Украински деца го украдоа вниманието за време на интервјуто на мајка им за Си-Ен-Ен

Во интервју со водителот на Си-Ен-Ен, Андерсон Купер, во живо од засолништето, Олена Гнес известуваше за настаните во Киев, додека нејзините деца правеа гримаси пред камерата и пред многу гледачи на Си-Ен-Ен.

427

Украинката Олена Гнес во интервју со водителот на Си-Ен-Ен, Андерсон Купер, во живо од засолништето, известуваше за настаните во Киев, додека нејзините три деца скокаа наоколу и правеа гримаси пред камерата на Си-Ен-Ен. А што би правеле друго после 36 часа престој во подрумска просторија додека наоколу паѓаат бомби.

Олена во разговорот со Купер вели дека децата се полни со енергија и не знаат како поинаку да се ослободат од неа.

„Особено затоа што бараме од нив да бидат тивки цело време“, вели таа. „Ние сме во затворени простории без сончева светлина и, да, навистина е тешко за децата“.

Нејзините деца, за кои рече дека имаат четири месеци, пет и седум години, прават акробации, имитираат тигри и крокодили, а тоа го насмеа водителот.

Олена го спомена рускиот напад на театарот во Мариупол, кој обезбедуваше засолниште за децата, опишувајќи го денот како најтежок за неа досега. „Срцето навистина ми крвари откако ја прочитав оваа вест и навистина се чувствувам како моите сестри и моите браќа, моите деца да беа убиени во Мариупол и на други места“, вели таа.

Олена додава дека нејзините деца се свесни за се што зборуваат возрасните во прифатилиштето, иако се мали, и тврди дека чувствуваат колку сите се под стрес, иако верува дека сепак добро им оди и дека се справуваат со се.

Таа додава и дека постојано прашуваат за Владимир Путин. „Зошто тој е толку лош човек? Зошто ја уништува Украина? Зошто убива луѓе?“

Повеќе