Марко сака да јаде! Зошто некои деца зборуваат за себе во трето лице и кога е време да побарате помош?

Иако може да биде многу слатко и смешно да се слушне детето како зборува за себе во трето лице, вистината е дека во одреден момент треба да се преземе нешто во врска со тоа, бидејќи станува збор за застој во говорот

102

Марко сака да јаде, е обична реченица на која можете да се насмеете и да му дадете на Марко да јаде. Звучи симпатично и смешно кога вашето илои кое било друго дете зборува за себе во трето лице. Зборувањето за себе во трето лице често е тема на хумористичните серии, па сосема е очекувано ваквиот говор на вашето дете да ве насмее и да ви биде симпатичен. Но, дали е во ред детето така да зборува за себе и зошто го прави тоа?

Одговорот лежи во мало, но не секогаш загрижувачко доцнење во развојот на говорот.

Стекнувањето говор е важна пресвртница во развојот на детето. Детските комуникациски вештини се развиваат и напредуваат додека децата растат и комуницираат со нивната околина. Сепак, понекогаш може да има одложувања или стагнација што укажува на тоа дека треба да работиме на проблемот. На пример, ако вашето дете зборува за себе во трето лице, можеби ќе треба да се консултирате со специјалист за да ја утврдите причината за ова однесување.

Луѓето зборуваат во прво лице, односно ја користиме заменката „јас“ за да ги изразиме нашите желби, искуства и мислења. Кога детето зборува за себе во трето лице, обично ги користи заменките „тој“, „таа“, „тие“ или своето име. Овој феномен е прилично впечатлив и може да биде предизвикан од различни причини. Еве ги најчестите причини и како можете да му помогнете на вашето дете.

Дали зборува во трето лице?

Размислете за говорот на вашето дете. Можеби не ни забележувате дека тоа се случува, па преиспитајте се и обидете се да се потсетите на некои од изјавите на вашето дете: дали обично зборува во трето лице, како „Марија сака повеќе слатки“, „Не сака да се бања“ или „Му се спие?“ Овој тип на вербално изразување е вообичаен во раните години, односно до возраст од околу три години. Но, со наполнети 4-години ваквата комуникација може да нè предупреди на поголем проблем.

Ваквата комуникација може да биде дел од процесот на созревање, но ако детето веќе е во предучилишна возраст и уште зборува така, треба да се запрашаме дали го имитира она што го гледа дома. Ако размислите добро, не е невообичаено да му кажеме на детето: „Мама е уморна“ или „Тато не може да си игра со тебе во моментов“. Тогаш постои можност детето едноставно да го копира овој вид говор.

Причини за говор во трето лице

Важно е да се земе предвид дека постојат и некои медицински причини кои можат да предизвикаат децата да зборуваат во трето лице. Тоа се, на пример, психоза или одреден степен на нарушување од спектарот на аутизам.

Детска психоза

Детската психоза вклучува широка група на нарушувања кои имаат заедничка основа: детето не е во состојба да направи разлика помеѓу неговата внатрешна реалност и неговата надворешна реалност. Затоа, погрешните сфаќања, нелогични мисли и фантазии се земаат за вистинити и предизвикуваат конфузија и мешање во секојдневниот живот на детето. Зборувањето за себе во второ или трето лице е само мал дел од симптомите што можат да се појават во овој случај. Детето може да каже „гладен си“ или „тој е гладен“ наместо во прво лице – јас сум гладен. Ова може да значи дека детето има потешкотии да го препознае сопствениот идентитет. Психозата е ретка кај децата и обично се јавува во втората деценија од животот. Сепак, некои симптоми на детска психоза може да се појават уште на тригодишна возраст.

Нарушување од спектарот на аутизам

Нарушувањето од спектарот на аутистизмот може да се појави во различни степени и да влијае на секое дете различно. Меѓутоа, зборувањето за себе во трето лице, второ лице или со прашања е нешто што често се поврзува со ова нарушување и е важен предупредувачки знак. Понекогаш првите индиции може да се фатат уште порано, но ова може да биде јасен показател дека има проблем. Ако се сомневате, дефинитивно консултирајте се со експерт.

Секогаш распрашувајте се и прашувајте

Сè на сè, причините зошто детето може да зборува за себе во трето лице може да бидат различни и не се сите еднакво сериозни. Постои голема веројатност дека тоа е само едноставно доцнење во комуникацијата, а може и да има важно нарушување кое бара третман. Во секој случај, експертите можат да ја постават дијагнозата и да ги насочат родителот и детето на најсоодветните интервенции. Во овој случај, педијатар, невролог, детски психолог, логопед може да ви биде од голема помош.

Повеќе