Лекар предупредува на два рани знака на деменција кои немаат врска со меморијата

Лекар по општа медицина ги повика луѓето да обрнат внимание на два специфични симптоми кои би можеле да бидат рани предупредувачки знаци на деменција

117

Деменцијата најчесто се поврзува со губење на меморијата, но тоа не е секогаш првиот симптом што го забележуваат луѓето. Според лекарот по општа медицина, д-р Доминик Гриниер, промените често започнуваат многу порано, но семејството и блиските ги припишуваат на стрес, стареење или животни околности.

– Луѓето се толку фокусирани на губењето на меморијата што ги пропуштаат знаците кои им се пред очи. Додека семејството ги поврзе тие промени со можна дијагноза на деменција, можат да поминат месеци, па дури и години – предупредува докторот.

Тој ги издвојува двата симптома кои можат да бидат рани предупредувачки знаци на деменција, а немаат директна врска со меморијата.

1. Промени во личноста

Симптомите на деменција зависат од тоа кој дел од мозокот е зафатен. Кај фронтотемпоралната деменција, промените во личноста често се појавуваат многу пред проблемите со меморијата.

Тоа може да се манифестира како:

– однесување што не е вообичаено за личноста,

– несоодветни коментари или изјави кои претходно не би ги кажувала,

– импулсивно однесување,

– рамнодушност кон тоа како нејзините постапки влијаат врз другите,

– губење интерес за активности и хобија што претходно ѝ биле важни.

На овие промени можат да се надоврзат анксиозност, раздразливост и чести промени на расположението. Иако состојбата може да стане доволно сериозна за семејството да почне да бара одговори, ретко кој прво ќе помисли на деменција.

„Овие промени често се припишуваат на брачни проблеми под стрес или на криза во средните години, долго пред лицето да побара лекарска помош. Тоа е разбирливо, но може значително да ја одложи дијагнозата, која всушност би донела објаснување и олеснување“, вели д-р Гриниер.

2. Потешкотии со визуелната ориентација

Друг ран симптом се т.н. визуелно-просторни потешкотии.

Тие можат да вклучуваат:

– тешкотии при проценка на растојанието при паркирање или возење,

– губење во добро познати средини,

– потешко препознавање лица,

– тешкотии при снаоѓање во визуелно сложени или преполни простори.

Ова може да биде знак на форма на Алцхајмерова болест која често се дијагностицира кај помлади лица отколку што повеќето очекуваат.

„Ова е еден од најмалку препознаените рани знаци на деменција, бидејќи воопшто не личи на заборавеност. Луѓето мислат дека проблемот е во видот, концентрацијата или дека едноставно имаат лош ден. Понекогаш минуваат години пред да побараат помош“, предупредува докторот.

Повеќе