Наместо, облечи чорапи, ќе ти настине бешиката…Тајната на воспитување среќни и издржливи деца е во старата шведска практика

Децата не се раѓаат со предрасуди за временските услови, но можат брзо да ги усвојат негативните ставови на возрасните кон дождот, ветерот, студот и топлината. Затоа, наместо „старата македонска“: облечи чорапи да не ти настине бешиката и седи дома, надвор е ладно, научете ги децата да најдат нешпто убаво во секоја временска прилика

362

Додека Линда Акесон МекГурк растела во Шведска, нејзините родители секогаш ја охрабрувале да излегува надвор што е можно повеќе – по дожд, снег или сонце. За ова во голема мера придонел „friluftsliv“, скандинавски збор што грубо се преведува како „живот на отворено“.

„164-годишниот концепт на friluftsliv се заснова на прифаќање на природата и е голем дел од шведската култура. Кога моите деца беа мали, им дозволував да се качуваат по карпи и дрвја, да истражуваат лигави суштества, да копаат дупки и да си играат без мешање на возрасните, исто како и јас“, вели Линда која е мајка на две деца.

Иако денес повторно живее во Шведска, таа поминала одреден период во САД и се сеќава колку чудно ја гледале таму кога дознале дека нејзините ќерки најчесто дремат на тремот и си играат боси.

„Friluftsliv не е само начин да се всадат здрави навики кај децата на рана возраст – тоа е и главната причина зошто нордиските земји обично се меѓу најсреќните во светот“, верува таа и дава совети за вклучување на friluftsliv во вашиот родителски стил.

Распоредете го времето поминато на отворено
Утринските и вечерните прошетки се дел од шведската култура. Доколку времето дозволи, вечерата се служи на тремот и семејствата се собираат околу огнот.

Во нордиските земји, вообичаено е да се видат градинки на отворено или шумски училишта, каде децата го поминуваат огромното мнозинство од своето време во природа. Ако сте притиснати за време, обидете се да го комбинирате престојот на отворено со веќе воспоставената навика. На пример, пешачете со детето до градинка или училиште наместо да одите со автомобил или вечерајте на пикник во парк наместо дома, советува Линда.

Започнете со тоа што го имате
Златното правило на friluftsliv е да го користите она што го имате и што можете без дополнителен напор бидејќи природата е насекаде околу нас.

„Ако имате можност да ги однесете вашите деца на планинарење во оддалечена дивина или национален парк, тоа е прекрасно – но врските што вие и вашите деца ги правите со природата секој ден имаат поголемо влијание врз нив. Девет пати од десет, кога јас уживам со моите деца, тоа е за време на прошетка во шумата во близина на нашиот дом во Шведска“, продолжува Линда.

Не дозволувајте времето да ви го уништи денот
Децата не се раѓаат со предрасуди за временските услови, но можат брзо да ги усвојат негативните ставови на возрасните кон дождот, ветерот, студот и топлината.

Традицијата на friluftsliv нè охрабрува да најдеме нешто што ќе го сакаме во секоја сезона од годината. Во нордиските земји родителите често ја користат старата изрека: „Не постои лошо време, само лоша облека“. Ова ги мотивира децата да излегуваат секој ден, без оглед на времето.

„Се разбира, кога времето е опасно, подобро е да останете внатре. Но, во повеќето случаи, би можеле многу да извлечеме ако децата ги облечеме во согласност со временските услови и да им дозволиме да ја доживеат радоста да трчаат по дожд, да се лизгаат по ледените барички и да се освежуваат со прскалка за време на жешките денови“, заклучува Линда за CNBC.

Повеќе