротквици, брокула, пченка, сончоглед, црвена зелка… Соработувам главно со ресторани од Охрид. Почнав и производство на јадливи цвеќиња, само што е тоа сѐ уште мал обем на производство, но се надевам дека ќе се развие и таа приказна“, објаснува Сања.

Инаку, микро билките имаат исклучително интензивен вкус, интензивни бои и се многу декоративни, а пред сѐ, богати со витамини и минерали.

И навистина, тие и на најобичните јадења им даваат сосема нова димензија па освен во врвната гастрономија, почнаа да се употребуваат и во секојдневната исхрана, особено од оние луѓе кои вистински водат грижа за својата исхрана.

Наследство, гени, талент, традиција

За Славко и неговото семејство, Сања вели дека имаат долга традиција во туризмот и угостителството, но исто тако и во работата со дрво. Дедото на Славко по татко, бил столар, правел дури и едрилици и бил прв судија за едрење во Охрид, а и прв кој почнал да издава соби во Варош и да спрема традиционална храна за своите гости. Таа традиција ја продолжиле родителите на Славко кои спремале ѓомлезе, турлитава, риба за странците кои доаѓале во Охрид и за кои тоа било доживување, да учествуваат во правењето на ѓомлезе, а потоа сите заедно да седнат на маса и да јадат.

Од другиот дедо по мајка, кој бил познат охридски резбар, а неговите дела се наоѓаат во Академијата за науки и уметност во Скопје, иконостасот во црква во Штип, итн, Славко ја наследил дарбата за обработка на дрво.

„Славко од дрво може да направи сѐ, од скулптури, детски играчки, даски за сечење, до мебел. Моментално прави масивна врата од костен за црквата Свети Димитрија во Охрид. По нарачка прави ексклузивни кутии за часовници и за накит, а децата го инспирираа да почне да прави и дрвени еколошки играчки. При изработката води сметка за тоа да се премачкани со масла кои не се штетни по здравјето на децата, води сметка за големината на деловите во зависност од возраста на децата, а пред да понуди некоја од играчките, таа мора да ја помине најстрогата контрола на нашите деца“, се смее Сања.

Денес, тие двајца ја продолжуваат семејната традиција на родителите на Славко и истата приказна со организирање ручеци во нивниот двор, со таа разлика што тие наместо традиционална храна, спремаат храна која е декорирана со нивните микробилки и со јадливи цвеќиња.

„Користиме намирници кои се произведени локално, исто тако користиме вино произведено во Македонија, од нашите колеги од Слоу фуд. Пред неколку дена имавме и посета на деца од 7 и 8 одделение и за некое време ќе организираме и работилница во нивното училиште за да ги научам како се произведуваат микробилки, кои потоа тие сами ќе ги негуваат…“, вели Сања која е среќна од својот живот на ова прекрасно место, со поглед на Охридското Езеро каде што таа и нејзиното семејство и во иднина ќе ги дочекуваат гостите од целиот свет, ќе ги угостуваат со своите специјалитети со микро билки, јадливи цветови и зачински билки и ќе им ги понудат најубавите сувенири од дрво.

Повеќе