На децата им е последен училишен ден, а што ви е вам 10 јуни?
Тој 10 јуни, кога падна договорот за нашиот глупав експеримент, не можевме ниту да претпоставиме дека четири децении подоцна, ние две, најдобрите другарки и најдобар пар за ластик, еден ден ќе седиме во болничка соба во која ќе евоцираме спомени и ќе го чекаме твојот крај. На што ве потсетува вас 10-јуни, последниот ден на учебната година?
Обично, последниот ден од училишната година е убав затоа што е крај на обврските и почеток на летните одмори, на оние убави, долги и мрзеливи денови кога имате време да правите се за што сте немале време додека сте биле на училиште.
Секако, не за сите. И порано и сега има и такви кои ќе мораат да учат и преку лето за да ги поправат единиците кои не успеале да ги поправат во текот на целата година.
Јас не го доживеав тоа никогаш, но особено во тоа време, додека бев бубалица во основно, ова ми звучеше навистина страшно. Но кога мојот идол, мојата постара сестра во средно имаше единица за која требаше да учи и да полага преку лето, откако го апсолвиравме тоа, главна преокупација ни беше како да не дознаат за тоа родителите, а не како ќе ја поправи.
И така, тие не дознаа, а таа мораше да учи кришум додека бевме на одмор. За да не биде сомнителна, го правеше она што преку година изгледаше малку поинаку: во стрипот го ставаше учебникот и учеше.
Потоа се смеевме на тоа. Се смеевме и затоа што синот на пријателите на нашите родители со кои кампувавме во Грција имаше барем 3 единици и иако бевме на одмор, постојано го тераа да учи и покажувајќи на неговата врсничка, сестра ми, му велеа: „Е така ти е кога спиеше цела година, види ја неа, си учела и сега ќе си ужива, ќе си чита стрипчиња“.
Се разбира, сестра ми положи без проблем, а ние долго се сеќававме на тоа лето и на криењето на учебникот во стрип.
Но темата беше нешто друго, темата беше на што се сеќавате вие од вашите последни училишни денови? Секако, одговорот сигурно не е ист кога последниот училишен ден е и последен ден од школувањето во основно или во средно и кога тоа значи и разделба со другарите и со некои од омилените наставници.
Обично по завршувањето на основно, оние кои беа најдобри другари се запишуваа во исти средни училишта, а особено ако тоа беше гимназија.
Така беше речиси со сите, освен со мене и мојата Сузе, мојата најдобра другарка од прво до осмо.
Неодамна, односно, последните денови од нејзиниот живот, додека ја посетував за време на нејзиното боледување, време кога повторно се зближивме, иако никогаш не сме престанале да се сакаме, таа ме потсети на причината поради која не сме го продолжиле заедно школувањето и во средно.
„Сузе бе, зошто не се запишавме во иста гимназија, се сеќаваш ли? Стално се прашувам и не можам да се сетам со кој памет сме се разделиле кога бевме најдобри и нераздвојни другарки од моментот кога после првиот училишен ден ти помина по мојата улица и ми мафна, ти текнува?“
„Ми текнува, ама како не ти текнува тебе зошто го направивме тоа?! Памтиш дека јас и ти стално правевме некакви „експерименти“, нели? Епа и тоа беше еден од нашите експерименти…сакавме да видиме дали ќе продолжиме да бидеме најдобри другарки и ако се запишеме во различна гимназија, ти текнува?“
„Даааааа, леле навистина, ми се вратија сега спомените. Памтам и дека дента кога тргнувавме во средно се чекавме на Партизанска. Одевме заедно до некаде, а после јас отидов преку улица, во „Никола Карев“, а тие продолжи накај „Орце Николов“. Се гушнавме и си посакавме среќен прв ден во новото школо. Леле колку сме биле будали“, ѝ реков јас.
А што се случи со експериментот? Па излезе дека, едноставно, кога не си во исто училиште, неизбежно е да се зближиш со некои нови луѓе и да немаш време за толку интензивно дружење какво што се има кога ја делите клупата и се што ви се случува во училиштето и после него.
И така, иако нашето дружење продолжи, низ годините се оддалечивме. Секое среќавање беше како да не сме се разделиле, но стануваше се поретко.
Не бев таму кога таа се омажи, ниту таа беше со мене кога јас се омажив, ама дојде кај мене кога стана мајка, со нејзиното прво синче Никола. Знаевме некогаш да седнеме на кафе или да се изнагушкаме и изнамуабетиме пред маркетот кадешто сме се сретнале. Но не бевме веќе најдобри другарки во таа смисла, да имаме непрекинат контакт, да се слушаме, да се гледаме и да ги споделуваме работите од нашите секојдневија.
Сепак, љубовта остана засекогаш непроменета. Не ги поминавме заедно средношколските денови, деновите на факултет, ниту најважните настани во нашите животи. Но ги поминавме заедно нејзините последни денови.
Тој 10 јуни, кога падна договорот за нашиот глупав експеримент, не можевме ниту да претпоставиме дека четири децении подоцна, ние две, најдобрите другарки и најдобар пар за ластик, еден ден ќе седиме во болничка соба. Дека јас ќе ѝ ги масирам нозете за да може да заспие или пак, во оние подобри денови, со малку помалку болки, ќе си раскажуваме за работите што сме ги пропуштиле. И секој 10-јуни мислам на тоа колку пропуштивме, но и колку тоа не го смени она цврсто другарство што започна кога имавме по 6-7 години.
Затоа, не правете експерименти. Ако има шанси, продолжете го патот заедно бидејќи, ниту едно другарство не е исто како она од детските денови.