Недостатокот на активност во детството предизвикува оптоварување на срцето во пубертетот

Оптоварувањето на срцето било особено големо кај адолесцентите кои акумулирале ниско или никакво ниво на енергична физичка активност.

181

Според една неодамнешна финска студија спроведена на Универзитетот Јиваскила високото ниво на седечки начин на живот и физичката неактивност од детството го оптоваруваат срцето подоцна во животот, за време на пубертетот и адолесценцијата.
Високото оптоварување на срцето на толку рана возраст е увертира за срцева слабост и други срцеви заболувања.

Затоа, зголемувањето на умерена, па дури и енергична физичка активност од детството па натаму е особено важно во превенцијата од разни срцеви заболувања.

Во заедничко истражување на Факултетот за спортски науки на Универзитетот во Јиваскила и на Институтот за биомедицина на Универзитетот во Источна Финска, седечкото однесување (седентарен начин на живот) и физичката активност биле следени од детството до доцната адолесценција во текот на осум години. Нивоата на седечко однесување и физичка активност биле следени кај 153 адолесценти.

Студијата покажала дека адолесцентите кои акумулирале високо ниво на седење и ниски нивоа на умерена до енергична физичка активност од детството па наваму, имале далеку поголемо ниво на оптоварување на срцето во адолесценцијата.

Оптоварувањето на срцето беше особено високо кај адолесцентите кои акумулирале малку или никакво ниво на енергична физичка активност.

Покрај тоа, високите нивоа на седечки начин на живот и ниските нивоа на физичка активност се поврзани со повисок процент на вкупните телесни масти. Процентот на телесните масти делумно ја објаснила поврзаноста помеѓу седечкото однесување, физичката активност и срцевиот обем на работа. Лесната физичка активност, од друга страна, не била поврзана со срцевото оптоварување.

Овие резултати ја нагласуваат важноста од зголемување на физичката активност, особено умерената и енергична активност, намалувањето на седечкото однесување и превенција на прекумерната тежина од детството за превенција од срцеви заболувања.

Како што изјавил еден од авторите на оваа студија, д-р Еро Хаапала, младите поминуваат девет до десет часа дневно седејќи, а само еден од десет адолесценти акумулирал 60 минути умерена до енергична физичка активност дневно, наведувајќи дека тоа се загрижувачки бројки.

„Високите нивоа на дневна умерена до енергична физичка активност треба да бидат нормален дел од детството и адолесценцијата, бидејќи го подобруваат здравјето на срцето, но и општото здравје на младиот човек“, нагласил д-р Хаапала.

Повеќе