На висон, на високо, на вишнине… Вишни е новата мека за христијаните и туристите

До скоро немав поим каде е Вишни, а сега, по една недела таму, веќе размислувам да се преселам. Тоа е селото кое верувам, наскоро ќе стане вистинска мека за христијаните и за туристите. Ако одите, качете се до пештерската црква во која некогаш живеела света Спаса и ѕирнете во еден друг свет, свет на чуда и чудесни исцелувања, во кој, дури и ако сте атеист, ќе се чувствувате продуховено.

8.313

Искрено, до скоро не ни знаев каде е селото Вишни, а сега, откако поседов една недела, веќе размислувам да земам станбен кредит и да се вселам во некоја друга од селските куќи кои се на продажба во местото кое верувам, наскоро ќе стане вистинска мека за христијаните и за туристите.
Особено откако Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ги внесе во диптихот на светители Спасе и Спаса Вишенски.

Ако некогаш одите, качете се до пештерската црква во која некогаш живеела Спаса Вишенска и ѕирнете во еден друг свет, далеку од овој материјалниот, свет на чуда и чудесни исцелувања, во кој, дури и ако сте атеист, ќе се чувствувате продуховено.

Селото се наоѓа во областа Дримкол, на само 8 километри од Струга, на падините на планината Јабланица, на надморска височина од 1.040 метри.
И се разбира, далеку е од скопскиот пекол, а толку блиску до вишниот, иако, неговото име не доаѓа оттаму (од „вишниот“), туку од местоположбата на селото.
„Онаму на висон, на високо, на вишнине“…

Велат, така одговарале овдешните луѓе кога ќе ги прашале каде живеат.


Според легендата, на местото на денешното село, во времето кога тука владееле Османлиите, немало ништо.
Преданието вели дека кога жителите на Радожда бегале од зулумот на башибозукот и на турскиот аскер, се криеле во планината.
Таму почнале да градат куќарки и го направиле Вишни, село во кое не видовме ниедна вишна, но затоа има многу јаболкници и круши.

За канонизацијата на Спасе и Спаса Вишенски

Пред еден месец во Вишни се случи канонизацијата на Спасе и Спаса Вишенски и од тогаш овие светители, сестрата и братот од овие краишта, беа причина поради која Вишни го разбраа и оние кои не го знаеја, а допрва ќе го разберат и уште многу други.

Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале од селото Заграчани, па откако истото било запалено од Османлиите, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир.

Но набрзо и манастирот бил запален, па света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна Црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани.
Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на освојувачите, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата православна вера, живеел како пустиник низ јабланичките шуми и се упокоил во длабока старост.

Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која таа живеела. Наводно, таа тогаш ѝ се јавила на една болна жена, Марија од Горна Белица и побарала од неа да ѝ ги собере моштите од пештерната црква на вознесението Христово, по течението на Сушица, во близина на Вишни.

Марија тогаш имала 60 години и била речиси парализирана, но откако се допрела до моштите чудесно се исцелила.


Оттогаш моштите се чуваат во кутија во селскиот храм „Свети Атанасиј“ во селото Вишни, прекриени со сребрената маска која денес ја гледаме на моштите, изработена од кујунџиски мајстори. Маската била изработена по барање на Љубинка Љашкова, во знак на благодарност затоа што света Спаса го исцелила нејзиниот тешко болен сопруг, Сандре Маркоски.

Практично, веќе постоел култ кон овие двајца светители и цели молитвени обреди поврзани со нивниот спомен.

Во книгата на професорот д-р Виктор Недески, кој ги составил житијата на двајцата нови светители, се наведуваат триесетина чуда и сведоштва за светоста на новите македонски светители.
Сите тие се запишани детално, а за секое од нив е наведено, кој и кога го раскажал или доживеал, а велат, тоа се само мал број од сите оние што се слушнати за време на истражувањата.

На гости во Вишни

Иако и само она што го прочитав беше веќе доволно возбудливо, бидејќи, не се канонизираат баш секој ден светци, следуваше нешто уште повозбудливо – поканата од една родена скопјанка, а од неодамна веќе натурализирана вишенка, Јасмина, да ја посетам во нејзиниот нов дом во селото Вишни.
Жално е единствено тоа што, во ова село кое живнува единствено за време на викендите, преку годината живеат само 30-тина пензионери.

Тука ги запознавме Богоја и Јовка, Коле, Трпе и Милка, Нове и Менче, Алексеј и Даниела, Роза и Борис, сите до еден вишенци.
Некои од нив живеат во Вишни, додека пак другите доаѓаат само во лето и за празници.
Пријатни и услужливи, луѓе кои нема да ве остават на цедило, особено ако ви се први соседи.

Ви се расипал кабелот од компјутерот, се јавувате кај соседот Богоја отпротива чија жена Јовка ги прави најубавите питулици во селото.

Ако сакате да си поседите во најубавата градина, онаа на имотот на господин Трпе и госпоѓа Милка, одите кај нив и го пиете најдоброто кафе со баклава, додека патем ви раскажуваат интересни приказни, како на пример, онаа за мајката на господин Трпе која одамна, пред да се роди тој, преспала во пештерската црква кадешто живеела света Спаса, за да се помоли да не ѝ умираат повеќе чедата.
Ако пак ви треба помош за да ги засадите розите, веднаш доаѓаат напомош соседите Алексеј и Даниела и дури тогаш сфаќате дека без нив ќе ги садевте барем 3-4 дена.
Ви требаат убави, жолти домашни јајца, одите кај Нове и Менче, жената која е позната како изработувач на најдобрите пити во селото, иако, беше фантастична и онаа на госпоѓа Милка.
Веројатно сите овие добри луѓе немаше никогаш да ги сретнам, ако не дојдев во Вишни.

Света Долина

Инаку, селото Вишни го нарекуваат и „Света Долина“ бидејќи има дури шест цркви.
Црквата „Св. Атанасиј“ е главната селска црква, а околу нејзе се наоѓаат и селските гробишта; потоа, тука е црквата „Св. Никола“, двете помали цркви „Св. Климент“ и „Св. Недела“, пештерната црква „Св. Спас“ и црквата „Св. Петка“.
Нормално, селска слава им е Спасовден и тогаш ги пренесуваат моштите на Света Спасица Вишненска во дрвено ковчеже од главната селска црква во пештерната црква чиј датум на градба не е прецизно датиран, а датумот на фрескоживописот во неа се лоцира некаде во почетокот на XV век.

Оваа пештерска црква која има и најголема важност за вишенци е лоцирана во тешко пристапен терен.
Се наоѓа на три километри североисточно од Вишни, а патот се протега покрај реката Сушица, која де извира, де пресушува. Кога ние одевме натаму, беше пресушена. За среќа, иако не предупредија дека ги има, не сретнавме ниту една змија.

Видовме една дури после некој ден, на најмалку очекуваното место, внатре, лево од моштите на Света Спаса, во главната селска црква „Свети Атанасиј“.

Кога се вративме назад заедно со човек од селото, змијата веќе ја немаше. Не утеши дека сигурно бил смокот кој обично се вртка низ дворот.

Но, да се вратиме на пештерната црква „Свети Спас“.

Втисната е во голема и висока каменеста карпа, која од дното до врвот е висока над 100 метри.
Клисурата и планинската местоположба го отежнува пристапот до неа, бидејќи треба да се оди преку стрмни падини и карпи.

За среќа, во составот на каменестата карпеста конфигурација на овој комплекс постои едно мало плато на испакната карпа, кадешто од пред повеќе години постои дрвена ограда и голем дрвен крст.
Е токму тука е местото во кое ќе ве исполнат чувствата на мир и восхит, местото поради кое, кога ќе останете сами пред импровизираниот олтар, ќе се чувствувате толку далеку од сите земни грижи и проблеми.

Блиску до небото, блиску до мирот.

Веројатно затоа и го нарекуваат – „Рајско гнездо“.

Повеќе