Нов тест од крвта би можел да го открие ризикот од Алцхајмер многу пред појавата на првите симптоми

Зголеменото ниво на биомаркерот p-tau217 во крвта е поврзано со значително поголем ризик од развој на деменција во следните години, покажува нова студија

57

Ново истражување покажува дека постарите лица кои немаат когнитивни нарушувања, но имаат покачено ниво на биомаркерот p-tau217 во крвта, имаат приближно 38 отсто поголем ризик во следните пет години да развијат рани симптоми на деменција.

Во текот на десет години, овој ризик бил дури 78 отсто поголем, иако истражувачите посочуваат дека овие податоци се нешто помалку сигурни, пишува Си-Ен-Ен.

– Ова ни покажува дека во иднина ќе можеме да користиме тестови на крвта кои го мерат p-tau217 за да го процениме индивидуалниот ризик од развој на когнитивни нарушувања – изјавила Рејчел Бакли, вонредна професорка по неврологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Харвард и главна авторка на студијата.

Помалку инвазивен начин за откривање на ризикот

Досега дијагностицирањето на Алцхајмеровата болест најчесто бараше скапи и инвазивни процедури, како што се ПЕТ-скенирање на мозокот или лумбална пункција.

Сепак, тестовите на крвта што го мерат нивото на фосфорилираниот тау-протеин 217 (p-tau217) можат многу сигурно да укажат на натрупување на бета-амилоидни плаки во мозокот.

Овие плаки предизвикуваат воспаление и ја нарушуваат комуникацијата меѓу нервните клетки, а можат да почнат да се создаваат со децении пред појавата на првите проблеми со меморијата или други когнитивни нарушувања – дури и кај луѓе во триесеттите и четириесеттите години од животот.

Како што се зголемува количината на бета-амилоид, во нервните клетки почнуваат да се натрупуваат и тау-протеини, создавајќи наслаги кои доведуваат до оштетување и изумирање на невроните.

Сепак, Бакли нагласува дека високото ниво на амилоид или тау-протеини не значи автоматски дека лицето ќе развие деменција.

– Но, кога раното натрупување на тау-протеини ќе се комбинира со многу високо ниво на амилоид, се чини дека токму амилоидот го поттикнува ширењето на болеста низ мозокот – објаснува таа.

Тестот засега не е наменет за целосно здрави лица

Експертите нагласуваат дека ваквите тестови во моментов не се препорачуваат за лица без симптоми, туку можат да бидат корисни кај луѓе со благи когнитивни нарушувања или со веќе напредната деменција.

– Се надеваме дека еден ден тестот p-tau217 ќе функционира слично како тестовите со кои го проценуваме ризикот од дијабетес или срцев удар – само што овој ќе го проценува ризикот од Алцхајмерова болест и деменција – вели Бакли.

Не треба да биде единствен показател

Д-р Ричард Ајзаксон, директор за истражувања во Институтот за невродегенеративни болести на Флорида, смета дека резултатите од ваквите тестови не треба да бидат единствена основа за проценка на ризикот.

– Никогаш не би нарачал само тест за p-tau217. Тој покажува само еден дел од сложената биолошка слика – вели Ајзаксон.

Според него, настинка, проблеми со бубрезите и други состојби можат да влијаат врз резултатите и да доведат до лажно позитивни наоди.

Наместо само за поставување дијагноза, тој ги користи овие тестови и за следење на ефектите од терапијата и промените во животниот стил.

Речиси половина од случаите би можеле да се спречат

Истражувањата покажуваат дека до 45 отсто од случаите на деменција би можеле да се спречат или одложат со промени во животните навики.

Тоа вклучува редовна физичка активност, здрава исхрана, социјална ангажираност, когнитивни вежби, квалитетен сон и добра контрола на шеќерот во крвта, холестеролот и другите фактори на ризик.

– Тестот на крвта не претставува дијагноза сам по себе – нагласува Лора Нисенбаум од Фондацијата за откривање лекови против Алцхајмерова болест.

– Резултатите мора да се толкуваат заедно со когнитивните тестови и со исклучување на други можни причини за когнитивните нарушувања.

Потребни се дополнителни истражувања

Студијата се базира на повторна анализа на шест истражувања спроведени во Австралија, Северна Америка и Јапонија, во кои биле вклучени речиси 2.700 постари лица без знаци на когнитивно пропаѓање.

Сите учесници на почетокот направиле ПЕТ-скенирање и тест за p-tau217, а потоа биле следени и до период од 21 година.

Резултатите покажале дека повисоките почетни вредности на p-tau217 биле значително поврзани со поголем ризик од развој на когнитивни нарушувања, дури и кога биле земени предвид генетските фактори на ризик, како што е варијантата на генот APOE4.

Сепак, научниците предупредуваат дека истражувањето е сè уште во рана фаза и дека резултатите треба да бидат потврдени на поголеми и поразновидни групи испитаници.

И покрај тоа, експертите сметаат дека тестовите од крв, во комбинација со проценка на когнитивните функции, би можеле во иднина значително да го олеснат раното откривање на Алцхајмеровата болест и навременото преземање превентивни мерки.

Повеќе