Моето дете се вознемирува секогаш кога не сум до него

Помеѓу осум месеци до една година е периодот кога децата растат и сѐ повеќе стануваат свесни за одвојувањето од своите родители. Најчесто тоа е периодот кога се појавува и сепарационата анксиозност, односно секогаш кога родителите ќе ги остават во градинка или пак некој друг да ги чува, нивната вознемиреност расте.

767

Бебињата прилично добро се адаптираат на оној кој се грижи за нив и сѐ додека нивните потреби се задоволени, бебињата помали од шест месеци лесно се прилагодуваат на луѓето околу себе. Помеѓу четвртиот и седмиот месец од возраста тие сфаќаат дека нештата и луѓето постојат и кога се надвор од нивното видно поле. Кога околу себе не можат да ги видат своите родители, бидејќи сѐ уште не можат да го сфатат концептот на време, имаат чувство дека тие си заминале и можеби нема да се врата. Тоа ги вознемирува и тие може да плачат сѐ додека нивната мајка, татко или оној кој се грижи за нив не се повторно во нивна близина.

Помеѓу осум месеци до една година е периодот кога децата растат и сѐ повеќе стануваат свесни за одвојувањето од своите родители. Најчесто тоа е периодот кога се појавува и сепарационата анксиозност, односно секогаш кога родителите ќе ги остават во градинка или пак некој друг да ги чува, нивната вознемиреност расте. Најчесто одвојувањата од родителите се проследени со силна вознемиреност и долго и неутешно плачење, прилепување за родителот кој не сакаат да го пуштат и со незаинтересираност за останатите луѓе околу себе.

Времето на појава на сепарационата анксиозност може да варира, кај некои деца може да се појави подоцна, помеѓу 18 месеци и две и пол години, додека некои деца никогаш не го доживуваат. Понекогаш одредени животни ситуации како што се преселба, нова градинка, нова личност која се грижи за детето, семејни кризи или добивање на нов член во семејството, може да ја потикнат појавата на сепарациона анксиозност.

Колку долго ќе трае оваа состојба е индивидуално и има повеќе фактори од кои тоа зависи. На пример, тоа зависи од темпераментот на самото дете и од тоа како родителот ќе реагира во одредени ситуации. Кај некои деца таа состојба  може да трае до поаѓање во училиште додека, кај некои ќе се надмине за многу краток период.

Доколку сепарационата анксиозност се појави кај постаро дете и е проследена со честа загриженост за безбедноста на своите родители, појава на главоболки или стомачни тегоби, проблеми со сонот, одбивање да се оди во училиште и слично, во ваков случај можно е да станува збор за некаков силен стресен настан, за што најдобро би било да се побара стручна помош.

Како може да му помогнете на вашето дете за полесно да го помине овој предизвикувачки период?

Рутината е многу важна, затоа обидете се да правите што е можно помалку промени, доколку е можно не ја менувајте градинката или личноста која се грижи за вашето дете кога вие не сте дома. Исто така обидете се да не заминувате кога вашето дете е гладно или уморно, темпирајте го времето, секако доколку е можно, откако ќе се разбуди, ќе биде нахрането и смирено.

Дајте си време и себеси и на вашето дете. Полека воведувајте нови луѓе и нови места. Ако планирате да го оставите да го чува некоја личност во вашиот дом , тогаш неколку дена по ред поканете ја да доаѓа и во ваше присуство да поминува време со детето. Доколку планирате градинка почнете постепено, најпрво краки посети за да го запознае просторот, личноста која ќе се грижи за него, но и да се навикне да биде одвоено од вас.

Бидете смирени и доследни кога го оставате. Направете и ритуал на разделба во кој ќе го гушнете, ќе му покажете љубов и ќе му објасните кога ќе се вратите. Бидејќи децата како што веќе кажавме не го разбираат концептот на време, обидете се со нешто за нив разбирливо како на пример, после ручекот или после попладневното спиење. Особено е важно да го посветите вашето целосно внимание кога се поздравувате и заминувате.

Секогаш исполнете го ветувањето, вратете се кога сте му ветиле на вашето дете. На тој начин вашето дете ќе развие доверба и ќе се чувствува безбедно да го помине времето разделено од вас.

Иако ова е доста предизвикувачки период за секој родител, запомнете дека оваа фаза ќе помине. Тое е сосема нормално однесување и претставува значаен знак за убава конекција помеѓу вас. Вашето дете расте, учи да гради однос и со останатите луѓе околу себе и вие трпеливо ќе му помогнете да се чувствува безбедно дури и кога не сте до него.

Пишува: Александра Стојановска, психолог, семеен системски советник

Повеќе